141
19 shares, 141 points

Автомобил конструиран како тркачки прототип за Леман, што смее да се вози по улица? Можно е! Radical Sportscars има нов модел на врвот во својата понуда од безкомпромисни болиди за возачко уживање. Rapture имаше деби на Фестивалот на брзината во Гудвуд.

Малечката работилница во англискиот Кембриџшир е големо име на сцената на екстремните автомобилски креации. Во своите две децении, Radical Sportscars изработи повеќе од 2.200 тркачки болиди и патнички автомобили – многу повеќе од првиве.

Rapture е новиот модел што се позиционира на врвот на понудата на Radical. Неговата посебност е во спојот на конструкција и својства како на тркачки автомобил, со дозвола за возење по обичен пат. Двоседот има хомологација за европските пазари, а производителот работи Rapture да добие одобрение за продажба и во други региони.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Школката ги исполнува барањата за безбедност на FIA, вклучувајќи зона на гмечење што гарантира висока заштита. Каросеријата е изработена од композити и располага со двоен заден спојлер, како и со масивен дифузор до когошто водат два тунела во подот.

Со тежина од 765 kg, Radical Rapture спринтува до 60 милји на час за три секунди, до 100 милји на час (ca. 161 km/h) за 8,4 секунди; Крајна брзина 265 km/h

Срцето е 2,3-литарски EcoBoost на Ford, кој во Radical добива комплетно нов систем за турбонатполнење и вшмукувачки тракт. Тоа води до моќност од 355 КС и вртежен момент од 434 њутнметри. Преносот на сила е преку шестстепен секвенцијален менувач со команди на волан.

New photo by Automedia MK / Google Photos

За подвозјето се користени искуствата од „патничките“ SR3 SL и RXC Coupe, со усовршена изведба на сопствениот систем Nik-link, коешто постигнува баланс меѓу цврстина за тркачка патека и барем малку комфор за на пат. Секако дека амортизерите се дотеруваат.

Нарачки веќе пристигаат од Франција и Германија. Првите примероци ќе се испорачаат веќе во почетокот на август.

ТЕХНИЧКИ ПОДАТОЦИ · RADICAL RAPTURE

New photo by Automedia MK / Google Photos

МОТОР

  • RPE-Ford 2261cc, турбонатполнење, директно впрскување, две брегасти вратила со варијабилна работа, електронска контрола на придушница

ПОГОНСКА СПРЕГА

  • Шестстепен секвенцијален менувач назад, со интегрален диференцијал Quaife
  • Контроли на менувач на воланот
  • Средишно вграден мотор, погон назад

КАРОСЕРИЈА

  • Шасија со лесна конструкција, со безбеденсна школка според FIA
  • Каросерија во стил на LMP, од композити, со висок потисок
  • Целосно осветлување за пат
  • Двоен заден спојлер со положба за пат/трка, дифузор
  • Електрика и греење на ретровизори

СОПИРАЧКИ

  • 300mm (напред), 280mm (назад), четириклипни сопирачки клешти

ПОДВОЗЈЕ

  • Целосно приспособливо водење на тркалата, оптимизирано за пат и трка
  • Две двојни водилки напред и назад, со различна должина
  • Централно прицврстување на тркалата
  • Заменливи стабилизатори
  • Амортизери по специјална нарачка Intrax Racing ARC

ДИМЕНЗИИ И ТЕЖИНА

  • Должина: 4.10m
  • Ширина: 1.79m
  • Висина: 1.13m​
  • Празно возило: 765kg
New photo by Automedia MK / Google Photos
ВИДЕОТО СО КОЕШТО RADICAL НАЈДОБРО ЈА ОБЈАСНУВА СУШТИНАТА НА МАРКАТА ПРЕКУ SR3 SL

Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

141
19 shares, 141 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *