139
28 shares, 139 points

Насловот како од англиска хумористична серија секако дека е далеку од реалноста. Но, не предалеку. Новиот Range Rover Evoque изгледа идентично со претходникот, има стартер-генератор заради штедење, има и нова технологија којашто главно се сведува на софтверски услуги

Пред седум години, Range Rover Evoque го затресе сегментот на BMW X3, Mercedes GLK (сега GLC) и Audi Q5. Смелиот и необичен дизајн изгледаше уште толку посмело и понеобично, како модел од марката за којашто во тие времиња и дизајнот на Rolls-Royce беше авангарден. Масивна маркетиншка кампања позајмуваше од имиџот на личности од светска слава, меѓу другото и од Викторија Бекам. Кампањата беше толку успешна, што сите заборавија на фактот дека под убавата каросерија буквално се криеше стара техника од Freelander.

Сега е време за наследникот, иако многумина нема да забележат дека се случила смена на моделските генерации. Стариот и новиот модел најлесно се распознаваат во еден детал: Evoque Anno Domini 2018 нема рачки на вратите, односно истите се вовлечени по пример на Velar. Силуетата е непроменета, со препознатливиот пад на линијата на покривот како кај купе и со долна линија на прозорците што се искачува и дополнително ја нагласува клинестата форма, која беше хит на сцената на автомобилскиот дизајн во 1980-те години.

Range Rover Evoque II 8am#

Светлата се впечатливо тенки и раскошно користат диодна техника, за веднаш под нив да следи уште еден ретро детал, но позајмен: Овие масивни отвори за воздух непогрешливо потсеќаат на AMG, од порано. Детал познат од Velar се арките во предните крила, кои зафаќаат во хаубата. Назад речиси нема разлики меѓу новиот Range Rover Evoque и поголемиот брат, со тоа што браникот повеќе личи на Discovery.

Благиот хибрид повеќе оди во интерес на бензинците, намалувајќи ја разликата во потрошувачката во споредба со дизелот

Техничката страна ја враќа надежта во новиот модел. Evoque Mk. II добива комплетно нова платформа, којашто се води како PTA, како кратенка од „Premium Transverse Architecture“. Платформата уште од почеток е предвидена да вдоми електричен погон, односно различни степени на електрификација на погонската спрега. Со исклучок на најслабиот дизел со 150 КС, сите моделски варијанти се изведени како таканаречен благ хибрид, со стартер-генератор, 48-волтна мрежа и релативно мала батерија. В година следи и плагин-хибрид.

Во димензиите практично не постојат разлики со претходникот. Должината од 4,37 метри е иста, единствено во меѓуоскиното растојание сега има два сантиметри повеќе (2,86 метри). Новакот е понизок за еден сантиметар, со своите 1,65 метар, а за околу еден сантиметар е зголемена ширината, на 1,99 метар. Каросериската изведба со три врати отпаѓа, а со неа веројатно отпаѓа и смелиот чекор да се нуди кабриолет-СУВ.

Range Rover Evoque II 9am#

Во внатрешноста продолжуваат сличностите со Velar. Средишниот дисплеј има пречник од 10,2 инчи и се завртува до 30 степени. Ракувањето со климата го презема посебен дисплеј. Единствените класични прекинувачи се оние за ракувањето со прозорците. Со доплата може да се нарачаат и дигитални инструменти. За разлика од Velar, присуството на конвенционална рачка на менувачот место посебен контролер јасно укажува дека станува збор за најмалиот модел на Range Rover.

Патниците на задната клупа ќе добијат околку два сантиметри повеќе слободен простор за колената, благодарение на продолженото меѓуоскино растојание. Зафатнината на багажникот изнесува 591 литри, односно достига до 1.383 литри со соборена клупа. Вторава вредност не урива рекорди, но тоа никој и не го очекува во овој автомобил.

