за

Коментар: Кој тоа профитира од загадениот воздух?

загадување профит коментар

Во потрагата по вистинскиот виновник за нашиот кобен воздух за дишење е најдобро да се следи заплет како од евтин холивудски трилер од Б-продукција, каде што на крај се докажува дека љубовницата го нарачала убиствениот чин, заради наплата на осигурување. Значи, прашањето е, постои ли некој што влече корист од глобално засрамувачката загаденост на македонскиот воздух?

Јавноста дознава првпат за опасниот степен на загаденост на воздухот во есента 2013 година, кога дел од медиумската сцена пријавува дека концентрацијата на штетни материи во воздухот неколкукратно го надминува дозволеното ниво. Многумина дознаваат првпат и за вистинските последици врз здравјето. Тогаш се зборува само за Скопје, останатите градови уште не се ставени на тапет.

А, алармот требало да биде активиран многу порано, затоа што Светската здравствена организација регистрира прекумерно загадување на воздухот во Скопје и во Тетово уште во извештајот за 2008 година. Само од првите медиумски јавувања за „штетниот воздух за дишење“, до денес минале пет години.

Квалитетна разлика: Во Македонија зборуваме за степен на загаденост на воздухот, во „остатокот“ од Европа се зборува за квалитет на воздухот

Проблемот со загаденоста на воздухот постои на глобално ниво. Но, разликата е во тоа што државите совесни за животната средина не дозволија таа да достигне катаклизмични вредности и владите реагираа соодветно уште при првото пречекорување на лимитот, место проблемот да се одложува и да се бара решение дури откако ќе се достигне неколкутратно надминување на загаденоста на воздухот. На почвата, растенијата, на целата природа, исто така – да нема заблуда дека станува збор „само“ за аерозагаденост.

Најчистите европски престолнини: Варшава, 33 микрограми ПМ10 на метар кубен (вредности според Светска здравствена организација, просечна годишна вредност на честички гареж ПМ10)

Кусо за тоа што редакцијата на Аутомедиа го објави неодамна во Зошто и зимава ќе дишеме автомобилски издув: Европа конечно ги исфрли старите дизели со недозволива количина на штетни материи во издувните гасови уште во 2009-2010 година. Тие пристигнаа како евтина понуда, меѓу другото во Бугарија, Романија, Украина, со бродови беа носени и во Африка.

Најчистите европски престолнини: Париз, 28 микрограми ПМ10 на метар кубен (иста вредност и Будимпешта)

Тоа се случува во време кога во Македонија веќе е неодложно надлежните институции да преземат ефективни мерки, затоа што постои извештајот на СЗО во кого што се укажува на алармантна вредност на загаденост на воздухот. Во еден момент, низ државата возат 50.000 стари автомобили со бугарски регистерски таблици. Еко-нормите кои дотогаш го регулираат увозот на автомобили биднуваат урнати и погазени со одлука од Министерството за економија, за овие автомобили да може да се префрлат на македонски таблици.

Пристигањето на тоа што Европа го исфрли како отпад, кај нас стана фолк-хит

Потрошувачката на гориво порасна двојно, на повеќе од 650 милиони тони за година, соодветно се удвои и бројот на стари автомобили со дизел мотор по македонските улици. Како потсетување, тоа што денес го дишеме се продукти од согорувањето на тие 650 милиони тони горива. Малку понапредните средини од нашава, веќе со години регистрираат смалување на потрошувачката на минерални горива.

Најчистите европски престолнини: Лисабон, 26 микрограми ПМ10 на метар кубен (иста вредност и Рим, Љубљана)

Слободата“ во возењето еколошки кобни автомобили се покажува како фантастично ефективна популистичка мера. Сервирана однадвор. Одеднаш Македонија може да вози „мерцедеси, бемвиња, џегјуари и рејнџови“ – стари по дваесетина години. Значи, сепак постои спрега меѓу државата и автомобилите. Корист, што би се рекло.

