за

Со Porsche до Галичник: Знаат ли овие автомобили за ограничувања?

Porsche Македонија Галичник

Порше Македонија организираше настан, по којшто секој чесен автомобилски новинар или автор, зависи кој како се цени, треба да земе двонеделен одмор и да мрзи сé што не е Porsche. И потоа, сé од ново, до следниот настан кој ќе биде со истиот исход.

Глетката е несекојдневна и богата со симболика. Спортски автомобили со тристотини, петстотини, бескрајно коњски сили, запрени се кусо на тесен пат со груб планински асфалт, во еден од бројните македонски предели кадешто ретко некој би се запрашал околу постоењето на виша сила. Ова е Бистра, на висина од околу 1.600 метри, патот води до Галичник.

Запираат и малкуте автомобили што доаѓаат или заминуваат од овој крај. Секому е јасно дека се случува нешто посебно. На луѓето што ова го работат како професија, набрзо им се придружуваат уште десетина случајни фотографи, критичари, љубители. Отсуствува вообичаената нетрпеливост од урбаното секојдневие. Porsche се почитува.

New item by Automedia MK / Google Photos

Човек би рекол дека ова не е секојдневие и за спортските автомобили на Porsche. Нема мирис на гуми и сопирачки, нема ниту жештина што ќе се чувствува до два метри од моторот или од дисковите. Ова е лесна вежба за механиката на автомобилите од штутгартската марка, логиката на вештачката интелигенција на менувачите ги држи моторите на одвај две илјади вртежи.

Вежбата е лесна, но само затоа што инженерингот е врвен. Кој имал можност да мине низ поскапите квартови во Минхен или Хамбург, знае за што станува збор. Буквално секој трет автомобил паркиран пред старите куќи таму е Porsche, релативно нов, или сосем спротивно, тежок олдтајмер. Тоа е суштината на оваа автомобилска марка. Porsche се вози како автомобил за секој ден. Спортска машина за до првиот дуќан со „боквурст“.

New item by Automedia MK / Google Photos

Тоа што автомобили со мотори кои можат да создадат провев за половина скопско маало се пристигнати на еден километар до Галичник, всушност е уште еден триумф за спортската марка. Некои од нив имаат бандажи од преку 20 инчи, вредни колку дизел со еуро 4, со перфорирани сопирачки дискови зад нив, кои се големи колку бандажите на спортски компакт.

Кога не би се возеле оние милиони километри при развојот и кога Porsche би ја напуштил својата традиција на совршенство, најмалку кај половината од автомобилите на оваа тура ќе се заглавеа камчиња во сопирачките и на прочуените „лакти“ при искачувањето кон Галичник ќе се истружеа скапите и ниски браници.

Актерите во овој филм во режија на Цуфенхаузен-вуд

New item by Automedia MK / Google Photos

⇒ Porsche 718 Cayman T PDK (982C)

Мотор Боксер, 4 цилиндри, турбо, 1998 ccm, 220 kW (300 КС) при 7500/min, 380 Nm при 2150/min, погон назад, 7-степен менувач со двојна спојка Димензии и тежини 4379 х 1801 х 1276 mm, меѓускино растојание 2475 mm, растојание од подлога 133 mm, круг на вртење 11,0 m, багажник 425 l, празно возило 1455 kg, носивост 230 kg Перформанси 0-100 km/h за 4,9 s, крајна брзина 275 km/h, потрошувачка просек (WLTP) 8,6 l/100 km, резервоар 54 литри Цена на основен модел во Германија 67.688 евра

⇒ Porsche 718 Boxster GTS PDK (982)

