за

Renault Megane RS Trophy 275 TCe: Ова е идниот рекордер?

Во март, Seat Leon Cupra му го одзеде рекордот на Renault Megane RS Trophy на Нирбургринг и стана најбрз автомобил со преден погон. Но, титулата не се предава туку така.

Чест за секој производител е да држи рекорд на најбрз круг на Нирбургринг. Кај автомобилите со преден погон, до неодамна рекордот го имаше Renault Megane Trophy RS, кој со своите 265 КС ја извозе патеката за осум минути и осум секунди. Тоа е сериски автомобил што за триесетина и повеќе илјади евра може да го купи секој.

Но, во март се појави еден автомобил што го извозе „Зелениот пекол“ за седум минути и 58 секунди – Seat Leon Cupra 280. Ова е време што заслужува почит дури и од рели легендата Валтер Рерл, кој уште на времето се има изјаснето дека не става шлем за време подолго од осум минути. Шпанскиот тркач не е единствената главоболка за Renault. На 22-километарската патека тренира и Honda со идниот Civic Type R, со цел да го извози најбрзиот круг. Постои голема неизвесност околу Civic, затоа што Јапонците уште не откриваат точно колку КС ќе има нивниот тркач.

Renault ќе поставува нов рекорд на 16-ти јуни, под мотото „Under8“. Како основа за тоа ќе послужи новиот Megane RS Trophy 275 TCe, во ограничена серија примероци. Секој од нив ќе чини 38.000 евра и за тие пари неговиот дволитарски турбо ќе нуди 273 КС при 5.500 вртежи во минута, наспроти 265-те КС на досегашниот „супер-меган“. Максималниот вртежен момент изнесува 360 Nm при 3.000 вртежи, а за добар спринт, на моторот му е дозволено да врти до 6.800 во првиот и вториот степен. Крајната брзина и забрзувањето не се спомнуваат. За ориентација, 265-ката забрзува за 6,0 секунди и вози до 254 km/h.

Издувниот систем носи печат на словенскиот специјалист Akrapovic, изработен е од титан, поради што е полесен од серискиот, но има и полут звук. Впечатлив детал е крајната издувна цевка од карбон. Други белези на врвната верзија Trophy се заоблениот спојлер под предниот браник и нумерираните прагови на вратите. Бандажите се од Speedline, со пречник од 19 инчи и изведени се од тркачката верзија на Megane RS. Сериски се вградува спортско подвозје, со механичка блокада на диференцијалот. Предните седишта се од Recaro, обложени со кожа и алкантара. Крајниот печат е на потпирачите за глава, каде што е втиснато логото Renault Sport.

Renault_57363_global_en

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Сан Франциско: Заработка од препуштање слободен паркинг

Класата C на Mercedes доаѓа и од Јужна Африка