за

Rapid Coupe изработено од практикантите во Skoda

Врз основа на Rapid Spaceback, 26 практиканти во Skoda ја изработија купе-изведбата Atero. Моделот нема да доживее сериско производство, иако би прилегал одлично во понудата на чешката марка.

Практиканти во фабриката во Млада Болеслав досега имаат изработено два модела за Skoda, кабриолетот CitiJet на база на Citigo и пикапот Funstar изведен од Fabia. Сега доаѓа и третиот „студентски“ автомобил, купе кое што како основа го користи Rapid Spaceback и доби сопствено моделско име, Atero. Дваесет и шестмина практиканти во чешката марка работеа на овој проект, прикажувајќи ја на дело својата технолошка ексертиза и вештината на рачната изработка.

Работата на уникатниот Atero започнала кон крајот на минатата година, со поддршка од одделенијата за технички развој, дизајн и производство во Млада Болеслав. Вкупно 1.700 часови биле потребни за комплетирање на овој единствен проект. Преправката од комби со пет врати во купе со две врати беше подрастична во споредба со претходните проекти на студентите во Skoda. Средишните столбови се поместени поназад, задните столбови се поставени под поблаг агол, а соодветно на тоа е сменета и линијата на покривот. Секако дека и вратите се продолжени во споредба со стандардниот модел.

Рачно перфорирани сопирачки дискови за „студентскиот“ автомобил на Skoda

Студентите додадоа и отвори за воздух во хаубата, заден спојлер, нови задни светла, го презедоа и издувниот систем од Skoda Octavia RS и соодветно ги модифицираа предниот и задниот браник. Моторот е 1,4-литарски TSI со 125 КС во комбинација со 7-степен менувач со двојна спојка. Бандажите од 18 инчи се преземени од Skoda Octavia, лакирани се во црна боја и изведени се со црвени ленти. Зад предните бандажи ѕиркаат мануелно перфорирани сопирачки дискови.

Каросеријата е во црна боја со бисерен ефект, додека спојлерите, праговите и детали од каросеријата се лакирани во црвена боја. Кабината исто така не е оставена нечепната. Внатре е изведено амбиентално осветлување со диодни светла во црвена боја, надополнето со озвучување од 1,8 киловат и 14 звучници.

[FAG id=24445]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Скандинавските возачи најзадоволни од автомобилите на Lexus

BMW со сервисен повик за 120.000 возила во САД поради дефект на воздушни перници