Мотор Боксер, 4 цилиндри, турбо, 2497 ccm, 269 kW (365 КС) при 6500/min, 430 Nm при 1900/min, погон назад, 7-степен менувач со двојна спојка Димензии и тежини 4379 х 1801 х 1272 mm, меѓускино растојание 2475 mm, растојание од подлога 131 mm, круг на вртење 11,0 m, багажник 275 l, празно возило 1480 kg, носивост 225 kg Перформанси 0-100 km/h за 4,3 s, крајна брзина 290 km/h, потрошувачка просек (WLTP) 9,2 l/100 km, резервоар 64 литри Цена на основен модел во Германија 83.634 евра

⇒ Porsche 911 Carrera S (992)

Мотор Боксер, 6 цилиндри, битурбо, 2981 ccm, 331 kW (450 КС) при 6500/min, 530 Nm при 2300/min, погон назад, 8-степен менувач со двојна спојка Димензии и тежини 4519 х 1852 х 1300 mm, меѓускино растојание 2450 mm, растојание од подлога – mm, круг на вртење 11,2 m, багажник 264 l, празно возило 1590 kg, носивост 395 kg Перформанси 0-100 km/h за 3,7 s, крајна брзина 308 km/h, потрошувачка просек (WLTP) 9,9 l/100 km, резервоар 64 литри Цена на основен модел во Германија евра 120.125 евра

⇒ Porsche 911 Carrera 4S (992)

Мотор Боксер, 6 цилиндри, битурбо, 2981 ccm, 331 kW (450 КС) при 6500/min, 530 Nm при 2300/min, погон на сите тркала, 8-степен менувач со двојна спојка Димензии и тежини 4519 х 1852 х 1300 mm, меѓускино растојание 2450 mm, растојание од подлога – mm, круг на вртење 11,2 m, багажник 264 l, празно возило 1640 kg, носивост 370 kg Перформанси 0-100 km/h за 3,6 s, крајна брзина 306 km/h, потрошувачка просек (WLTP) 10,4 l/100 km, резервоар 67 литри Цена на основен модел во Германија 127.979 евра

⇒ Porsche Panamera Turbo S-E Hybrid (971)

Мотор V8, битурбо, плагин-хибрид, 3996 ccm, 500 kW (680 КС) при 5750/min, 850 Nm при 1400/min, погон на сите тркала, 8-степен менувач со двојна спојка (батерија литиум јон 14,1 kWh, Vmax само на струја 140 km/h, досег 40 km) Димензии и тежини 5049 х 1937 х 1427 mm, меѓускино растојание 2950 mm, растојание од подлога 133 mm, круг на вртење 11,9 m, багажник 405/1245 l, празно возило 2385 kg, носивост 410 kg Перформанси 0-100 km/h за 3,4 s, крајна брзина 310 km/h, потрошувачка просек (WLTP) 3,5 l/100 km, резервоар 80 литри Цена на основен модел во Германија 190.335 евра

⇒ Porsche Macan S (95B)

Мотор 6 цилиндри, во линија, турбо, 2995 ccm, 260 kW (354 КС) при 5400/min, 480 Nm при 1360/min, погон на сите тркала, 7-степен менувач со двојна спојка Димензии и тежини 4696 х 1923 х 1624 mm, меѓускино растојание 2807 mm, растојание од подлога 205 mm, круг на вртење 11,7 m, багажник 458/954 l, празно возило 1940 kg, носивост 640 kg Перформанси 0-100 km/h за 5,3 s, крајна брзина 254 km/h, потрошувачка просек (WLTP) 11,0 l/100 km, резервоар 65 литри Цена на основен модел во Германија 64.356 евра

⇒ Porsche Cayenne Turbo (9YA)

Мотор V8, битурбо, 3996 ccm, 404 kW (550 КС) при 5750/min, 770 Nm при 2000/min, погон на сите тркала, 8-степен автоматски менувач Димензии и тежини 4926 х 1989 х 1673 mm, меѓускино растојание 2895 mm, растојание од подлога 245 mm (max), круг на вртење 12,1 m, багажник 745/1710 l, празно возило 2250 kg, носивост 685 kg Перформанси 0-100 km/h за 4,1 s, крајна брзина 286 km/h, потрошувачка просек (WLTP) 13,6 l/100 km, резервоар 90 литри Цена на основен модел во Германија 138.850 евра

