за

Што вози Америка во времето на Tesla и компанија?

GMC-Sierra-Anthem

Во САД се зборува многу за електричните автомобили, исто како и во Европа и Јапонија, но вистинската слика за автомобилската продажба е сосем спротивна. Електрични или хибридни модели воопшто не се среќаваат меѓу десетте најпродавани автомобили во земјата.

Сите зборуваат за Tesla. Во Калифорнија. Додека продажбата на автомобили со електричен погон бележи голем раст, особено на моделите на Tesla, автомобилите со хибриден погон имаат голем пад во продажбата. Електричната револуција уште се нема случено, затоа што на американскиот пазар, кадешто годишно се регистрираат по околу 17 милиони нови автомобили, главниот удел отпаѓа на големите и тешки пикапи.

Тешките пикапи ги држат првите места во продажбата, тоа се американските „Golf & Co“
New item by Automedia MK / Google Photos

Европски модели речиси не се забележуваат на списокот на најпродаваните, а тоа важи подеднакво и за малечките автомобили. Јапонските и корејските марки се масовно присутни на врвот на табелата, но тие веќе со децении ги произведуваат своите модели за американскиот пазар во локални фабрики.

Ford F-150 со децении наназад е најпродавано возило во САД; Второто и третото место исто така го држат пикапи, од тешка категорија

Меѓу 15-те најпродавани автомобили во САД за минатата година, повторно не може да се сретне електричен автомобил или модел што е достапен само во хибридна изведба. Пазарот му припаѓа на Ford со неговите пикапи од серијата F. Како што Golf со децении наназад е најпродаван автомобил во Европа, така во САД доминира Ford F-150. Тој дури и напредуваше, со продажба зголемена за 1,4 процент во споредба со преклани.

На вториот најголем производител на автомобили во САД, освен пикапите од серијата F и Escape, кој е идентичен со европската Kuga, нема да му останат други модели за продажба на големиот пазар. Американците буквално ја десеткуваа својата понуда од модели и во следните години ќе продаваат само СУВ-модели и пикапи – и Mustang, тој се подразбира.

ford ranger raptor
Петметарските пикапи во категоријата на носивост до еден тон се само втор избор на американските возачи; Но, кај Ranger и останатите модели во класата станува популарен дизелот

На второто место на американската хит-листа се наоѓаат два пикапи од тешка категорија, тешки далеку над два тона, со моќни бензинци со шест или осум цилиндри. Тоа се двајцата браќа од концернот General Motors, пикапот Chevrolet Silverado и неговата луксузна изведба GMC Sierra. Тие лани се продале заедно во 806.000 примероци.

Најпродаваната лимузина во царството на големите лимузини го носи знакот на … Toyota

Трет е големиот пикап од марката RAM, којашто е дел од групацијата Fiat Chrysler. Продажбата на пикапот лани порасна за седум проценти, а пристигна и титулата за најдобар камионет на годината, но со 537.000 продадени примероци, моделот заостанува далеку зад двата конкурента пред него. Големо изненадување е тоа што новите дизел верзии, со голема моќност, а ниска потрошувачка, наидуваат на сé поголем интерес меѓу тамошните возачи. Тоа најмногу важи за „малечките“ пикапи во класата до пет метри, како што се Toyota Tacoma, Chevrolet Colorado или Ford Ranger.

Honda CR-V
Хибридниот погон дополнително придонесува за високата популарност на Honda CR-V

Четвртото место на списокот на најпродавани модели припаѓа на Toyota RAV4, со продажба зголемена за пет проценти и вкупно 425.000 продадени примиероци, вклучувајќи и хибридни верзии. Со овој резултат, RAV4 е во голема предност пред братските модели од концернот. Camry е на седмото место со 343.000 примероци, Corolla е десетта со 303.000 примероци.

Така изгледаа американските автомобили пред повеќе од половина век · Lincoln Continental од 1964 година
New item by Automedia MK / Google Photos

Двата главни конкуренти на RAV4, следат веднаш на петтото и шестото место. Тоа се Nissan Rogue (412.000 возила) и Honda CR-V (378.000 возила), кои исто така се достапни и во изведба со хибриден погон. Јапонскиот број 1 има уште два модела во Топ 15. Не е изненадување што едниот е пикап (Tacoma), а другиот модел е голем СУВ (Highlander).

Jeep Wrangler е во мала предност пред „цивилните“ Cherokee и Grand Cherokee

New item by Automedia MK / Google Photos

Американскиот гигант General Motors ја следи стратегијата (или судбината) на Ford и исто така се соочува со драстично смалена продажба на лимузинските модели. Мала утеха е тоа што Chevrolet Equinox е пласиран релативно високо, на осмото место. Статистиката на 15-те најпродавани модели во САД ја заокружува Jeep Wrangler, кој со 240.000 продадени возила е во минимална предност пред браќата од концернот, Jeep Cherokee и Grand Cherokee. Тоа што меѓу дваесетината најпродавани модели нема ниту еден што се продал во помалку од 200.000 примероци укажува на големината (и на значењето) на пазарот во САД.

Tesla Model 3 одамна ја престигна годишната продукција на останатите електрични автомобили

Наспроти овие „ѕвезди“ на американскиот пазар, Tesla речиси и не се забележува. Иако производителот од Фермонт драстично ја зголеми продукцијата, особено по надминувањето на почетните проблеми во ускладувањето на производствените процеси за Model 3, лимузината од средната класа уште заостанува зад најпродаваните автомобили во земјата.

Tesla Model 3
Производствените ленти за Tesla Model 3 конечно профункционираа правилно

Од Tesla Model 3 лани се продале близу 140.000 примероци, при што само во декември беа испорачани 25.000 возила. Доколку се задржи сегашниот тренд на продажбата, електричната лимузина годинава би можела да надмине продажба од 300.000 примероци, само на пазарот во САД. Но, според ланските статистики, оваа продажба би била доволна само за десеттото место.

Од следната пролет, Tesla конечно ќе стартува со испораки на Tesla Model 3 за своите клиенти во Европа и Кина, коишто трпеливо го чекаат својот електричен автомобил подолго од една година. Од друга страна, новата електрична лимузина од Калифорнија веќе одамна ги престигна останатите модели со погон на струја, како Nissan Leaf, Renault Zoe и BMW i3.

За годинава се очекува дека американските возачи ќе бидат исто толку расположени за нов автомобил како лани. Тоа значи околу 16,8 милиони нови возила на американските патишта. За една година.

Електричниот автомобил што Америка го имаше, но не го сакаше

Тие се како Golf и Caddy за Американците

Mercedes гради фабрика за батерии во САД

Возачи на пикапи блокираат полначи на Tesla

Mercedes X-Class и Renault Alaskan: Пикапите се новите теренци?

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ford Focus продажба

Ford напредува на германскиот пазар повеќе од VW и BMW

автомобилски новитети 2019 година

Ова се најважните автомобилски новитети во 2019 година