за

Клипови од 3D-печат му носат плус 30 КС на Porsche

Клипови од 3D-печат му носат плус 30 КС на Porsche
Клипови од 3D-печат му носат плус 30 КС на Porsche

Porsche отвора ново подрачје за примена на 3D-печатењето. Во соработка со специјалистот Mahle, технологијата се користи за изработка на клипови што се полесни, дозволуваат повисоки вртежи, а во исто време и повисока ефикасност. Сето тоа се постигнува со метален прав и ласер.

Технологијата на 3D-печат постигна брз пробив, откако се покажаа нејзините предности кога итно требаше да се произведат делови за респиратори и заштитни визири во екот на пандемијата. Тоа само докажа колку оваа технологија на адитивна изработка е универзално применлива.

Тридимензионалните печатари се користат веќе подолго време во изработката на прототипи во Porsche, исто како и за изработка на мали серии делови за олдтајмери. Сега се случува една не толку мала револуција. Во соработка со специјалистот Mahle и со Trumpf, технологијата отсега се користи и за делови што се највисоко оптоварени, односно за моторот. Првпат клипови од 3D-печат се користат за моќниот спортски мотор на GT2 RS, за топ-изведбата во гамата на Porsche 911.

Предноста од користењето на новата технологија е во тоа што клиповите имаат структура што е оптимирана според оптоварувањето. На тој начин се смалува нивната тежина за околу 10 проценти во споредба со кованите стандардни клипови. Тие дополнително поседуваат и интегриран, затворен канал за ладење во дното на клипот, што не може да се изработи со обична технологија.

Постапката се состои во нанесување слој по сл0ј, при што секој слој одделно се изложува на дејство на ласер што го топи металниот прав
New photo by Automedia MK / Google Photos

Со новите полесни клипови се постигнуваат повисоки вртежи, се намалуваат температурните оптоварувања и се подобрува согорувањето. Проектот уште е во претсерија и ветува до 30 КС плус, кај битурбо-моторот со 700 КС. Притоа се смалува и потрошувачката на гориво.

Со изработката на слој по слој се овозможуваат нови конструкции

Во 3D-печатот се користат повеќе технологии. Основата е тоа што се изрботува слој по слој, без потреба од калап и специјални алати. Во геометријата на деловите речиси нема ограничувања. Печатачот ги добива податоците директно од компјутер.

Што се однесува до клиповите на Porsche 911 GT2 RS, тие се изработени во LMF-постапка (ласерска фузија на метал) од метален прав со највисока чистота. Ласер ја загрева површината и ја топи. За оценување на квалитетот беше задолжен уште еден специјалист, Zeiss.

Моментно се вршат обемни тестирања, клипот поседува дополнителен кабал за ладење што не може да се изработи со вообичаените постапки
New photo by Automedia MK / Google Photos

Porsche извесно време го користи 3D-печатот. Од мај, возачите на 911 и 718 можат да нарачаат школкесто седиште со средишни делови што се изработени со оваа технологија. Притоа може да се избира меѓу три различни степени на цврстина на седиштето. Покрај тоа, моментно се изработуваат околу 20 делови за ретки олдтајмери, а технологијата се применува и во мотоспортот.

Десно е клипот од „адитивна изработка“, односно 3D печатење
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Какво е Вашето мислење

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Коментари

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вчитувам

0

Jaguar го одложува стартот на електро-XJ, мора да штеди

Автомобилите наскоро ќе гледаат зад агол

Автомобилите наскоро ќе гледаат зад агол