New item by Automedia MK / Google Photos

Екстремите во овој галички потфат на Porsche

Цена

    • Од 64.356 евра за Porsche Macan S
    • до 190.335 евра за Porsche Panamera Turbo S-E Hybrid

Моќност

    • Од 300 КС на Porsche 718 Cayman T PDK
    • до 680 КС на Porsche Panamera Turbo S-E Hybrid

Висина

    • Од 1272 mm на Porsche 718 Boxster GTS PDK
    • до 1673 mm на Porsche Cayenne Turbo

Тежина

    • Од 1455 kg на Porsche 718 Cayman T PDK
    • до 2385 kg на Porsche Panamera Turbo S-E Hybrid

Забрзување 0-100 km/h

    • Од 5,3 секунди на Porsche Macan S
    • до 3,4 секунди на Porsche Panamera Turbo S-E Hybrid

Крајна брзина

    • Од 254 km/h на Porsche Macan S
    • до 310 km/h на Porsche Panamera Turbo S-E Hybrid
New item by Automedia MK / Google Photos

Главната ѕвезда секако е новата генерација на 911, засега достапна само во „средниот“ степен на моќност, како Carrera S. Класичната нота на единаесетката веројатно никогаш не била пренесена поверно во актуелен модел. Тоа важи и за дизајнот на каросеријата, кој сега подолго го привлекува погледот, исто како и за хоризонталната ориентација во кокпитот, кадешто јасно се препознава намерата да се следи примерот на пра-911.

Porsche 911 Carrera S денес ги нуди истите перформанси како легендарниот Porsche 959 од крајот на 1980-те години

Тоа што не може да се оттргне од свеста е дека ист ваков Porsche, но тогаш екстремен Porsche, возеше кон крајот на 1980-те години. Ист, како по своевремено револуционерното битурбо-натполнење, така и по моќноста. Во 1987 година, Porsche 959 возеше со 2,9-литарски боксер со 450 КС. Истата моќност сега ја нуди Carrera S. Спринтот и крајната брзина на „959“, на коишто се одушевуваше светот: 3,9 секунди и 310 km/h. Спринтот и крајната брзина на „911 S“, на коишто светот и натаму се одушевува: 3,7 секунди и 308 km/h.

Со допирање на средишниот дисплеј или преку контролерот на воланот може да се избере нормална, Спорт или Спорт+ програма, плус програма за возење по влажна подлога и воопшто за влошени услови на патот. Овие местења влијаат врз целата погонска спрега и подвозјето. Секако дека изборот е Спорт+, за најдобро да се почувствуваат гените на „959“ во модерниот класичар на Porsche.

New item by Automedia MK / Google Photos

По притискањето на гасот следи чувство што сигурно не се разликува од тоа кога човек би се нашол во оркан. Најдоброто чувство сепак е во тоа што, зад воланот на овој Porsche, човек сам го контролира орканот. Што и да се посака, оваа „единаесетка“ исполнува.

Најблиска претстава за порше-филозофијата: Тоа е исто како на врвен инженер да му дадете коцка челик и да го задолжите да го изработи најдоброто што знае и умее со неа. Потоа, истата таа коцка му ја предавате на следниот инженер, и тој врвен, и тој со истото задолжение. И така, милион пати … и продолжува…

Притоа останува талентот на автомобил за секој ден. Не е потребно да се турира гас на семафор и да се притиска гасот, за Porsche повторно да биде прв на следниот семафор. Фантастичното достигнување што мора да им се признае на инженерите на маркава, е тоа што дури и кога „911“ се вози со спонтаното темпо на градскиот сообраќај, не изостанува уживањето во возењето. Ова спортско купе не го пропушта епитетот спортско дури и кога се вози со 10, 20 или 50 километри на час.

