Renault Mégane R.S. Trophy-R постави нов рекорд за сериски возила со преден погон на патеката Спа Франкоршамп. Времето на Honda Civic Type-R е подобрено за цели пет секунди.
Производителите имаат ново време што треба да го подобрат доколку сакаат да постават рекорд за модел со преден погон на белгиската патека Спа Франкоршамп. Renault Mégane R.S. Trophy-R ја извозе патеката за 2:48,338 минути. Посебната изведба на спортскиот Mégane R.S. Trophy со смалена тежина беше побрз за пет секунди од досегашниот рекордер на патеката за формула 1, Honda Civic Type-R. Шампионското возење се случи за време на R.S. Days, настан што француската марка го организира во чест на својата долга традиција во мотоспортот.
Ова е веќе втор рекорд за Trophy-R за време од два месеци. Спортскиот автомобил што е врвно подготвен од експертите на Renault Sport претходно постави рекорд во својата класа на Нирбургринг – Нордшлајфе.
За Trophy-R се одземени 130 килограми од тежината на Renault Megane R.S. Trophy
Како основа служи Mégane R.S. Trophy, на којашто се извршени преправки во подвозјето и во аеродинамичноста, но и тежината е смалена за околу 130 килограми. Под хаубата работи истито 1,8-литарски турбо бензинец со 300 КС.
Спа Франкоршамп се цени како една од најпредизвикувачките тркачки патеки во светот. Поради големата висинска разлика и брзите свијоци, патеката долга 7.004 метри се нарекува и „арденски тобоган“. Трката за големата награда на Белгија таму се одржува уште од 1950 година.
0 Comments