за

Range Rover Evoque ќе биде најтеренскиот кабриолет во светот

Тоа што на Nissan не му успеа со кабриолетот од Murano, Британците ќе се потрудат да го направат подобро. Во ноември ќе биде претставен Evoque Convertible, како најдобар теренец меѓу кабриолетите или најдобар кабриолет меѓу теренците.

Премиум марките се „портата“ преку која што и најрадикалните добиваат сигурен влез на автомобилската сцена, особено во сферата на каросерискиот дизајн. Ако светот не ја препозна големата иднина во необичниот спој меѓу теренски автомобил и купе во SsangYong Actyon во 2005 година, само две години подоцна се покажа дека автомобилскиот свет „погрешил“ во првичната процена, откако BMW го претстави првиот X6 и предизвика еуфорија меѓу купувачите и ентузијастите. Главно еуфорија. Тоа докажа уште еднаш дека радикалните иновации од овој тип можат да успеат само со благословот на премиум марките.

Благородната британска марка Land Rover го има предизвикот да докаже дека и уште порадикалниот спој на кабриолет и теренец може да успее. Претходно Nissan имаше сличен обид со Murano, но тоа траеше кусо. Во ноември, на салонот во Лос Анџелес, претстои премиерата на Range Rover Evoque Convertible. Британците долго време го најавуваа овој чекор, ја добија потребната поддршка од публиката, и во следната пролет ќе започне испораката на првите примероци од теренскиот кабриолет.

Притоа, се чини дека воопшто нема да биде важно тоа што Evoque во основата уште ја носи техниката од стариот Freelander. Затоа, пак, подготовките за премиерата на Evoque Convertible се одвиваат под полна пареа. Во минатата недела, на шест стратешки избрани локации во Лондон беа прикажани жичени скулптури во оригинална големина од необичниот кабриолет. Денес марката со теренските возила ги објави и видеоснимките што потврдуваат дека Evoque Convertible е исто толку способен за пробивање по теренот како и „обичните“ теренци – во што никој и не се сомневаше.

Главниот инженер Мајк Крос: Evoque Convertible е кабриолет за секоја сезона

Снимките од завршното тестирање на првиот теренски кабриолет од премиум марка се направени во легендарниот Истнор Касл, во Херфордшир. Мајк Крос, главен инженер на марката, објаснува: „Land Rover се гордее што е лидер во класата во поглед на способноста за возење по секаков терен и Evoque Convertible не е ништо поразличен. Благодарение на комбинацијата од иновативен инженеринг и примена на напредни технологии, Evoque Convertible ќе понуди динамично и безбедно искуство на возење спортски теренец. Ние го нарекуваме тоа ‘Кабриолет за секоја сезона’.“

Land Rover на салонот во Женева во март потврди дека ќе стартува со продажба на кабриолет изведбата на Range Rover Evoque. Со овој чекор, Land Rover ја продолжува традицијата на создавање нови пазарни сегменти и предводење со истите. Откако ги пропатува сите локации за тестирање на прототипи во екстремни услови по целата земјина топка, Evoque Convertible на крајот ги совлада и тестовите во Истнор Касл, каде што сите модели на Range Rover во последните 45 години мораат да се докажат пред влегувањето во сериско производство. Продажбата на третиот модел во гамата на компактниот спортски теренец ќе стартува напролет.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Subaru ја најавува новата Impreza за салонот во Токио

Американците загрижени за „Тојотите“ во возниот парк на ИСИС