Најчистите европски престолнини: Копенхаген, 24 микрограми ПМ10 на метар кубен

Единствениот тренд што се бележи од „стартната“ 2013 година наваму е растечка збунетост на населението. Една од последните генијални пивски идеи за потеклото на аерозагаденоста ширум Македонија е посочување кон интензивниот танкерски сообраќај во Солун. Тоа не е изјава на уличен минувач – од кои што инаку доаѓаат најреалните согледувања – туку на службеник, кој (би требало да) одговара за чистотата на воздухот.

Вистинското загадување потекнува од наплатата на акцизи и собирањето ДДВ од масовната потрошувачка на бензин и дизел, полнењето на буџетот и обезбедувањето плата за прекубројната државна администрација, а особено од отсуството на политички кредибилитет, за населението да може да ги прифати препорачаните мерки за надминување на проблемот. На еколошки здруженија, на НВО…

Се слушаат обвинувања и за ресторани и кафеани што испуштаат чад додека печат кебапи, кои според образложенето веројатно се распоредени стратешки по целата територија на „републиката“, со заговорничка цел да загадуваат. Ресторани и кафеани, скари покрај река и бездомнички огнови под мостови, оџаци од соседите и ќумбиња, постоеле многу долго пред трите илјади смртни случаи секоја година, предизвикани од енормната загаденост на воздухот. Дали навистина сме заборавиле како „се дишеше“ во Скопје и во сите наши градови до пред десетина години?

Точно е дека во ширењето на заблудите околу потеклото на загадувањето имаа огромен придонес и таканаречените режимски гласила, кои невистината ја претвораа во вистина, користејќи убедувачка пропаганда платена токму со парите на граѓаните што во исто време се задушуваа од загадениот воздух. Подеднакво е точно и дека по завршувањето на режимот, ништо не се презеде за поништување на веќе вкоренетите заблуди. Зошто?

Најчистите европски престолнини: Прага, 23 микрограми ПМ10 на метар кубен (иста вредност и Брисел, Лондон, Берлин)

Некако е „несвојствено“ за македонскиот народ, беспоговорно и наивно да прифаќа образложенија, кои нормалната интелигенција и логика веднаш би ги отфрлила. Прашањето: Зошто македонските власти никогаш досега не вовеле рестрикција во сообраќајниот обем?

Причина: Наплата на акцизи и ДДВ

Од секој еден литар бензин се наплаќа по 21,692 денари на име акциза. Од секој еден литар дизел се наплаќа по 15,121 денари на име акциза. Пример: Возач кој минува по 10.000 километри годишно со својот дизел автомобил, кој троши по 6,0 литри на сто километри, годишно уплатува по 9.000 денари во државната каса. Секој ден по 25 денари.

Најчистите европски престолнини: Амстердам, 21 микрограми ПМ10 на метар кубен (иста вредност и Хелсинки)

Во Македонија во 2017 година имало регистрирани 403.316 моторни возила, 14.129 мотоцикли, 3.188 автобуси, 35.912 товарни возила, 5.778 влечни возила, 2.707 трактори, 834 работни возила. Некои од автомобилите трошат и бензин, некои и повеќе од десет литри на сто километри. Сумите за кои станува збор: Од јануари до август годинава, Царинската управа наплатила 308,3 милиони евра како приход од акциза. Тука, сепак, спаѓаат и останати стоки, но горивата и натаму имаат најголем удел. Износот на наплатени акцизи пораснал за 10,7 проценти во споредба со истиот период лани. Веќе станува јасно зошто е целата оваа забуна околу изворите на загадувањето? За горивата, инаку, се наплатува и ДДВ. Екстра.

