за

Range Rover Sport доби електричен компресор и 48-волтна мрежа

range rover sport hst mild hybrid

Англискиот специјалист за терен и престиж напредува во електрификацијата. Во Range Rover Sport работи нов 3,0-литарски шестцилиндарец, во комбинација со електричен компресор, стартер-генератор и 48-волтна мрежа

Традиционалната клиентела на Range Rover Sport сигурно нема да биде особено одушевена кога нивниот добавувач со благородни возила ќе ѝ соопшти дека има модел со благ хибриден погон во понудата. „Благо“ некако не одговара со беспрекорниот стил и цврстиот карактер на Range. Но, таква е терминологијата, во оваа грамада отсега работи благ хибриден погон.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Тоа значи нов трилитарски бензинец од генерацијата Ingenium, со шест цилиндри во линија, со твинтурбо натполнење и варијабилни одови на вентилите, кој работи во комбинација со електричен компресор, стартер-генератор и 48-волтна мрежа. Електричниот компресор има задача да обезбеди екстра-њутнметри во работното подрачје во коешто класичниот турбокомпресор уште нема доволно „провев“, односно при поаѓање и возење со ниски вртежи. Како ориентир, на компресорот му е доволна половина секунда да постигне 65.000 вртежи во минута, кога произведува најголем притисок на натполнење.

Неколку „малечки“, но делотворни уреди ја смалуваат потрошувачката, без потреба од тежок и скап хибриден погон

Стартер-генераторот во основа е современа варијанта на старт-стоп системот, со таа разлика што директно го буди моторот по паузата на семафор и доволно е голем да му помогне на бензинецот при поаѓање и поумерено забрзување. Енергијата за таа куса, но делотворна асистенција, пристига од малата батерија. Таа, пак, се полни одново при секое запирање или отпуштање на гасот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Дополнителната мрежа што работи под напон од 48 волти е тука за да обезбеди доволно моќност за електричниот компресор. Класичната 24-волтна мрежа нема доволно „сила“ за тоа. Системската моќност изнесува 400 КС, вртежниот момент достига 550 њутнметри, спринтот од место до темпо сто трае 6,2 секунди. Крајната брзина изнесува 225 километри на час.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Примерно звучи и податокот дека потрошувачката на гориво изнесува 9,3 литри на сто километри (сé уште според NEDC). Тоа нема премногу да ги засегне традиционалистите на Range, но е добро за Комисијата на ЕУ, којашто строго се држи до лимитот за СО2. Секоја моделска серија на Land Rover ќе биде достапна во верзија со електрифицирана погонска спрега во 2020 година.

Додатоците од карбон веројатно следуваат гратис покрај цената од преку 80.000 фунти

Британците во почетокот го нудат моторот само во нивото на опрема HST, што соодветно се рефлектира и во цената. Range Rover Sport HST на англискиот пазар чини 81.250 фунти. За таа цена се вклучени и неколку каросериски додатоци од карбон. Тоа веројатно нема да послужи како добар продажен аргумент.

Range Rover Evoque: Сé е исто, освен рачките на вратите

Jaguar Land Rover отвори фабрика во Словачка

Старо радио за модерни времиња во Jaguar и Land Rover

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Nissan Qashqai Русија

Русија започна со производство на новиот Nissan Qashqai

Станица за точење водород

Водород се точи како гориво на 369 станици во светот