за

Porsche Panamera до детал: Моторите во новиот „GT“ од Цуфенхаузен

Сите се нови, сите се силни и штедливи. Porsche вградува нови мотори V6 и V8 со битурбо-натполнење во спортската лимузина. Automedia Ви ги открива сите детали за новите мотори во Panamera.

Сите се нови, моќни и штедливи – тоа се новите мотори во конфигурација V6 и V8, со битурбонатполнење и моќност во дијапазон меѓу 422 КС и 550 КС. Заедничка водилка при развојот на сите мотори беше еден конструкциски пристап, што во жаргонот на инженерите за мотори се води како „жешката страна внатре“. Тоа значи дека турбополначите во новите мотори во Panamera се интегрирани средишно меѓу обете половини на V-блокот.

Средишното поставување на турбополначите носи повеќе предности. Моторите се покомпактни, со што се овозможува нивно пониско вградување. Тоа, пак, влијае позитивно врз тежиштето на возилото, а со тоа и врз возните својства. Следна придобивка е кусото растојание меѓу двата турбополнача и коморите за согорување. Тоа придонесува за побрза реакција на моторот.

Технологијата од суперспортскиот 918 Spyder се користи и во Panamera

Инженерите на Porsche се погрижија реакцијата на моторот да стане уште побурна, со програмата Sport Response. Оваа програма е дел од опциите на ротирачкиот прстен Mode, за првпат вграден кај Porsche 918 Spyder, преку когошто се избираат четирите модуси за возење – нормален, спортски, екстремно спортски и индивидуален. Во средината на прстенот се наоѓа копчето Sport Response. Негова функција е да го обезбеди максималниот потенцијал на Panamera, буквално со притискање на копче.

Porsche Panamera Turbo

Моментно најсилниот бензинец работи во Panamera Turbo. Неговиот 4,0-литарски V8 со битурбо-натполнење ослободува 550 КС при 5.750 вртежи и максимален вртежен момент од 770 њутнметри во целото подрачје меѓу 1.960 и 4.500 вртежи. Силината во споредба со претходникот е зголемена за 30 КС, а вртежниот момент за 70 њутнметри.

Осумцилиндарецот ја забрзува Panamera Turbo за 3,8 секунди до 100 km/h. Ова време со пакетот Sport Chrono се скусува на 3,6 секунди. Крајната брзина изнесува 306 km/h. На моторот очигледно му е „лесно“ да ги постигне овие перформанси, при тежински сооднос од само 3,6 килограми по коњска сила. При овие исклучителни перформанси, потрошувачката на гориво е намалена за 1,1 литар, на 9,4 литри.

По потреба, осумцилиндарецот се претвора во четирицилиндарец

Коморите за согорување на V8 се снабдуваат со компримиран воздух преку напредно конципирани турбополначи Twin-Scroll. Двата компресора ротираат спротивно еден од друг и го обезбедуваат максималниот вртежен момент уште при ниски вртежи. Четирилитарскиот V8 во Panamera Turbo е прв мотор на Porsche што работи со новата приспособлива контрола на работата на цилиндрите. При делумно оптоварување, осумцилиндарецот привремено се претвора во четирицилиндарец, без возачот да го почувствува тоа. Како резултат од тоа, потрошувачката на гориво се намалува до 30 проценти, кога се исклучени половина од цилиндрите.

Porsche Panamera 4S

Шестцилиндарецот од 2,9 литри со битурбо-натполнење во Panamera 4S ослободува 440 КС при 5.600 вртежи, што е за 20 КС повеќе од претходникот. Максималниот вртежен момент од 550 њутнметри (+30 Nm) стои на располагање во подрачјето меѓу 1.750 и 5.500 вртежи. Спринтот до сто трае 4,4 секунди (4,2 со пакет Sport Chrono), крајната брзина е 289 km/h. Просечната потрошувачка изнесува 8,2 литри или за 1,0 литар помалку во споредба со претходната Panamera 4S.

Исто како V8 во Panamera Turbo, шестцилиндарецот во Panamera 4S поседува инјектори за директно впрскување што се позиционирани средишно во коморите за согорување. Со ваквата положба на инјекторите се постигнува оптимално согорување, максимална ефикасност и одлична реакција на моторот. Покрај тоа, 4S и Turbo се одликуваат со впечатлив и оригинален длабок тон на моторот.

Осумцилиндарски дизел со притисок на впрскување на гориво до 2.500 бари

Panamera стартува со нов осумциндарски дизел, кој за првпат доаѓа во комбинација со постојан погон на сите тркала. Најсилниот дизел досега вграден во сериски модел на Porsche располага со 422 КС при 3.500 вртежи и импозантен вртежен момент од 850 њутнметри – константно во подрачјето од само 1.000 вртежи до 3.250 вртежи. Со крајна брзина од 285 km/h, Porsche Panamera 4S Diesel во моментов е најбрзиот сериски автомобил со дизел мотор. Спринтот до сто трае 4,5 секунди, односно 4,3 секунди со пакетот Sport Chrono. Просечната потрошувачка изнесува 6,8 литри на сто километри.

Porsche Panamera 4S Diesel

Турбополначите исто така се вградени средишно меѓу обете страни на V-блокот, со таа разлика што работат со регистерска контрола. Во зависност од оптоварувањето, моторот работи како би-турбо или моно-турбо. При ниски и средни вртежи работи само еден од двата турбополначи, за моторот да реагира побрзо. Дури кога бројот на вртежи ќе се зголеми над 2.700 вртежи се активира вториот турбополнач кој дотогаш останувал да мирува. Обата турбополначи располагаат со варијабилна геометрија, што се користи и кај 911 Turbo.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Сообраќајни знаци за корисници на паметен телефон во Јужна Кореја

Москва е шестиот град што прераснува во „Audi City“