Прецизноста во управувањето и во дозирањето на гасот и сопирачките, во сé, напнатоста што се чувствува кога ќе се притисне врз гасот, сето тоа прави овој Porsche да биде најзабавниот спортски автомобил кога се вози бавно. Автомобил на екстреми. Спортско купе што е создадено да вози над 300 километри на час по Нирбургринг, во секојдневието е кротко автомобилче.

New item by Automedia MK / Google Photos

Импресионира и подвозјето, коешто е уште еден спој на екстреми. Дури и во режим Спорт+, во амортизерите уште останува резерва, нема шанси да се почувствува или слушне сувото тропање како кај подвозјата што само се нарекуваат спортски.

Колку е висок степенот на префинетост во автомобилов и воопшто во маркава, се покажува и по префрлувањето во Carrera 4S. Најкус опис: Огромна разлика! Речиси е неверојатно кога во управувањето убаво ќе се почувствува дека се впрегнати и предните тркала. Во нормални услови, на предната оска се префрлуваат дваесетина проценти од вртежниот момент, но тие се пресудни за да се добие сосем различно чувство во споредба со Carrera S.

Погон на сите тркала што не е создаден за снег и кал, туку за динамика; И тоа во ниту еден друг автомобил не се чувствува толку интензивно, како зад воланот на Carrera 4S од генерацијата 992

Сосем е јасно дека тоа не е погон на сите тркала за снег и кал, туку е развиен првенствено со цел да се интензивира возачката динамика. Некој возач повеќе сака да го лови и контролира балансот на класичниот заден погон, тоа е веќе индивидуален избор. Во секој случај, брзините при коишто возачот „решава“ дали повеќе му се допаѓа S или 4S, се брзини за на тркачка патека. Од друга страна, наивна е намерата да се провоцира неџентлменско лизгање на опашот на паркинг. Ова сепак не е евтин тјунинг.

Купето и родстерот од моделската серија што извесно време е присутна како „718“ можеби се чинат како стари познајници, но само навидум. Родстерот е во варијантата GTS, и освен тоа што посредува единствено чувство при возењето на отворено, убедува со лесната управливост и со различниот баланс од класичниот модел од Цуфенхаузен. Кусо: Колку што „718“ е Porsche, толку не е „911“. Токму тоа му дава посебна привлечност на „718“.

New item by Automedia MK / Google Photos

Porsche 718 Cayman само потврдува дека станува збор за моделска серија што не е „поевтина“ или „послаба“ од Porsche 911, туку првенствено нуди различен степен на возачка слобода. Од седумте возила на турата, единствено Macan S има пониска цена на основната моделска изведба. СУВ-моделот од средната класа вози во освежено годиште, и секако, со возните и практичните квалитети докажува зошто тоа моментно е најпродавана моделска серија на германската марка.

Сите суперлативи се на страната на Panamera, но кај Porsche никогаш не се работело за бројки, туку за чувства и доживување

Суперлативите ѝ припаѓаат на Panamera со плагин-хибриден погон. Таа е најсилна, најбрза и најстартна, најскапа, најтешка, најкомфорна, најелегантна – таа е како Porsche 911 за четворица патници и багаж. Cayenne повеќе е како гарсониера од Porsche со скап видик и најширок можен дијапазон на интензитет на доживување, отколку што е автомобил.

Во меѓувреме, Porsche се подготвува да го понуди истото ова доживување и во форма на електричен автомобил. За следниот пат кога Porsche Experience ќе има тура во земјава, Taycan веќе може да биде дел од возниот парк. Но, електричното Porsche е малку побрзо од темпото со коешто возат нашите „автомобилски власти“. За нив веројатно би било изненадување и тоа што во Porsche повеќе не се нуди дизел.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mitsubishi l200 esports concept

Mitsubishi постигна зголемување на продажбата за 13 проценти

polnenje gorivo

Новите цени на Макпетрол пониски од „регулаторните“