за

Renault Clio со нов изглед пристига во септември

Французите го освежија својот бестселер со неколку впечатливи зафати во дизајнот, нови ставки во опремата и нова погонска опција. Испораките на новиот Renault Clio ќе стартуваат од септември.

По 26 години од лансирањето на првата генерација и 13 милиони продадени примероци од сите генерации досега, Renault продолжува со следното еволутивно скалило на својата гордост Clio. Промените во изгледот што ги носи фејслифтот најдобро се забележуваат во формата на предните и задните светла. Како опција стојат на располагање и диодни предни светла Pure Vision.

Французите еднаш веќе го искористија Clio за воведување на нов дизајнерски печат на марката, а истото се случува и сега со диодните светла, вклучувајќи ги дневните светла во форма на C. Маската што го вдомува големиот „дијамант“ исто така е редизајнирана, заедно со проширената долна маска, заради постигнување помодерен изглед. Назад има промени во дизајнот на браникот, којшто оддава поголема робусност.

Нови бои за каросеријата и комплетно сменети материјали во кабината

За каросеријата следуваат четири нови бои – интензивна црвена, титаниум сива, бисерно бела и челично сина – што верно на традиционалниот француски вкус за естетика следи во комбинација со нов дизајн на бандажи и со додавање неколку нови можности за внесување личен печат во изгледот на возилото.

Материјалите во кабината сега се истите што Renault ги користи за моделите од повисоките класи, заедно со платнените облоги на седиштата. Особено внимание е посветено за пластичните облоги со зрнеста структура да оддаваат поубедлив впечаток за квалитет на поглед и на допир. Поскапите нивоа на опрема добија уште повеќе хром, во останатите нивоа е додадено повеќе колорит во кабината.

Посилните мотори повеќе не се достапни исклучиво со менувач со двојна спојка

Новитет во погонот е можноста моторите 1.5 dCi со 110 КС и TCe 120 да се комбинираат со шестстепен мануелен менувач. Досега овие мотори беа достапни единствено со менувач со двојна спојка, што ја зголемува цената за околу 1.400 евра. Вкупно 11 комбинации од мотори и менувачи се достапни во гамата на Clio. Тоа е меѓу најширокоградите понуди во класата.

Три инфо-комуникациски системи стојат на располагање – Media Nav Evolution, R-Link Evolution и новиот R&Go, кој е достапен за сите нивоа на опрема. Од опремата, новитети има во можноста да се добијат паркинг сензори напред, камера за рикверц или систем за самостојно паркирање.

Initiale Paris како врв во понудата и верно на традицијата на Clio Baccara

Уште од старт следува и врвниот модел Initiale Paris, со ексклузивни бои за каросеријата, мека „напа“ кожа на воланот и на рачката на менувачот, специјални облоги на вратите и на арматурната табла, како и седишта во кожа. Во овој модел што ја наследува традицијата уште од легендарниот Clio Baccara, стандардно следуваат озвучување Bose, диодни предни светла, мултимедиски систем R-Link, пристап на интернет, камера за рикверц и самостојно паркирање. Моторите за Clio Initiale Paris се бензинските TCe 90 и 120 и дизелите dCi 90 и dCi 110, во комбинација со мануелен или менувач со двојна спојка.

Renault стартува со нарачки веќе летово, испораките ќе следуваат од септември.

[FAG id=24746]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Продажен бум на српскиот пазар на автомобили: Раст од преку 30%

Кина прва во светот: Ова се најголемите производители на електрични автомобили