за

Каков избор на користено возило е Porsche Panamera

Porsche Panamera Turbo I

Речиси нова Porsche Panamera Turbo, со 500 КС и по цена на лимузина од средна класа? Тоа ќе беше неодолива понуда, доколку не беа скапото одржување и баснословните цени на потрошните и резервните делови, кои достигаат и до 20.000 евра

Возачите некогаш ги намамува идејата да седнат во автомобил покрај когошто сите останати ќе бидат послаби и неугледни. Porsche Panamera Turbo, на пример, со осумцилиндарец од 4,8 литри и со рамно 500 КС. Тоа што цената му е далеку над 100.000 евра, не е проблем, затоа што по седум години, вредноста се изедначува со лимузина од средна класа, извадена од салон.

Изгледа како насукан кит, но затоа вози како млазен авион

Секако дека Porsche Panamera привлекува многу повеќе внимание од обична лимузина, иако многумина немаат најдобро мислење за изгледот. Panamera или ви се допаѓа од прва или едноставно не можете да ја сварите. Така беше уште при првото појавување во 2009 година, така е до денес. Обидот да се постигне повеќе простор во силуетата на Porsche 911 не заврши многу успешно.

Porsche Panamera Turbo I 1

Внатре не се гледа ништо од тоа. Со Panamera може да се вози и на долги релации, по желба покомфорно отколку со кој било друг модел на Porsche, благодарение на пневматската амортизација којашто се нудеше со доплата. Сместен во четири седишта, екипажот се чувствува како во млазен авион пред полетување.

Porsche требаше да извлече поука по дебаклите со моторите во Cayenne и 996 – во оваа класа не смее да се случи дефект на мотор

Panamera е совршен гран-туризмо, што прави таа да биде веродостоен наследник на Posche 928. Моторот е вграден напред, а обично се избира осумцилиндарец. Единствено во основниот модел и во дизел варијантата работат шест цилиндри. Во првите три години од производството на Panamera, токму помалиот бенцинец правеше проблеми. Тој буквално „пролупуваше“, односно поради опасноста од неконтролираното палење на смешата се создаваа детонациски бранови во коморите за согорување, од коишто се оштетуваа клиповите.

Porsche Panamera Turbo I 3

Осумцилиндарците не се многу подобри, и тие се чувствителни машини. Дури и при грижливо сервисирање, честопати се случувало моторите да се ремонтираат или заменуваат и по само 50.000 километри. Причина за тоа може да бидат истрошените клипни прстени. Цената на поправката изнесува 20.000 евра, ако не и повеќе.

Технички податоци · Porsche Panamera Turbo

Мотор: Осумцилиндарец / напред надолжно
Вентили / Брегасти вратила: 4 по цилиндар/2
Работна зафатнина: 4806 cm³
Моќност 368 kW (500 КС) при 6000/min
Вртежен момент 700 Nm при 2250/min
Крајна брзина 303 km/h
0–100 km/h 4,2 s
Резервоар / Гориво: 100 l/Супер Плус
Пренос / Погон: Седумстепен автоматик / На сите тркала
Должина / Ширина / Висина 4970/1931/1418 mm
Багажник 445-1263 l
Празно возило / Носивост: 1970/530 kg

При изборот треба да се внимава дали возилото е опремено со „чувствителни“ опции

Производителот нуди решение преку склучување гаранција за користени возила „Porsche Approved“, којашто важи за автомобили до 15 години и 200.000 километри. Услов за тоа е возилото да помине на т.н. проверка на 111 позиции, како и редовно да е сервисирано во мрежата на Porsche.

Porsche Panamera Turbo I 5

Ризикот сепак останува. Керамичките сопирачки, коишто се вградувани како опција и би требало да траат вечно, честопати откажуваат по само 100.000 километри. Сервисната работилница ќе побара да ги смени, што е трошок од дополнителни 20.000 евра. Со цената не заостанува многу и оригиналниот придушувачки лонец за Panamera Turbo, заедно со издувните цевки: Во Германија, над 4.000 евра. Со текот на времето се распаѓа и предкатализаторот, којшто повлекува и опаѓање на моќноста.

Porsche Panamera Turbo I 2

Од тоа и на најголемите оптимисти им станува јасно. Porsche Panamera бара многу за одржување и сервисирање. Но, сонувањето не е забрането.

Податоци од тестот на користено возило на Ауто Билд · Porsche Panamera Turbo

Потрошувачка на тест: 16,2 l SP/100 km
Редовно сервисирање 600 – 1100 евра

Цени на резервни делови:
Алтернатор (репариран) 1687 евра
Стартер (репариран) 815 евра
Пумпа за вода 636 евра
Придушувачки лонец и издувни цевки 4172 евра
Предно крило, лакирано 1329 евра
Сопирачки дискови и облоги, напред 2096 евра

(цени со работна рака и ДДВ, во Германија, податоци од Ауто Билд)

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

BMW M2 Competition Showcar

Вака BMW навива за германските фудбалери

bmw i8 roadster bmw open golf

Овој човек во еден замав заработе BMW i8 Roadster