Речиси е феномен тоа што успеаја да го поттикнат двајцата олдтајмерџии од Стојаково, кои со дотеран Renault 4 се упатија кон Азурниот Брег. На пристигањето во Монте Карло, Ѓорѓи и Џоко доживеаја едно пријатно изненадување
Една објава на социјалните мрежи доведе до стадиумот, кога пет денови подоцна, потфатот на Џоко Шуклев и Ѓорѓи Николов активно го следат илјадници фанови и реагираат со исто толку лајкови, споделувања, коментари. Двајцата авантуристи појдоа на 14-ти август од Стојаково, на пат за Азурниот Брег – со Renault 4, реставрирано совршено до тој степен, што фотографиите кои се објавуваат на профилот на фејсбук би можеле да измамат многумина дека потекнуваат од некое друго време.
Токму временскиот фактор се чини дека има извесна заслуга за оваа досега невидена еуфорија што го следи потфатот „Од Стојаково до Ница со Рено 4“. Што точно ги наведе олдајмерџиите од Стојаково да го реализираат патувањето не е толку важно. Важно е тоа што временската рамка како точно да се погоди за моментот кога сé наоколу е ставено под знакот на политиката и во секој збор или чин речиси рефлексно се бара политичка заднина.
Со секое лајкување и коментирање на многубројните објави, народот како да „тагира“ за стоп на присилното оптоварување на секојдневието и за посветување на човечките вредности и индивидуални достигнувања. Некои ќе го наречат тоа трезнење. Според објавите на профилот, не е изненадување тоа што вестите за напредувањето на авантурата се пречекуваат речиси фанатично.
Нашата олдтајмер-репрезентација денес е во Монте Карло. Персоналот на хотелот очигледно ја препозна непроценливата вредност на македонскиот Renault 4, па заради превентива го смести возилото во ВИП-гаражата, покрај Rolls-Royce и останати скапоцености кои го сочинуваат сообраќајот во престолнината на играта на добра среќа и на лесниот живот.
Мештаните чекаа во редици да се фотографираат покрај најславниот Renault 4 во македонската историја
Претходно, овој автомобилски поп-тандем успеа да најде обиколница по уривањето на мостот покрај Џенова, којшто беше дел од итинерерот, па на момент дури организираше и наградна игра. Дека патувањето се одвива во атмосфера коајшто е сé освен здодевна, посведочија и објавите во коишто мештани на италијанската Горица се фотографираа покрај небесно синиот Renault 4.
Феноменот „Од Стојаково до Ница со Рено 4“ се случува во време кога македонската автомобилска сцена е тотално замрена и изгубена, со магазини кои продолжуваат да се печатат единствено заради компензација, одамна напуштени од публиката, а воедно и во услови кога медиумите практикуваат да се утешат за висока посетеност, додавајќи „спонзорирано“ покрај содржините кои ги објавуваат.
„Стојаково“ очигледно се одвива апсолутно спонтано, тоа сервира содржини што се над начелата на Цукерберг, содржина којашто сама си ја пронаоѓа публиката. Овој филм што ни го приредија Шуклев и Николов некако асоцира на продолжение на легендарниот „Балкан Кан“ на Митревски, со малку видоизменето сценарио.
Публиката на Шуклев-Николов веќе размислува како да ги пречека своите херои. Тие мошне веројатно ќе имаат далеку побројна публика при најавеното пристигање на 24-ти или 25-ти август, пред кафе барот Икс во Стојаково. Тоа би било вистинското оддолжување.