за

Renault Twingo GT го враќа духот на легендарниот 5 GT Turbo

Стилската врска меѓу Twingo и народскиот и култен „cinque“ од 1970-те е очигледна. Но, со концепцијата, Twingo е „суперавтомобил“, со мотор и погон назад. Овој концепт сега добива уште поголема смисла со Twingo GT.

Малечок автомобил со погон и со мотор назад, турбонатполнење, без преголема агресивност во визуелната најава на способностите. Таков е Renault Twingo GT и никој како него досега не успеал толку совршено да ги соедини сите историски моменти на малечките и брзи автомобили на француската марка. Новата верзија GT во гамата на Twingo инстантно ги буди асоцијациите на Renault 5 Turbo, Alpine Turbo, GT Turbo, на моделите што на автомобилските ентузијасти им значат многу и зафаќаат дебело поглавје во историјата на марката.

Renault Twingo GT

Twingo GT се надоврзува на оваа традиција со турбо-моторот со 110 КС и со сето останато што Французите секако умеат да го изведат вкусно кога станува збор за малечките брзи автомобили. Не е страшно тоа што турбомоторот е само „навиена“ верзија на 0,9-литарскиот трицилиндарец.  Посебноста на Twingo GT е што овој способен мотор со 110 КС се надоврзува одлично на динамичната основа на малечкиот Renault, со погон на задната оска и со мотор назад.

Повеќето стилски детали се преземени од студијата Twin’Run

Во изгледот се препознаваат многубројни детали што беа прикажани со концептот Twin’Run, кога стана очигледно дека Renault има намера да го реализира моделот во серија. Првото појавување на Twingo GT во јавноста ќе се случи на 23-ти јуни, на традиционалниот Фестивал на брзината во Англија, на имотот на Лорд Марч.

Renault Twingo GT

Моторот TСe 110 ја комбинира моќноста од 110 КС со вртежен момент од 170 њутнметри. Наспроти стандардната верзија на TCe 90, моќноста во GT е зголемена за 20 КС со комплетно нов вшмукувачки тракт и сменето мапирање на моторот, а за динамиката се грижи и сменет пренос во менувачот. Заедно со зголемената моќност доаѓаат стегнато и спуштено подвозје, посебно калибрирана контрола на стабилноста што не реагира толку панично при подинамичне возење и прогресивно сервоуправување. Тоа дополнително ја унапредува управливоста којашто му е веќе вродена на Twingo, со мотор и погон назад.

Бандажите од 17 инчи обезбедуваат самоувереност во појавата на GT, заедно со страничните канали за воздух, двојната издувна цевка и специјално нијансираната портокалова боја на каросеријата, со којашто Renault не случајно се повикува на својата спортска историја. За Twingo GT ќе бидат достапни уште три бои, сива, црна и бела, сите задолжително во комбинација со портокалови детали во кабината, облоги во вратите со стилски потпис на Renault Sport, алуминиумски педали и глава на рачката на менувачот од истиот материјал.

[FAG id=24631]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

McLaren повторно со специјален модел и повторно распродаден

Nissan Navara со теренско крштевање на Бистра