148
47 shares, 148 points

Уште еден возачки поход на Porsche низ Македонија, којшто нема да смени многу околу имиџот на спортската марка, но затоа им дава екстра вредност на сите марки во концернот Volkswagen – и прави името на марката во Порше Македонија да се слуша погласно

Мистериозното и од синоптичарите непријавено грмење и татнење во почетокот на неделава, се разјасни со евидентен доказ пред салонот на Porsche. Поточно, со шест докази. Шест автомобили со штутгартски коњ среде логото се беа наредиле пред домот на марката во Скопје. Вистинската бројна состојба на коњските сили, сепак е многу поголема отколку што би можело да се заклучи според логото. За сите шест модели заедно, таа изнесува 2.955 КС или 2,17 мегавати. Овие автомобили заедно, способни се да снабдат со енергија околу 300 домови – пресметано грубо. И теоретски.

Шесте автомобили за уживање вредат заедно над еден милион евра

Практично, оваа германска шесторка од Цуфенхаузен чини 775.662 според германскиот ценовник. Кога на основицата ќе се додадат и опциите со коишто изобилува секој од автомобилите, плус нашите акцизи и слични давачки, звучната бројка од еден милион се прелетува без проблем. Тоа би била премногу неисплатлива и грешна инвестиција, да се користи за напојување на ладилникот или болјерот дома. Затоа, инвестицијата има сосем поинаква намена – за уживање.

Porsche Experience, Makedonija 7
Уште една признаена мајсторија на марката од Цуфенхаузен е способноста секоја каросериска форма или погонски концепт да се претвори во Porsche. СУВ-моделите и лимузините во меѓувреме се продаваат повеќе од матичните купеа и кабриолети

Наредени како репрезентативци, против коишто е најумно да се одигра само пријателски натпревар, сите овие форми во коишто марката Porsche се прикажува во дворот на Порше Македонија имаат по некоја субспецијалност. Нема „обични“ автомобили. Предупредувачки жолтиот Porsche 911 Carrera e S, исто како и Cayenne, Macan е Turbo, мајами-синиот 718 Cayman е GTS, а оној најцрниот од сите, 911 Turbo, и тој е S. Најнов датум на производство меѓу нив има Macan, кој пред еден месец се појави во освеженото моделско годиште.

Кога ќе се погледне колкава е разновидноста меѓу каросериските или погонските концепти во моделската понуда, за почит е способноста на Porsche, секој од тие различни концепти да го претвори во автомобил што го оправдува логото на марката. Екстремите во оваа шесторка се движат од 550 КС на 911 Turbo S или дури 680 системски КС кај Panamera Sport Turismo Turbo S E-Hybrid, преку 330-те километри на час и 2,9-те спринт-секунди на 911 Turbo S, до 2.310-те килограми на хибридната Panamera, заедно со нејзините фабрички декларирани 2,9 литри на сто километри и способноста да извози 49 километри на струја.

Според стандардите на марката, Porsche 911 Turbo S е „само“ една од најмоќните моделски изведби во славната серија

Возењето е до винаријата Тиквеш во Кавадарци, со попатни смени, за сите модели да се проверат на дело. Организаторите советуваат да се внимава на брзината и на однесувањето во сообраќајот, даваат неколку основни безбедносни упатства. При претставувањето на автомобилите што чекаат на проба, Porsche 911 Turbo S, којшто е матицата на целата марка и прв избор за возење, добива опис што во почетокот звучи чудно: „Ова е една од најмоќните моделски изведби на 911…“ И вистина, над него постојат уште две верзии, „ексклузивната серија“ со 607 КС и GT2 RS со рамно 700 КС. Зарем ова воопшто се вози?

Porsche Experience, Makedonija 2

Опремата тука не се сведува на клима и радио. Потребна е солидна експертиза само да се разбере јазикот што го говорат швабите во списокот со дополнителна опрема, со којашто изобилува секој еден од автомобилите за возење во овие доцносептемвриски, а за многумина и најубави денови во годината. PDLS Plus е кусо за диодни светла што се приспособуваат според условите на возење и на патот (во 911 Turbo S и Carrera, Macan Turbo и Panamera ST Turbo S E-Hybrid), PDCC Sport е активно подвозје, PTV Plus е за различна дистрибуција на вртежен момент меѓу внатрешните и надворешните тркала во свијок (во Panamera, Cayenne и Macan). Има и управување на задна оска (исто така во Panamera, Cayenne), PASM воздушна суспензија (во Cayman, Macan и Carrera, вклучувајќи систем за подигнување на носот кај Carrera). Сета оваа опрема очигледно има директна врска со возењето, не со разладувањето на главата на возачот.

Притискањето гас во „Turbo“ во нормален сообраќај трае две до три десетинки – Porsche буквално полетува

Последново се изведува потешко, особено кога ќе се фати воланот на 911 Turbo S, обложен со алкантара и во специјална изведба GT. Секој обид на возачот да се увери во крајната моќност на ова култно моделско име трае кусо, многу кусо. Веројатно две или три десетинки. Толку време минува додека „турбо“ го достаса автомобилот што претходно бил стотина метри подалеку. Кога ќе се укаже можност педалот да се држи притиснат барем неколку секунди, возачот не чувствува друго, освен дека во моторот во тој момент се случува оркан од 911-та категорија. Возачот буквално ги слуша кубиците воздух како се вшмукуваат и по работниот такт бурно се испуштаат одзади. „Експлозијата“ речиси се втопува во орканот.

