за

Renault Grand Scenic: Французите му даваат нова шанса на ванот

По мартовската премиера на новиот Scenic на салонот во Женева, доаѓа ред и за продолжената изведба Grand Scenic, со опција за седум седишта и со багажник од 718 литри.

Вановите се важен дел од традицијата на Renault и француската марка очигледно вложува голем напор да ја задржи привлечноста на оваа талентирана автомобилска сорта, којашто е под голем притисок од кросоверите и спортските теренци. Со премиерата на новата генерација на компактниот ван Scenic на салонот во Женева, Renault докажа дека во вановите уште останува солиден потенцијал.

Овие потенцијали целосно ги искористува продолжената верзија Grand Scenic, којашто ја следи препознатливата дизајнерска нота на стандардниот модел. Должината е за 24 сантиметри поголема, со што се отвора простор за трет ред седишта, а соодветно порасна и багажникот, на 718 литри или 222 литри повеќе во споредба со Scenic. Приспособливоста на кабината е суштината на ванот и во тој поглед Grand Scenic нуди соборување на задните седишта со притискање на само едно копче, по што се добива целосно рамен под за товарање. Оригинална е можноста клупата да се собори преку дисплејот на R-Link.

Споредба на димензиите со претходната генерација

GRAND SCENIC Grand Scénic III
Висина 1,66 m +15 mm
Растојание од подлога 160 mm +30 mm
Должина 4,63 m +75
Ширина 1,86 m +20
Меѓуоскино растојание 2,80 m +35
Предна трага на тркала 1,59 m +59
Задна трага на тркала 1,58 m +44
Заден превис 899 mm -6
Преден превис 931 mm +46
Багажник (VDA)

Grand SCENIC со 5 седишта

718 dm3 +40 dm3

Како главен белег на распознавање на Grand Scenic остануваат вертикално поставените задни светла, наспроти Scenic, кадешто задните светла се ориентирани хоризонтално. Во изградбата на стилот учествуваат и алумниниумските носачи за багаж на покривот, кои следуваат стандардно почнувајќи од второто ниво на опрема и поседуваат мат финиш. Визуелна динамика внесува и дифузорот интегриран во задниот браник, лакиран во сива метална боја.

Renault направи „финта“ со гумите со димензија 195/50 R 20

Во повисоките нивоа на опрема е достапна можноста за доплата за каросерија во две бои, по пример на Captur, со покрив, ретровизори и столбови лакирани во црна или сива боја, зависно од бојата на каросеријата. Ексклузивно за Grand Scenic се нуди и новата кафена боја. Бандажите од 20 инчи во комбинација со специјална димензија на гуми 195/50 беа една од главните водилки во конструирањето на новиот Scenic. Со оваа необична комбинација од голема висина на профилот во споредба со пречникот на гумата, ванот го постигнува потребниот комфор на возење, но користи и предности во потрошувачката на гориво.

Седиштата во целото моделско семејство на Scenic имаат слична конструкција со оние во Espace, вклучувајќи масажа во поопремените нивоа. Совозачкото седиште се соборува и овозможува превоз на предмети долги до 2,85 метри. Фановите секако дека ќе ја ценат и лизгачката средишна конзола, сега со зафатнина од 13 литри, исто како и фиоката од 11,5 литри пред совозачот, по пример на Captur и Espace. Дополнителни четириесетина литри прсотор за одлагање предмети стојат на располагање во четирите прегради во подот.

Понудата од погонски единици ја сочинуваат пет дизели и два бензинци. Дополнително е достапна и верзија со „благ“ хибрид, сочинет од генератор и акумулатор со напон од 48 волти, кој ја акумулира енергијата при сопирање и на тој начин обезбедува струја за електромоторот. Продажбата на новата генерација на Scenic и Grand Scenic ќе стартува кон крајот на годината.

[FAG id=24434]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes има уште еден теренски модел во подготовка

Nissan ќе го „наелектризира“ финалето во Лигата на шампиони