за

Qoros 3: Кинескиот Голф доаѓа во Женева

Вториот модел на новата кинеска марка Qoros веќе е на сцена. На салонот во Женева претстои светска премиера на комбилимузината Qoros 3 Hatch, директен конкурент на Golf.

По една година од претставувањето на лимузината Qoros 3, како прв модел од новата марка од Кина, на салонот во Женева пристигнува и моделската верзија со пет врати. Освен во задниот дел, комбилимузината се разликува од матичниот модел и во формата на предната маска, браникот и магленките, кои што му даваат поспортски изглед на возилото.

Комбилимузината долга 4,44 метри настапува со поспортски имиџ од седанот
Комбилимузината долга 4,44 метри настапува со поспортски имиџ од седанот

Стандардно во секој Qoros 3 Hatch се добива мултимедиски систем со дисплеј од 20 сантиметри со ракување со допир и со гестикулација со прсти, слично како паметните телефони. Токму поврзувањето во мрежа е едно од клучните обележја со кои што марката Qoros сака да се разликува од конкурентите. Во повисоките нивоа на опрема се добива QorosQloudTM, како пакет од бесплатни интернет сервиси, пристап до социјални мрежи и напредна навигација.

Qoros-3-interior-QorosQloud

Како исклучок меѓу кинеските марки, Qoros нема да се натпреварува со конкурентите само со цената, туку и со инженерингот: Qoros 3 Sedan е најбезбеден автомобил во 2013 според Euro NCAP

Во споредба со лимузината, Qoros 3 Hatch е покус за 18 сантиметри, кои се одземени од опашот. Со долго меѓуоскино растојание, куси каросериски превиси и силуета на купе, комбилимузината долга 4,44 метри нуди кабина што е меѓу најпросторните во класата. Моторите се исти, бензински со зафатнина од 1,6 литар, во верзија со и без турбонатполнење и во комбинација со шестстепен мануелен менувач или со менувач со двојна спојка.

 

Во минатиот септември, Qoros 3 Sedan стана прв кинески автомобил што освоил пет ѕвездички на краш тестот на Euro NCAP, постигнувајќи еден од највисоките резултати во 16-годишната историја на тестовите на конзорциумот. Euro NCAP и официјално потврди дека Qoros 3 Sedan е најбезбеден од сите автомобили тестирани во минатата година. Лимузината моментно е достапна само на кинескиот пазар, додека продажбата на територијата на Европа ќе стартува од Словачка, каде што е во тек комплетирањето на продажно-сервисната мрежа.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тест · Suzuki SX4 S-Cross 1.6 DDIS 4WD GLX

Светот со молба до Kia: Направете го овој автомобил!