Причина: Набавки на прибор и опрема, експертски ангажмани и нови државни вработувања, работа на проекти, секогаш вклучувајќи „интерес“

Обидете се да извлечете заклучок од мерките што ги предлагаат „одредени“ политички партии: Набавка на телескопски камери и поставување на високите објекти; Обнова на мрежа на мониторинг станици (една станица чини 150.000 евра; дури и производителите биле изненадени дека нивните станици уште работат), опремување акредитирана централна лабораторија; Субвенции за топлински пумпи, инвертер клима уреди во домовите и замена на греењето со нафта во градинките, училиштата, здравствените објекти … (со која фирма ќе се склучи договорот?); Набавка на нови автобуси и воведување нови линии. Слична реторика практикуваат и градските власти.

Причина: Барања од невладини и блиску до владини, еколошки организации и здруженија

Примерен цитат од организации, здруженија и слични интересни заедници, од кои што се очекуваше да постигнат барем минимален напредок во подобрувањето на квалитетот на воздухот: „Сметаме дека Програмата која Владата ја издвои како стратешка, треба да добие многу поголеми средства. Проблемот со аерозагадувањето сметаме дека е многу сериозен и скап проблем и без 100 милиони евра не може да се зборува воопшто дека ќе имаме некоја воочлива разлика за наредната година.“

Најчистите европски престолнини: Стокхолм, 20 микрограми ПМ10 на метар кубен

Овој вид заедници особено ги погодува следното: „Кога по основ на такси за животна средина се собираат 183 милиони евра само од 2016 година, зошто не се доделат барем 100 милиони евра за оваа програма.“ Коментар е сосем непотребен.

Причина: Партии

Во соопштение објавено на веб-страницата на СДСМ на 20-ти ноември стои: „11 години лицемерните ВМРО ДПМНЕ не покажаа загриженост за загадувањето и за здравјето на граѓаните. Напротив, со системското уништување на зеленилото и загрозувањето на животната средина заради остварување криминални интереси, ВМРО-ДПМНЕ дополнително влијаеше за зголемено загадување на воздухот.“

Најчистите европски престолнини: Берн, 19 микрограми ПМ10 на метар кубен (иста вредност и Мадрид, Виена)

Имаме впечаток дека некој или нешто недостига во соопштението? Доколку покрај уништувањето на зеленилото и загрозувањето на животната средина беа спомнати и автомобилите, јавноста подржана од евентуално одговорни организации и институции соодветно ќе „притискаше“ за соодветни рестрикции во сообраќајот. А, тоа би значело: Смалена потрошувачка, смалена наплата на акцизи и ДДВ, незадоволен државен апарат, скусен буџет за реализација на проекти, итн.

Најчистите европски престолнини: Осло, 18 микрограми ПМ10 на метар кубен

И така, доаѓаме до почетокот на следниот волшебен, а толку штетен круг, во кого што целта е никогаш да не се посочи вистинскиот виновник (или виновници), за на тој начин да се оневозможи брзо решавање на проблемот со загаденоста на воздухот, а воедно и да се обезбеди потребниот простор за профит и остварување интерес од секаков вид .

Скопје, 69 микрограми ПМ10 на метар кубен, просечна годишна вредност (Фото: http://www.exploringmacedonia.com)

За крај, едeн агент-провокаторски акт: Со буџет од 600 милиони евра и субвенција од 5.000 евра по возило, во Македонија можеше да влезат 120.000 нови автомобили со беспрекорно чиста еколошка налепница, кои ќе чинеа исто колку извесните „џегјуери и рејнџови“ од 1990-те. Толку чинеше и гипсот во Скопје.

Коментарите се ваши

Зошто и зимава ќе дишеме автомобилски издув?

Топ 10 Најголеми заблуди околу аерозагаденоста во Македонија

Најголемата загаденост со издувни гасови е во кабината на автомобилот

Електричните возила на најтивок, а најгласен собир во Скопје

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

подготовка за зима, акумулатор

Чист акумулатор има помалку шанси да откаже

Ми-Да Гранд Моторс Ford Blue Friday

Петоците се сини за Ford: Попусти и акции во Ми-Да