за

Премиум компактите под притисок од новите СУВ модели

Компактите од премиум марките го губат делот од пазарот, на сметка на големиот раст во продажбата на СУВ моделите. Дополнителна сопирачка е тоа што дел од носечките модели во продажбата, како Audi A3 и серијата 1 на BMW, веќе одамна се на пазарот и чекаат наследници. Mercedes A-Class веќе ја изврши генерациската смена.

Предводен од германското трио премиум компакти, односно A-Class, серијата 1 и A3, сегментот бележеше постојан раст во изминативе десетина години, за преклани да надмине еден милион продадени примероци. Оттогаш, пазарот за компактните модели од марките со луксузните лимузини и теренци опаѓа. Пазарните експерти очекуваат годинава да се продадат сто илјади возила помалку во овој сегмент.

Три нови СУВ модели чекаат продажен старт уште во почетокот од годината

Купувачите им остануваат верни на премиум марките, но место за класичен компакт се решаваат за СУВ модел. Уште во почетокот на годинава има три нови модели – Volvo XC40, Jaguar E-Pace и BMW X2. Наспроти тоа, новите генерации на Audi A3 и серијата 1 на BMW ќе пристигнат дури во 2019 година. Единствен новитет меѓу класичните компакти е A-Class, кој имаше премиера неодамна.

mercedes a-class w177

Mercedes набрзо ќе ги претстави и останатите моделски изведби во гамата компактни модели, секако вклучувајќи го и GLA, покрај CLA, CLA Shooting Brake и B-Class. Дополнително ќе се понудат уште три комлетно нови моделски изведби на база на A-Class: Верзија на B-Class со седум седишта, теренец со робусен изглед GLB и кабриолет. Во постоечките пазарни услови, извесно е дека Mercedes ќе избие во голема предност пред конкурентите од Инголштат и Минхен. Откако и тие ќе ги претстават новите генерации на A3 и серијата 1, продажбата во сегментот може повторно да надмине еден милион на крајот на деценијата.

Годинава првпат повеќе СУВ модели отколку класични комбилимузини

Доколку се сметаат само основните комбилимузински изведби, се предвидува дека нивната продажба годинава ќе достигне околу 460.000 примероци. Наспроти тоа, за СУВ моделите се предвидуваат околу 520.000 примероци. Тоа значи дека продажбата на СУВ изведбите за првпат ќе ги надмине класичните комбилимузини. Трендот ќе се задржи и во иднина, со многу поголем раст кај „теренците“.

Volvo XC40

Mercedes, BMW и Audi комплетно владејат со сегментот. Конкурентите како Alfa Romeo Giulietta или Mini Clubman постигнуваат само симболични продажби. Пазарните аналитичари предвидуваат дека во следните години ќе продолжи намалувањето на интересот за моделите со дизел мотор. Лани биле продадени за 15 проценти помалку возила со дизел мотор.

Купувачите покажуваат зголемен интерес за екстермните спортски изведби, како A45 AMG, S3 и RS3, како и M140i. Спортските компакти со моќност над 200 КС лани забележиле пораст од околу 15 проценти. Во просек, секој десетти продаден компакт поседува мотор со преку 200 КС.

Најпродавани премиум компакти

во периодот од јануари до ноември 2017

Марка и модел

Примероци

Тренд

1

Audi A3

158.014

-12%

2

Mercedes A-Class

137.536

1,3%

3

BMW серија 1

127.490

3,7%

4

BMW серија 2 *

105.597

-16%

5

Volvo V40

66.027

-5,4%

6

Mercedes CLA

61.894

-2,5%

7

Mercedes B-Class

60.650

-11%

8

Alfa Romeo Giulietta

31.285

-20%

9

Mini Clubman

30.107

-8,3%

10

Lexus CT

7.816

3,7%

* Во продажбата на серијата 2 на BMW се вклучени и вановите Active Tourer и Gran Tourer

Податоци од Jato Dynamics

Топ 5: Најевтини модели во компакт класата

Дали знаете дека постојат BMW M3 пикап, комби и компакт?

Неколку факти што Mercedes сака да ги знаеме за A-Class

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Lincoln Navigator

Ford мора да гради втора фабрика за Lincoln Navigator

Aston Martin производи за фанови

Aston Martin поканува во новоотворената онлајн-продавница