за

Кога Renault Clio ќе стане повеќе посакуван избор од Megane

Renault Clio V премиера

Новото Renault Clio е меѓу ретките модели во класата кој оддава силен карактер и не делува како резерва за оние купувачи што не се решаваат за СУВ. Французите уверуваат дека навистина се работи за нова конструкција, место преработка на претходникот, на когошто само му се додадени поголеми дисплеи и повеќе диоди во светлата

Renault, автомобилскиот свет ти благодари што го потсеќаш дека новите автомобили уште може да бидат нови. Под ново се подразбира неразоткриени, неизвесни, непознати. Волфсбург е добар кога треба да се даде поттик на развојот во браншата, но некако стана здодевно кога ги претставува новите генерации модели на иста платформа, и кога приказната се повторува посебно и одново за секоја марка, VW, Skoda, Seat, Audi … За новиот Renault Clio, не знаеме ништо. Поточно, не знаевме до вчера, кога Французите прво ги објавија фотографиите и деталите од внатрешноста на новиот „градски автомобил“. Зошто Французите ја направија оваа рокада, прво да се прикаже внатрешноста, па потоа надворешноста, објаснуваме повеќе во нашата прва објава за новиот Clio.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Денес пристигаат и првите фабрички фотографии кои ја прикажуваат надворешноста. Новиот Renault Clio изгледа како комбинација од моделот во заминување и од Megane. Тоа што го двои како Clio се извлечените задни крила, кои даваат посебна динамика. Хаубата има добиено надолжни гребени, заради карактер. Маската е поголема, а предниот браник има впечатливо димензиониран отвор за воздух.

Новиот Renault Clio е покус и за 30 милиметри понизок од претходникот

Каросеријата е покуса за 14 милиметри (4.048 mm должина и 1.798 mm во ширина). Возилото е пониско за 30 милиметри (сега 1.440 mm). Новите пропорции посебно се нагласуваат со бандажите од 17 инчи во повисоките нивоа на опрема. Фановите на француската марка и на моделот нема да ги пропуштат деталите како антената како перка на ајкула, диодната техника за сите функции на светлата, задниот капак што се слева со облините на каросеријата и хромирани рамки на прозорците.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Дизајнерите „измешале“ три нови бои: Валенсија портокалова, визон кафена и селадон сина. Вкупно 11 бои стојат на располагање, кои може дополнително да се комбинираат со три екстра-стилови, со акценти на деталио од каросеријата во црвена, портокалова или црна боја.

Лакот околу предните светла е заштитен знак на целата моделска понуда на Renault

Новитет во аеродинамичноста се дефлекторите во предните крила, кои воедно внесуваат динамична и спортска нота во изгледот на новиот Clio. За предните светла е впечатлив лакот во форма на потковица, когошто го сочинуваат дневните светла. Тоа во меѓувреме е знак на препознавање на Renault.

New photo by Automedia MK / Google Photos

За волуменот на багажникот следи пријатно изненадување: 391 литри. Техничарите на француската куќа се погрижиле и формата на просторот за багаж да биде колку е можно поправилна, заради негово целосно искористување. Озвучувањето од традиционалниот партнер Bose е комплетно интегрирано во каросеријата и не одзема простор во багажникот. Двојниот под веќе се подразбира. Според Renault, по соборувањето на задната клупа се добива целосно рамен под.

Новитет во нивоата на опрема е R.S. Line како замена за GT Line

Потковицата се повторува и во задните светла, кои дополнително поседуваат ефект на длабочина. Исто како досега, рачката на задните врати се наоѓа во рамката на прозорецот. Извршени се неколку естетски дотерувања, како кровни столбови лакирани во сјајна црна боја или хромиран амблем на Clio.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Новитет во нивоата на опрема е R.S. Line, како замена за досегашната GT Line. Со промената на името следува и поголем обем на опрема и повеќе специфични детали. Однадвор се забележуваат „нож“ како во Ф1, маска со решетка во стил на пчелино саќе, посебен дизајн на бандажите од 17 инчи и повеќе спортски карактер во опашот. Спортскиот модел секако дека доаѓа и со спортски седишта, украсни панели со изглед на карбон, перфориран кожен волан, алуминиумски педали, тркачки црн амбиент во кабината и штепови во црвена боја.

Врвот во моделската серија е Clio Initiale Paris по пример на Clio Baccara од 1991 година

По пример на останатите моделски серии, новиот Clio исто така ќе биде достапен во ексклузивна изведба Initiale Paris. Рамките на прозорците имаат посебни хромирани детали, заштитни лајсни на вратите и посебен изглед на предната маска, заедно со логото на специјалната верзија. Посебниот изглед го заокружуваат бандажи од 17 инчи. Внатрешноста на ова луксузно ниво може да биде во две комбинации од бои: Црна и сива. Кожените седишта се ексклузивни за Initiale Paris, а посебна е и изработката на воланот. Сето тоа е во стилот на легендарниот Clio Baccara од 1991 година.

Цените и нивоата на опрема, како и стартот на испораката ќе бидат познати непосредно пред премиерата на салонот во Женева, во март.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

 

Новиот Renault Clio почнува од внатрешноста

Renault Twingo: Минито што е пооригинално и од Mini

Mercedes X-Class и Renault Alaskan: Пикапите се новите теренци?

Renault Arkana како прв СУВ-купе во класата – и само за Русија

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

загаденост воздух штетни материи дизел

Зошто германски лекари тврдеа дека издувот од дизелите не е штетен

Mercedes A-Class Limousine naslovna

Лимузинскиот Mercedes A-Class во Македонија стартува од 27.990 евра