за

Renault Alaskan е првиот пикап на Французите

Пазарот на пикапи е во постојан раст во последниве години, особено во Јужна Америка. Renault го користи доброто име и помошта од партнерот Nissan и го претставува својот прв еднотонски пикап Alaskan.

Ромбот на Renault е невообичаена глетка на едно пикап возило, но не и на латиноамериканскиот пазар. Од пред една година, таму се продава пикап-верзијата на Dacia Duster под знакот на Renault. Сега е на ред да се покрие и сегментот на поголемите пикапи, со носивост од еден тон. Производителите масовно го запоседнуваат сегментот на пикапите, којшто со околу пет милиони примероци, во меѓувреме покрива повеќе од една третина од глобалната продажба на лесни товарни возила. Пикапот на Renault беше најавен преку концептниот автомобил Alaskan на последниот салон во Франкфурт.

Renault Alaskan и Renault Duster Oroch

Renault има алиби да го стави својот заштитен знак и на пикап, како водечка марка во сегментот на лесни товарни возила на европскиот пазар во последните 18 години. Сепак, Јужна Америка и Африка се клучни за новиот Renault Alaskan. Пикапот на Французите ќе стартува со продажба прво во Колумбија, кадешто Renault е присутен речиси половина век. Производството на Alaskan во почетната фаза од пазарното воведување ќе се одвива во фабриката на Renault во Колумбија, за потоа во производствениот синџир да се приклучат и фабриките во Шпанија и Аргентина.

Зад ромбот на Renault се крие техниката од новиот Nissan Navara

Основата на Alaskan е сосема логично дека потекнува од новата Navara NP300 на партнерот Nissan, којашто дизајнерите на Renault ја усогласија со актуелниот стил на француската марка. Околу изборот на името, Французите секогаш покажувале умешност, па и овој случај не е исклучок. Alaskan јасно асоцира на Алјаска, на „големата земја“ и на нејзината дива и сурова природа, којашто едноставни мами на авантура.

Исто како „сестрата“ Navara, пикапот на Renault е достапен во две каросериски изведби, со тоа што верзијата со двојна кабина дополнително поседува и суспензија на задната оска со пет водилки, заради подобар комфор и возливост, наспроти „товарната“ верзија со единечна кабина, којашто вози со листести пружини. Моторот е 2,3-литарски dCi во верзии со 160 и 190 КС, во комбинација со шестстепен мануелен или седумстпен автоматски менувач, со погон напред или на сите тркала. Соодветно на бројните пазари за коишто е наменет, Alaskan дополнително се испорачува и со 2,5-литарски бензинец со 160 КС, како и со поконвенционален дизел од 2,5 литри, со 160 и 190 КС.

Подготвен и за потежок терен со теренска редукција и блокада на диференцијал

За суверени возни својства по терен стојат на располагање теренска редуција и електронски контролирана „блокада“ на задната оска или класична механичка блокада, кај одредени верзии. Најмалото растојание од подлогата е 23 сантиметри.

Соодветно на двојниот карактер на пикапот, за Alaskan е достапна и софистицирана комфорна опрема што е својствена за Renault, како пристап без клуч, поврзување на интернет или сет од четири камери за прикажување на теренот околу возилото.

Renault e „Колумбиска марка со француско потекло“

Во изминативе 47 години, Renault има произведено и продадено над милион возила од фабриката во Колумбија. Вкупно 15 модели досега се имаат произведувано во Меделин. Со таква традиција, Renault ужива локален статус на „колумбиска марка со француско потекло.“ Моментно во фабриката се произведуваат Duster, Sandero и Sandero Stepway, Logan и Clio II. Од 76.000 произведени возила лани, 28.000 се извезени главно во Мексико, Перу и Чиле. Сосема очекувано, во извозот предводи Duster, со над 18.000 примероци.

Од Renault засега нема најави кога и дали би следувала продажба на Alaskan на европскиот пазар. Заедно со Французите, основата од Nissan Navara NP300 ќе ја користи и партнерот Mercedes, за нивниот иден пикап.

[FAG id=25023]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes сака бандажите да се менуваат како кондури

Mercedes ќе ги продава електричните автомобили под посебна марка