за

Volkswagen и Renault водечки, Dacia и Mitsubishi со најголем раст во Европа

mitsubishi eclipse cross продажба автомобили европа

На триесетте најголеми пазари во Европа, во првото тромесечје од 2019 година се продадени вкупно 3,79 милиони нови патнички автомобили или за 3,5% помалку во споредба со истиот период лани. Германија, Велика Британија, Франција, Италија и Шпанија остануваат Топ 5 автомобилски пазари, со поголеми отстапувања единствено во последните две земји, кадешто кварталната продажба се намалила за повеќе од 6 проценти.

Од нашите соседи и од поблиските земји во регионот кои се опфатени во статистиката, најмногу возила меѓу јануари и март се продадени во Грција (26.289 возила, -1,8%), потоа во Словенија (19.692 возила, -3,3%), Хрватска (12.171 возила, -12,3%) и Бугарија (8.419 возила, +1,0%).

Меѓу марките, Volkswagen е неприкосновен на врвот, со близу 460.000 продадени автомобили во првото тромесечје од годинава и со пад од 1,3 процент во продажбата. Сите марки во европскиот Топ 10 имаат намалена продажба во периодов, најчесто како резултат од воведувањето на новата норма WLTP, но и поради неколкуте смени на моделски генерации.

Во следниот квартал се очекува Ford да го врати третото место што засега му припаѓа на Peugeot

Последново се забележува најмногу кај Ford, кој заостанува десетина проценти зад првото тромесечје лани, но затоа новиот Focus фаќа сé повеќе залет на пазарот, во меѓувреме е претставена новата Kuga и најавени се хибридни модели, така што се очекува марката наскоро да ја врати својата позиција пред Peugeot.

Тест: Volkswagen T-Roc 1.6 TDI

Renault е втор, Peugeot следи на третото место, Ford е четврти, Opel ја заокружува водечката петорка. Премиум триото Mercedes-BMW-Audi се следи во чекор, а веднаш по нив се наоѓаат Skoda и Toyota. Токму кај последниве две марки се очекува голем поттик во продажбата, кај Јапонците со новите Corolla и RAV4, кај Skoda со Scala и Kamiq.

Ford Kuga радикално сменета и заслужено нова

Fiat има значителен пад од 14 проценти на 11-то место, но затоа одлично напредува Dacia, две места подолу од Италијанците и со раст 12,6 проценти. Кај Mitsubishi се забележуваат резултатите од добрата продажба на Eclipse Cross, како и од традиционално силниот Outlander PHEV.

Jaguar постигнува впечатлив раст од 11,7 проценти, Land Rover продава речиси двојно повеќе возила од сестринската марка

Радосни вести има кај Jaguar, со раст од 11,7 проценти во продажбата и голем продажен поттик што електричниот I-Pace ѝ го дава на целата гама на Британците. Втората марка во групацијата, специјалистот Land Rover, постигнал речиси двојно повисока продажба од Jaguar и во блага предност е пред најлутиот конкурент Jeep.

Продажбата е речиси преполовена кај Alfa Romeo, којашто во првите три месеци од 2019 година постигнала близу 15.000 продажби, што е за преку 40% послабо од ланскиот резултат. Слично е кај Porsche, без дизел моторите, но затоа со неколку нови или освежени моделски серии.

Интересни бројки има кај Bentley, Lamborghini и Bugatti, суперпрестижното трио на VW, кои за три месеци имаат 1.532 продажби – тоа е за четвртина повеќе отколку во периодот до март лани. Lamborghini Urus испраќа поздрави.

Продажби на автомобилските марки на пазарот во Европа во првите три месеци од 2019 година

  Q1 ’19 Тренд (%)
VOLKSWAGEN 458,500 -1.3
RENAULT 272,199 -5.2
PEUGEOT 263,491 -2.3
FORD 262,502 -10.3
OPEL/VAUXHALL 239,717 -4.1
MERCEDES 214,307 -6.2
BMW 204,400 -4.3
AUDI 198,956 -6.3
SKODA 194,344 -1.2
TOYOTA 188,540 -4.5
FIAT 178,900 -14.0
CITROEN 175,790 +5.7
DACIA 145,582 +12.6
HYUNDAI 140,911 -2.9
KIA 132,174 +0.6
SEAT 123,186 +4.2
NISSAN 117,083 -27.0
VOLVO 87,023 +8.7
MAZDA 65,533 -4.0
MINI 55,748 +3.1
LAND ROVER 46,850 -2.7
JEEP 45,906 +11.4
MITSUBISHI 43,112 +16.8
HONDA 38,271 -16.4
JAGUAR 24,781 +11.7
SMART 23,989 +1.2
LANCIA/CHRYSLER 18,554 +34.9
ALFA ROMEO 14,728 -40.7
PORSCHE 12,694 -37.5
LEXUS 12,448 -2.9
DS 10,425 -9.8
Maserati, Dodge 1,645 -41.0
Bentley, Lamborghini, Bugatti 1,532 +25.7
LADA 1,306 +2.4
ALPINE 1,266

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Смартбнампс паметни лежечки полицајци Кисела Вода

Паметните лежечки полицајци Смартбампс остануваат најдобро решение

Mercedes G-Class Earthcruiser Escape

Кога имаш возило што светот ти го прави дом