Porsche Experience, Makedonija 20
Porsche 911 Turbo S е огледен пример за функционирањето на автомобилската техника. Не постои подрачје што е директно релевантно за возењето, а тоа да не е доведено до максимум – или уште малку над тоа

Сé што се наоѓа на овој автомобил, не е за око, туку е заради функција. А, целта на функцијата е да обезбеди уживање. Неповторлива е мајсторијата на германските инженери, кои уште успеваат да постигнат врвна управливост, или поточно, ултимативна управливост, во време кога „турбо“ тежи 1,7 тон и пумпа 700 њутнметри до погонот на сите тркала. Возачката игра со воланот и гасот е доведена до степен на махинална реакција, небаре секој возач има вроден генетски код за управување со 911 Turbo.

Porsche 911 Turbo е единствениот суперспортски автомобил што не признава ограничувања во секојдневието – под услов, возачот да ги смета 20-те литри гориво за „секојдневие“

Се чувствува и како воздухот го лепи автомобилот, се развива и телепатска врска со контролната логика на менувачот со двојна спојка, единствено што не може да се почувствува е тврд удар од подлогата. Сцената добро го познава фактот дека 911 Turbo е единствениот суперспортски автомобил што не знае за ограничувања во секојдневието. Речиси. Просечната потрошувачка на патниот компјутер, кумулативно по 6.000 километри од последното поништување, изнесуваше 22,4 литри.

Седењето зад воланот на овој автомобил не е друго освен практични вежби на највисоката автомобилска школа. Тоа што се чини дека 580-те коњски сили на „S“ се побрзи од електрониката – во што многумина и би поверувале – произлегува како резултат од илјадници кругови и километри на Нирбургринг, на Вајсах и сличните. Проект-менаџерите ги оставаат тие куси временски фрагменти за подгревање на автомобилското уживање во секојдневни услови на возење.

Porsche Experience, Makedonija 16
Уживање и за око. Дури и во СУВ-формите се препознаваат традиционалните стилски потези на првиот 911

По пристигањето во „Тиквеш“, нешто недостига. Автомобиливе не мирисаат на бензин, не се слушаат звуците од ладењето на издувите и на моторите, не се препознава ризик дека пантолоните ќе се запалат во близина на вжештените сопирачки дискови. Дијагнозата: Овие порше-машини само сме ги подгреале на пат до Неготино. За Porsche да замириса и запече, неопходна е тркачка патека.

Со аналогијата дека сите останати модели на Porsche се произлезени од философијата на 911 Turbo (иако денес целата гама е турбо) и со аналогијата дека сите „мерцедеси“ се S-Class, ги пробуваме останатите модели. Не би бил особено интелигентен заклучокот, дека и Carrera S, сосем пристојно ја следи школата на посилниот брат и го посредува најголемиот дел од возачкото уживање таму. Екстра 30 КС доаѓаат од фабричкиот „3.0 S powerkit“, со што на располагање стојат вкупно 450 КС. Разликата со 911 Turbo најмногу се препознава во тоа што педалот за гас тука може да се држи притиснат и десетина секунди – по кусото возење Porsche почнува да се развива и некоја блага доза на германска смисла за хумор.

Porsche Experience, Makedonija 17

Можеби е до адреналинот и којзнае уште кои останати невротрансмитери што несомнено ги поттикнува маркава, или е многу поверојатно дека школата на шефовите во ресторанот во „Тиквеш“ се покажала на дело, но и кујната, како дел од оваа турбо-манифестација, заслужува најпозитивни оцени. Тоа, под претпоставка дека возач на Porsche нема да ги остави непцата неудоволени.

Нема дизел, има замена со хибрид. Оваа погонска техника никогаш не била предизвик за Германците, тие очигледно ја владејат и неа, иако никој не прави фама од тоа

Останатите модели се само варијации на тема. Panamera е лимузина во којашто возачот размислува да го препушти воланот и да седне назад, барем во конкретната конфигурација, со посебна вентилација, посебен дисплеј за ракување, посебни команди и електрично местење на фотелјите. И хибридниот погон не е мајсторија што би криела тајни за Porsche, Германците никогаш не помислиле да создаваат фама околу техниката што денес станува стандард.

Замена за дизелот, исто така. Немаше ниту еден модел со дизел мотор на ова возење. Само неколку денови претходно, од Цуфенхаузен беше издадено соопштение дека Porsche повеќе не нуди дизел. Така е, впрочем, уште од февруари.

Porsche Experience Makedonija

Flickr Album Gallery Powered By: WP Frank

Porsche ги напушта дизелите, преоѓа на хибриди и батерии

Porsche отвори бутик-салон во градот на модата

Тајкун, Таркан, Тајкан: Електричниот Porsche доби име


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

148
47 shares, 148 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Choose A Format
Personality quiz
Series of questions that intends to reveal something about the personality
Trivia quiz
Series of questions with right and wrong answers that intends to check knowledge
Poll
Voting to make decisions or determine opinions
Story
Formatted Text with Embeds and Visuals
List
The Classic Internet Listicles
Countdown
The Classic Internet Countdowns
Open List
Submit your own item and vote up for the best submission
Ranked List
Upvote or downvote to decide the best list item
Meme
Upload your own images to make custom memes
Video
Youtube, Vimeo or Vine Embeds
Audio
Soundcloud or Mixcloud Embeds
Image
Photo or GIF
Gif
GIF format

Notice: ob_end_flush(): failed to send buffer of zlib output compression (0) in /home/automedi/public_html/wp-includes/functions.php on line 3743