за

Renault Kangoo Z.E. доставува товар возејќи на батерии

Renault Kangoo Z.E.

До 270 километри со едно полнење и без ниту грам штетни материи. Renault Kangoo Z.E. Доби нова батерија и достапен е по интересна цена. Батеријата не мора да се купува, туку може и да се изнајмува.

Renault Kangoo Z.E ги следи чекорите на семејниот електромобил Zoe и во новото моделско годиште пристига со зголемен досег. Доставните возила со погон на батерии наидуваат на растечки интерес во земјите од ЕУ. Францускиот специјалист со обновувањето на гамата уште повеќе ја зајакнува својата водечка позиција во овој сегмент.

Renault, заедно со јапонскиот партнер Nissan, држат половина од пазарот на лесни доставни возила со погон на струја на пазарот во Европа. Од почетокот на годинава, двете марки имаат продадено близу 3.000 примероци.

Renault Kangoo Z.E. на францускиот пазар чини нешто повеќе од 20.000 евра

Оваа повластена позиција на двојката Renault-Nissan се должи на квалитетите на електричниот погон, но и на интересните можности за финансирање. Цената на Renault Kangoo Z.E со новата батерија Z.E.33 без ДДВ, на францускиот пазар изнесува 20.820 евра, односно околу 22.000 евра за продолжената изведба Maxi.

Renault Kangoo ZE 6146

Оваа цена важи при договор за месечно изнајмување на батериите. Договорот е ограничен на 7.500 километри годишно. Месечната рата за батериите изнесува 58 евра месечно. За лимитот да се помести на 10.000 километри, месечната рата е повисока за околу осум евра.

Француската влада плаќа 10.000 евра за замена на старо возило со нов електромобил

Французите за првпат кај доставното комби нудат можност и за купување на батериите. Тоа сепак чини 9.100 евра. На францускиот пазар, купувачите во секој случај добиваат големи повластици при купување електричен автомобил. Владата плаќа 10.000 евра доколку старо возило се замени со нов електромобил. На тоа следуваат многубројни привилегии во секојдневието, меѓу другото и слободен пристап во центарот на градовите.

Renault Kangoo ZE 5146

Renault Kangoo Z.E достапен е во две верзии. Стандардна со должина од 4,28 метри и Kangoo Maxi Z.E. продолжена на 4,66 метри. Досегот со новите литиум-јонски батерии со капацитет од 33 kWh се зголемува за 100 километри. Според норма сега следуваат 270 километри, односно реалниот досег изнесува 200 километри во лето и 135 километри во зимо.

Капацитетот на батериите расте, димензиите остануваат

Иако капацитетот е за 11 kWh зголемен во споредба со претходникот, батериите од LG Chem зафаќаат ист простор. Нивната тежина изнесува 255 килограми. Електромоторот исто така е нов. Агрегатот R60 е развиен по пример на електромоторот во Zoe и располага со моќност од 60 КС и вртежен момент од 225 Nm. Крајната брзина е ограничена на 130 km/h, спринтот до сто трае 22,6 секунди.

Renault Kangoo ZE 4146

Полнењето на стандарден полнач со 230 волти и 7,4 kW трае 6 часови. За еден час енергијата се обновува за околу 35 километри. На тој начин се овозможува електричното комбе да се користи практично во текот на целиот ден.

Топлинска пумпа помага клима-уредот да троши помалку од енергијата во батериите

Опционалниот клима-уред е поврзан со топлинска пумпа, што ја поштедува енергијата во батеријата. Бидејќи пумпата првенствено ја користи топлината од атмосферскиот воздух, место енергијата од батериите, користењето на клима-уредот не го намалува досегот драстично. Разладувањето или загревањето може да се активира уште додека возилото е приклучено на полнач, така што се постигнува пријатна температура во кабината уште при поаѓањето со возилото. Програмирањето може да се изврши и преку мобилна апликација.

Renault Kangoo ZE 3146

Навигацијата прикажува каде се наоѓаат најблиските полначи. Корисникот добива и таканаречен Z.E. Pass, којшто се состои од апликација и електронска картичка. Со оваа услуга се овозможува користење на повеќето полначи низ Европа со електронска наплата.

Од лансирањето на електричната верзија на Kangoo во октомври 2011, на европскиот пазар се продадени над 25.000 примероци. Над 80.000 полначи за електрични возила во моментов се достапни за јавно користење низ територијата на Европа.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WannaCry спаси возачи од казна

Вирусот WannaCry поштеди стотици австралиски возачи од казна

Rolls-Royce Dawn Black Badge

Rolls-Royce во уште едно „темно издание“ за Гудвуд