Здружените француско-јапонски сили во следните четири години ќе претстават над 10 модели со технологија за автономно возење. Renault и Nissan ветуваат дека технологијата ќе биде понудена по достапни цени.
Алијансата Renault-Nissan се подготвува за следниот голем чекор, по масовното воведување на електричниот погон. До 2020 година, француско-јапонското партнерство ќе претстави над десет модели со технологија за автономно возење. Тоа е знак дека цената на „автопилотот“ веќе има достигнато ниво коешто може да допре до најширокиот круг купувачи. Системите за автономно возење ќе бидат достапни во моделите од стандардната понуда на пазарите во Европа, САД, Јапонија и Кина. Во исто време, алијансата работи и на софтверски апликации за олеснување на работењето во возилото, за забава и за поврзување со социјалнтие мрежи.
Карлос Гон, шеф на Renault-Nissan и еден од најголемите автомобилски визионери во денешницата, ја објаснува својата стратегија: „Алијансата Renault-Nissan си постави двојна цел – нулта емисија и нула жртви во сообраќајот. Таа се посветува на развој на автономното возење, како и на мрежното поврзување за масовниот пазар и во големосериските возила на три континенти.“
Renault-Nissan е лидер во подрачјето на мобилноста без емисија на штетни материи. Од стартот на продажбата на електричниот Nissan Leaf во декември 2010, на пазарот досега се пуштени над 300.000 возила со погон на струја.
Бројот на жртви во сообраќајот намален за 80 проценти за 15 години
Дополнително се работи и на безбедноста на возилата. Бројот на жртви во сообраќајот во возилата на Nissan во Јапонија, во последните 20 години е намален за над 60 проценти. Кај Renault, бројот во последните 15 години е намален уште повеќе, за дури 80 проценти. Двата партнера очекуваат дека технологијата на автономно возење ќе придонесе за значително намалување на бројот на незгоди поради грешки на возачот, коишто се причина за 90 проценти од незгодите во сообраќајот.
Реализацијата на планот започнува веќе годинава, со системот Single Lane Control, којшто овозможува возилото самостојно да се движи по автопат, без менување лента, вклучувајќи и самостојно запирање и поаѓање при возење во метеж. Од 2018 година ќе се нуди и Multiple Lane Control, кој ги препознава и совладува опасностите на патот, но е во состојба и самостојно да преоѓа од една во друга лента на автопат. Две години подоцна, понудата од системи за автономно возење ќе се заокружи и со Intersection Autonomy, кој преоѓа крстосница без ангажирање на возачот. Сите овие системи поседуваат можност за конфигурирање. Секако дека тие можат да се исклучат по желба на возачот.
Renault и Nissan располагаат со буџет од пет милијарди долари за истражување и развој, со центри за развој на нова технологија во Јапонија, Франција и САД, како и неколку помали центри во Индија, Бразил, Романија, Кина и други земји.