за

Протестниот марш против загадувањето имаше инстантен ефект, еколозите уште не знаат

Протестниот марш против аерозагаденоста имаше инстантен ефект, еколозите уште не знаат
Протестниот марш против аерозагаденоста имаше инстантен ефект, еколозите уште не знаат

Масовноста во искажувањето незадоволство од непреземањето делотворни мерки за смалување на загаденоста на воздухот вроди ефект. Додека поголемиот дел од Центар беше затворен за сообраќај во времетраењето на протестите, мерните станици регистрираа драстично смалување на загаденоста. Еколози?

Вчерашниот протестен марш би можело да прерасне во историски и од друг аспект, покрај тоа што конечно се омасовува искажувањето незадоволство од инертноста и незаинтересираноста на надлежните инстанци, за постапување во насока на заштита на народот од кобната аерозагаденост. Во иднина би можело маршот повеќе да се толкува како револуционерски, отколку како протестен. Со главен нагласок на: Би можело.

Додека повеќето главни сообраќајници во подрачјето на Центар беа затворени за сообраќај, што резултираше со соодветно намалување на сообраќајниот ток дотаму и со пренасочување на возилата по други сообраќајници, мерните станици што се поставени на подрачјето на општината покажаа недвојбено: Загаденоста на воздухот спадна инстантно во тие неколку часови пред, за време и по протестниот марш на илјадници луѓе.

Спротивно од студијата што укажува дека возилата учествуваат со само 20 проценти во загаденоста со PM10, синоќешниот пример е одлична шанса за конечно да се отфрли погрешната и штетна студија, и да почне да се постапува според реалните состојби

Времето за одржување на маршот не можело да биде избрано подобро. Мерната станица кај Ректорат, вообичаено за петок почнува да покажува нагорен тренд во нивото на честички PM10 во воздухот уште околу 14 часот. Вредноста тогаш е 81 микрограми на метар кубен. Пикот е во 16 часот, кога вредноста достига 146 микрограми, за веќе во следниот час да се случи драстичен пад. Наспроти петоците во претходните недели, и воопшто за кои било други денови, вредноста на загаденоста не продолжува да расте, туку бележи драстичен пад, за во 18 часот, концентрацијата на канцерогените честички да падне на само 88 микрограми!

Очигледно е дека нешто вонредно се случило, за мерните станици да го покажат ова „отстапување“. Дали дувнал силен ветер од Шара или заврнал дожд да го „измие“ воздухот? Ништо од тоа, туку масовниот протестен марш за заштита на животната средина, поради којшто беа затворани повеќе улици низ центарот на Скопје, соодветно го смали протокот на возила кон срцето на градот, а тоа се покажа совршено преку смаленото ниво на честички PM10 во воздухот.

Досега требаше да се слушне гласот на вистинските експерти, да укажат зошто концентрацијата на штетни материи расте отпосле, односно следи час или повеќе по најголемите сообраќајни пикови

Но, вистинската промена се покажува дури подоцна, во 19 часот, значи околу еден час по завршувањето на протестите и враќањето на сообраќајот во редовниот тек. Тоа воедно дава и совршено објаснување: Доколку сообраќајниот метеж и застојот се најголеми, на пример, во 18 часот, тоа нема да се покаже веднаш на отчитувањата на мерните станици, туку по одредено време, односно час, два, неколку часови. Затоа постојат науки кои соодветно ја третираат проблематиката и научници на коишто треба да им веруваме, место на егзибиционисти или агент провокатори.

Истиот пример важи и за мерната станица во Центар, којашто е поставена наспроти некогашниот НИП. Несомнено е дека вчерашниот пример на најсликовит начин го прикажува влијанието на возилата, на составот на возниот парк и на инертноста, не само на институциите, туку и на еколошките здруженија, кои остануваат неми по отчитувањата што требаше да им ги укажат на изворот на проблемот со загаденоста.

Затоа, пред и ние да се впуштиме во предновогодишно расположение, само уште едно кусо објаснување според гледиштата на нашата редакција, за целата оваа, најблаго кажано фарса:

Македонија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, други земји во регионот, па дури и многу подалеку и во уште подрастичен обем, Украина, жртви се од масовен увоз на стари дизел автомобили, коишто имаат несоодветно пречистување на издувните гасови, особено во поглед на неразградливите честички и азотните оксиди. Последниот пример за тоа го посочивме пред неколку денови, во објавата за последиците што ги чувствува регионот по повеќе од четири години од избивањето на дизел-скандалот.

За политичарите нема загадување, а дизел скандалот ни вози по улица

Станува збор за возила за коишто Германија и други големи автомобилски пазари издвојуваа масивни субвенции, за на сопствениците на тие возила да им се овозможи купување поново и почисто возило. Првичниот план беше возилата да се рециклираат и да се претопат. Но, тоа е скапа постапка, а дополнително се оптоварува и животната средина. Фабриките во ЕУ не можат да испуштаат СО2 колку што им е волја. Дополнителен аспект е тоа што станува збор за држави кои произведуваат автомобили, што значи дека пак профитираат националните економии.