Нема сомнежи околу теренските способности на Range Rover Evoque

Најголемата предност на британскиот СУВ-благородник секако дека ќе се покаже при теренско возење. Новиот Evoque сега може да гази во река длабока до 60 сантиметри, што е за десет сантиметри повеќе од досега. Техничарите ветуваат и подобрена работа на погонот на сите тркала. Тежината на возилото порасна и покрај постигнатата заштеда во речиси сите подрачја, односно во каросериската структура, во оските или во сопирачките. Основната верзија со дволитарски дизел со 150 КС, со мануелен менувач и преден погон е за триесетина килограми потешка од споредливата варијанта во претходната генерација и сега тежи речиси 1,8 тон.

Range Rover Evoque II 7am#

Нова технологија пристига во внатрешниот ретровизор, кој по желба се претвора во дисплеј што ја прикажува сликата од камерата што е сместена во исто куќиште со антената на покривот. Тоа ќе биде ценета функција кај новиот модел, имајќи предвид дека претходниот Evoque имаше големи проблеми со прегледноста назад.

Камерите се грижат и за уште една функција, којашто допрва ќе треба да се докаже како корисна при возењето. Станува збор за техника којашто прави хаубата да „исчезне“, односно возачот буквално како да гледа низ неа, добивајќи прегледност каде точно газат тркалата. Сликата се прикажува во средишниот дисплеј и покрива агол од 180 степени. При возење по терен, многумина возачи се наоѓале во ситуација кога е тешко да се процени каде газат тркалата. Прекалените теренски возачи сепак нема да се одушеват од оваа „унапредена реалност“ зад воланот на Range. Наспроти тоа, никој не спори за корисноста на Terrain Response 2. Системот ја распознава подлогата и соодветно ја приспоособува работата на подвозјето и погонската спрега.

Волната е „новата кожа“ за седиштата, грижата кон животната средина е ценета доблест меѓу благородништвото на коешто му се обраќа Range

Грижата за животната средина е високо ценета доблест меѓу основната клиентела на Range Rover. Во новиот Evoque може да се избере волна или еукалиптус, место традиционалните материјали преку коишто се манифестира(ше) престижот. Веќе основното ниво на опрема нуди диодни предни светла, амбиентално осветлување во кабината, дисплеј на допир од 10,2 инчи и камера за рикверц.

Range Rover Evoque II 5am#

Evoque е прв модел на Land Rover што ја нуди дигиталната опција за „паметни поставки“. Различни алгоритми ги препознаваат навиките и желбите на возачот и создаваат виртуелен батлер. Системот има контрола над положбата на седиштето, над поставките за климатизацијата и звукот, како и положбата на воланот.

Моторите преземени од постоечката понуда на погонски единици. Во основа се нуди еден бензинец и еден дизел, со зафатнина од два литри. Бензинецот е достапен во верзии со моќност од 200, 250 и 300 КС, дизелот почнува од 150 КС, како средно ниво нуди 180 КС и продолжува до 240 КС. Со исклучок на дизелот со 150 КС, со преден погон и мануелен менувач, сите останати погонски варијанти работат како благ хибрид, односно во комбинација со стартер-генератор, 48-волтна мрежа, вклучувајќи мала батерија во подната конструкција.

Со исклучок на дизелот со 150 КС, сите варијанти возат со погон на сите тркала и деветстепен автоматски менувач

Батеријата се полни при секое забавување или запирање, односно ја испорачува енергијата до стартер-генераторот при поаѓање или посилно забрзување, на тој начин растоваровајќи го моторот и придонесувајќи за заштеда на горивото.

Сите варијанти на моќност, со исклучок на спомнатиот основен дизел, следуваат стандардно со погон на сите тркала и деветстепен автоматски менувач. Распределбата на погонот кон оските се врши преку халдекс-спојка, којашто испорачува енергија кон задната оска единствено кога тоа го бараат условите или ситуацијата на возење. Тоа штеди гориво.

Продажбата стартува напролет, британскиот ценовник почнува од 31.600 фунти.

[FAG id=36155]

Range Rover со две врати само за избрани купувачи

Jaguar Land Rover отвори фабрика во Словачка

Каде запна продажбата на Jaguar Land Rover?

Jaguar и Land Rover во тура за културна преобразба низ Македонија

Jaguar и Land Rover во тура за културна преобразба низ Македонија (2)


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

139
28 shares, 139 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *