Тоа што на фотографиите изгледа како невкусен тјунинг всушност е завршно тестирање пред премиерата на најлутата верзија на Range Rover Sport со додавка RS. Моторот е од Jaguar XKR-S и брои 550 КС.
Ловците на прототипи во тестирање ги имаат првите фотографии од идниот Range Rover Sport RS, со лесна камуфлажа од која што веќе може да се добие претстава за конечниот изглед на моделот. Предниот браник има поагресивен изглед отколку кај сегашниот топ модел, со поголеми отвори за воздух и со четири впечатливи издувни цевки назад. Бандажите исто така се со импресивен формат и имаат ексклузивен дизајн.
Најсуштинската промена е под хаубата, каде што работи петлитарскиот V8 со механички компресор и 550 КС од Jaguar XKR-S и XJR. Со плус од 40 КС и 56 њутметри во споредба со актуелниот топ модел Sport Supercharged, новакот ќе забрзува до сто за 4,8 секунди и ќе постигнува максимално 265 километри на час.
Премиерата на Sport RS може да се очекува веќе на салонот во Париз наесен, а цената ќе му изнесува околу 120.000 евра.