Повеќе грижа има кај еколозите во Германија, кои се залагаат државата да престане да извезува стари дизел автомобили со нефункционален систем за пречистување на издувните гасови по маргините на Европа, отколку кај тукашните „еколози“ кои не се способни ниту да идентификуваат дека „балите“ во Цементарница се токму производ на одржливоста на животната средина

Место во отпад и во топилница, возилата завршија на плацеви за користени автомобили на маргините на Унијата. Многу влади го искористија како популистичка мерка тоа што одеднаш можеа да им обезбедат евтини луксузни автомобили на своите граѓани. Луѓето на Балканот и пошироко конечно можеа да живеат во луксуз, како Германци, Луксембуржани, Белгијци – барем со нивните автомобили, некогашни. Политичари собираа поени за избори, убедувајќи ги луѓето дека со нив, животниот стандард им се подобрил за неколку „класи“.

Автомобилите што беа нечисти за Европа, нам ни беа совршено добри. Тука, истите автомобили не загадуваат, минуваат „беспрекорно“ на технички преглед, па дури и без филтер за честички гареж. Загадувањето на водухот растеше исто како што предупредуваа познавачите.

Државата нема да признае дека автомобилите загадуваат, затоа што нејзиниот буџет се полни од акцизите што народот ги плаќа со секој литар гориво

Државите имаат уште еден бенефит. Горивата се акцизна стока, а од наплата на акциза се полни буџетот и се создава и одржува масивна државна администрација, односно апарат кој станува толку самостоен, што понатаму самиот ќе си изгласува останување на власт. Значи, државите дефинитивно не се адресата од којашто се очекува да реагира, кога еколозите ќе реагираат дека воздухот е загаден од сообраќај и истиот треба соодветно да се редуцира или да се контролира на одреден начин.

Излегува дека токму кај нас е најголем проблем тоа што еколозите остануваат продолжена рака на властите. Многубројните зруженија, асоцијации, движења, обично се најгласни пред донесувањето на буџетот. Тие живеат од средствата што од буџетот ќе се одвојат за нивната борба за зачувување на животната средина.

Интерес на државните институции и на „еколозите“ е проблемот со животната средина да се прикаже нерешлив, односно условно решлив, доколку се издвојуваат стотици милиони евра и доколку се гарантира дека проблемот нема да се реши барем уште во следните дваесетина години. Загадувањето е бизнис

Постои очигледна спрега. Секогаш прво „еколозите“ посочуваат некој горлив проблем, потоа властите реагираат и се заложуваат за проблемот да се надмине, што чини најмалку десетина милиони евра. Користат двете страни, што пред народот се наводно спротивставени.

Токму од тој аспект, никогаш досега не се случило еколозите да посочат на сообраќајот, односно на видоизменетиот возен парк со увозот на стари автомобили, како клучен и доминантен извор на загаденоста на воздухот, не во Скопје, туку во цела Македонија. Само преку стратешки перфидна соработка меѓу властите и еколозите се успеа да се изгради мистерија околу изворите на загадување во градовите, иако е сосем очигледно дека нивото на аерозагаденоста потекнува токму од нагло зголемиот број возила во градовите – возилата што ни пристигнаа од Унијата.

Потребни ни се вистински еколози, од кои конечно ќе почне да се решаваат предизвиците од аспект на заштита на животната средина, место цицалчиња на државни јасни, кои со својата некомпетентност само го разгоруваат проблемот и го пренасочуваат вниманието од вистинските извори на загадување

Народот и натаму ќе живее во немир, зошто конечно не се почне со решавање на проблемот со аерозагаденоста. Преку наивни медиуми ќе се создава потсвест дека заштитата на животната средина божем е предизвик и должност за младата генерација, (којашто ќе го решава проблемот кога ќе порасне), највисоки државници исто така ќе се залагаат и ќе потврдуваат дека проблемот е сериозен и потребни се долги години (и пари од буџетот, на сметка на здравјето на народот), а во меѓувреме од владите ќе објавуваат дека повеќе не користат пластични вилушки и со тоа ја искажуваат својата одговорност во поглед на заштитата на животната средина.

Тоа што на државата ѝ е неопходно да почне да функционира, симболично уште од 1-ви јануари, во самиот почеток на третата декада од третиот милениум е да се појават вистински, место лажни еколози.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

XEV Yoyo Мини на струја чини 6.000 евра, деловите од 3D-печатар

Мини на струја чини 6.000 евра, деловите од 3D-печатар

Opel Corsa MK-premiera

Новата Opel Corsa ја продолжува обновата во градската класа