за

Project 2&4: Возилото од соништата на Honda – и не само на Honda

Осумдесет дизајнери и конструктори на Honda се натпреваруваа да го создадат возилото што ќе оддава најверна слика за марката. Резултатот е спој на мотоцикл и болид, кого што за жал само малкумина ќе го искусат во оваа форма.

Во овој автомобил, или во оваа форма блиска до автомобил, се сé врти околу моторот. Нема каросерија, нема ветробран, нема ниту воздушни перници, ниту пак место за совозач. Багажник, пак, уште помалку. Honda Project 2&4 го поседува само најнеопходното за „возење“ на моторот. Сé што не оди во корист на извлекувањето на максимумот од моторот и на постигнувањето ултимативни возни својства, тука е вишок. Уживањето е најважно.

Honda го создаде овој автомобил со намера да ја нагласи својата водечка позиција како најголем производител на мотори во светот. Секоја година, јапонскиот гигант вградува по 28 милиони мотори во своите автомобили, мотоцикли, бродски мотори, авиони и работни машини и алатки. Така се открива и вистинската симболика во името Project 2&4. Тука се спојуваат уживањето во возење автомобил и мотоцикл, или подобро, овој автомобил се вози како мотоцикл и овој мотоцикл се вози како автомобил.

Централно вграден мотор од тркачкииот мотоцикл RC213V

Конструкторите не пропуштиле можност да го направат секој детаљ посебен. Седиштето, на пример, буквално виси на само неколку сантиметри над асфалтот.
Конструкторите не пропуштиле можност да го направат секој детаљ посебен. Седиштето, на пример, буквално виси на само неколку сантиметри над асфалтот.

Во средината на Project 2&4 е вграден моторот од тркачкиот мотоцикл RC213V, припитомен за возење по јавни патишта. Моторот со четири цилиндри во V и со работна зафатнина од 999 сантиметри кубни, постигнува крајна моќност од 215 КС при 13.000 вртежи и вртежен момент од 118 њутнметри при 10.500 вртежи, кои преку шестстепен менувач со двојна спојка се пренесуваат на задните тркала.

Преку 80 дизајнери и конструктори учествуваа во интерниот Global Design Project, кој се одржува секоја година и има цел да ги поттикне експертите од различните подрачја на Honda да ги соединат целите и да постигнат импресивни резултати. Конципиран во дизајнерското студио на Honda во Асака и дизајниран заедно со автомобилското студио во Вако, Honda Project 2&4 се издвојува од сите вообичаените конструкциски норми.

Јапонците засега само суптилно најавуваат можност оваа идеја да се преточи во сериски автомобил. Не случајно, како локација за премиерата е избран салонот во Франкфурт, каде што автомобилската бранша го вади најдоброто со што располага. Слични концепти веќе постојат, конкретно KTM X-Bow, со таа разлика што Honda има уште поголем кредибилитет да го пушти необичниот болид по улиците.

Инспирација од првиот јапонски болид со гранпри победа во формула 1

Инспирацијата за изгледот и за позицијата на моторот доаѓаат од тркачкиот болид Honda RA272, легендата во шампионатот во формула 1 во 1965 година. Со победата во Мексико, оваа Honda стана прв јапонски болид што освои гран-при во формула 1. Пристапот при конструирањето на Project 2&4 е поблизок до мотоцикл, отколку до автомобил, со однадвор видливи функционални елементи и минималистички пристап. Должината изнесува 3.040 mm, ширината 1.820 mm, а висината само 995 mm. Во комбинација со тежина од 405 килограми и исклучително ниско тежиште, оваа Honda гарантира врвно уживање во возењето и врвни перформанси. За претстава, секоја коњска сила има задача да се справува со само 1,88 килограм тежина. Што друго, освен спектакуларно!

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Штандовите на салонот во Франкфурт чинат меѓу 20 и 80 милиони евра

Кога 510 КС не се доволни: Brabus Mercedes-AMG GT S нуди 600 КС