143
19 shares, 143 points

Уште еден историски момент се случуваше во салоните на Порше Македонија, покрај домашната премиера на Golf 8. „Вториот“ електричен модел на Porsche воспоставува јасна симболика меѓу Golf и неговиот пандан од паралелниот свет на електромобилноста, Volkswagen ID.3.

Два значајни моменти од историски карактер за автомобилизмот, веднаш на педесетина метри оддалеченост. Во „новоданочна“ и предизборна Македонија, вчера во салонот на Volkswagen се одржа домашна премиера на осмата генерација на Golf, за веднаш потоа во салонот на репрезентативната марка на концернот да следи уште една премиера што исто така е од општо значење за целата автомобилска сцена – електричен и само електричен Porsche Taycan.

Најважната домашна премиера на електричен автомобил досега, постигнува многу повеќе отколку парадирање во продажен салон. Не се бројките тоа што импресионира, туку самиот факт што овој автомобил постои и достапен е во македонскиот салон на Porsche. Тука повеќе не станува збор за иднина, туку за непобитна реалност. Единствено е прашање на изборот, а кога се работи за авангардата и ексклузивноста, кои се меѓу решавачките аргументи кај спортските автомобили, моментно не постои нешто што ветува повеќе авангарда и ексклузивност од електричен автомобил – па, уште и електричен Porsche!

Електромобилноста напредува, кочничарите се’ помалку се делотворни во својата мисија да го „оцрнат“ погонот на струја и да ја поштедат индустријата од масивно вложување во чистиот погон

Околу погонот на струја можат да се слушнат најразлични мудрости, кои најчесто поаѓаат од тврдоглавото убедување дека електромобилноста е добра само доколку струјата потекнува од „чисти“ извори. Секогаш кога кочничарите на електромобилноста ќе настапат со таков став, наивно препишан од глобални гласници, за кои нафтената индустрија е најдоброто што го има достигнато човечката цивилизација, прво нека аргументираат околу следново: Сé додека по македонските патишта не почнат да сообраќаат десетици илјади автомобили на батерија, потеклото на струјата е апсолутно нерелевантно. Кога електромобилноста ќе го достигне тој стадиум по нашите улици, производството на електрична енергија е „извесно“ дека во најголемиот дел ќе се базира врз обновливи извори.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Дизел-Европа за фантастично кусо време прерасна во водечки пазар за електричните автомобили во глобални рамки. Годишната продукција веќе надминува два милиони возила на струја, електричните автомобили на повеќе пазари во Европа ја преземаат позицијата на бестселери, а нивната цена, вклучувајќи ги државните субвенции, веќе се споредува со моделите со обичен погон. Електричната Skoda Citigo, на пример, со субвенции чини околу 15.000 евра на германскиот пазар.

Домашната медиумска сцена повторно ќе пропушти да го процени значењето на чинот од пристигањето на Porsche Taycan, па барем и во интерес на воспоставување повисока свест за животната средина, генерално на автомобилската сцена

Колку што е историски моментот, толку е историска штетата во тоа што тукашната медиумска сцена е нефункционална да го препознае значењето на македонската премиера на Porsche Taycan и истата да ја искористи за на автомобилската сцена да ѝ се даде нов колосек, различен од тој што ја одбележа целата претходна деценија и кој единствено се базира врз обожувањето на „евтиниот“ увоз на стари луксузни автомобили до ниво на култ, со дебилно превидување на фактот дека тоа се автомобили што „светот“ ги отфрли како загадувачи.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Porsche Taycan е токму тоа, мост меѓу Golf, репрезентативецот на европската автомобилска индустрија речиси пет децении наназад, и „новиот Golf“, електричниот ID.3, кој исто така припаѓа во компакт класата, кој е позициониран во истиот ценовен сегмент и кој е конципиран според истите начела, да биде уште еден народски автомобил, паралелен Golf. Кога ID.3 ќе стартува со испорака во лето, за многумина купувачи ќе биде само прашање на избор, дали Golf со обичен мотор – иако и таму има одреден степен на електрификација – или електричен ID.3. Секако, тоа прашање станува релевантно со државните субвенции, кои масивно ја подржуваат електромобилноста.

Реално, доволно е да се искористи и самата симболика на чинот од пристигањето на Taycan и политиката и пазарот да научат да ги разликуваат еколошките и нееколошките автомобили. Кај нас уште е прерано да се каже и дека е рано да се зборува за електромобилност во помасовен обем. Porsche Taycan не е само луксуз, престиж и екстраваганција, туку е автомобил што е дојден тука да стави актуелен печат од автомобилската бранша, со датум од 2020 година.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Volkswagen Golf 8 започнува со продажба во Македонија


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

143
19 shares, 143 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *