за

Porsche Cayman GT4: Вака треба да се однесува секој тркач

9. PORSCHE CAYMAN, продадени примероци 1,661 (-1.1%)

Основниот модел на Porsche за првпат е достапен во верзија GT. Достојно за ознаката,  Cayman GT4 вози со мотор и техника од 911 GT3. Нормално дека никој во класата не е побрз и посилен од него.

Новиот член во семејството модели GT на Porsche е Cayman GT4. За првпат во историјата на моделот, Швабите претставуваат моделска изведба GT врз основа на Cayman, којашто во себе содржи компоненти од 911 GT3. Со време на круг од 7 минути и 40 секунди на „Северниот јазол“ на Нирбургринг, Cayman GT4 поставува нови репери во класата. Ова е доказ дека марката сепак не ги заборава радикалните спортски двоседи врз коишто се темели името Porsche.

Моторот, подвозјето, сопирачките и аеродинамиката на Cayman GT4 буквално се оптимирани за трки, но вообичаено за Porsche, останува и солиден дел што дозволува тркачката машина да се вози во секојдневието. Моторот е 3,8-литарски боксер со шест цилиндри и 385 КС, изведен од агрегатот во 911 Carrera S. Преносот на сила го презема шестстепен мануелен менувач со динамични лежишта. Забрзувањето до сто трае 4,4 секунди, а крајната брзина е 295 km/h. Подвозјето што ја спушта каросеријата за 30 милиметри и масивните сопирачки се речиси идентични со 911 GT3.

Подготвен за трка: Прв Porsche Cayman со потисок на обете оски

Cayman GT4 се разликува од „обичните“ изведби по трите впечатливи отвори во предниот браник и големиот фиксиран спојлер одзади, како дел од аеродинамичниот пакет што е оптимиран за максимален потисок. Со доплата следуваат и други „тркачки“ играчки, како керамички сопирачки, пакет спорт-хроно што доаѓа со апликација за мобилен, како и пакет Clubsport.

Легендарните претци на Cayman GT4: Уличната верзија на GT1 od 1997 (десно) и Carrera GT od 2003 во музејот на Porsche
Легендарните претци на Cayman GT4: Уличната верзија на GT1 od 1997 (десно) и Carrera GT od 2003 во музејот на Porsche

Внатрешноста е изведена со цел возачот и совозачот да ја почувствуваат динамиката во возењето без какво било „филтрирање“. Спортските седишта со одлично странично држење се изведени во комбинација од алкантара и кожа, а новиот спортски волан за GT4 има помали димензии и нуди подобра контрола и непосредно пренесување на повратната информација од предната оска.

Со концепцијата, топ-моделот во гамата на Cayman ги следи легендите во тркачката историја на марката, како 904 GTS, 911 GT1, Carrera GT и 918 Spyder. Според податоците на марката од Цуфенхаузен, четири од петмина сопственици на моделите од серијата GT редовно возат на тркачка патека.

Светската премиера на Cayman GT4 ќе биде во почетокот на март, на салонот во Женева. Porsche веќе стартуваше со нарачките, а испораките ќе следуваат кон крајот на март. Цената во Германија изнесува 85.776 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Функционални детали за уживање во возењето велосипед

Франција дава по 10.000 евра за замена на дизел со електричен автомобил