157
21 shares, 157 points

Renault веќе извесно време го продава малечкиот СУВ-модел со погон на струја K-ZE во Кина. Овој автомобил наскоро ќе се појави и на европскиот пазар, веројатно под знакот на Dacia.

Електричните автомобили се исплатуваат финансиски по повеќе години. Оперативните трошоци, вклучувајќи го и одржувањето на возилото, неколкупати се пониски во споредба со автомобилите со обичен погон, но цената на возилата е релативно висока. Тоа ќе се смени.

Renault првично планираше да понуди електричен автомобил за помалку од 10.000 евра на европскиот пазар за околу пет години. Магазинот Autocar јавува дека моделот може да се појави многу побрзо. Францускиот производител планира во Европа да понуди модифицирана изведба од малечкиот СУВ со погон на струја K-ZE, кој моментно се продава единствено во Кина. Според британскиот магазин, планот е моделот да се нуди под знакот на Dacia.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Прототип на градскиот СУВ беше прикажан на салонот во Париз лани. Уште тогаш се нагласуваше дека евтиниот електромобил е развиен за кинескиот пазар. Но, малечкиот СУВ некако им беше симпатичен и на Европејците. Тоа беше еден вид тестирање, како тукашните возачки и возачи ќе реагираат на идејата, да возат електричен автомобил што е произведен во Кина.

Постои жестока конкуренција на кинескиот пазар на автомобили во ценовниот сегмент до 10.000 евра. Но, главнината од понудите се однесува на модели со обичен погон. Renault нуди погон на струја. K-ZE ја користи платформата CMF-A, развиена заеднички од Renault и Nissan. Истата основа ја користат и Renault Kwid и Datsun Redi-Go, кои се продаваат во Индија. Тоа е прв сериски автомобил што е дел од заедничката компанија на Renault-Nissan-Mitsubishi и кинескиот Dongfeng.

Достапниот Renault K-ZE ќе го освојува светскиот пазар

Електричниот автомобил постигнува досег до 250 километри, додека во реалноста може да се очекува вредност до околу 200 километри. Батеријата поседува капацитет од 26,8 kWh, електромоторот има моќност од 33 kW. Крајната брзина на Renault K-ZE е ограничена на 105 km/h.

Во Кина се нудат три различни изведби на K-ZE. Основната верзија чини под 9.000 долари, малку поопремената изведба се нуди за околу 9.400 долари, додека топ-верзијата чини 10.000 долари. Моделот сега е достапен во Кина, но наскоро ќе почне да се извезува.

New photo by Automedia MK / Google Photos

K-ZE е развиен посебно за „car-sharing“, односно како дел од јавно достапен возен парк. Помладите генерации повеќе сакаат да користат автомобил по потреба, отколку да поседуваат автомобил. Францускиот производител верува дека моделот ќе постигне голем успех, како дел од оваа веќе масовно застапена опција за мобилност во европски рамки.

Со помал досег и послаб електромотор, K-ZE ќе биде значително подостапен од актуелниот електромобил на Французите, од Renault Zoe. Повеќе независни компании, главно европски стартапи, најавуваат автомобили со погон на струја, со цена од околу 15.000 евра, веќе од следната година.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

157
21 shares, 157 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *