за

Porsche Boxster Spyder: Ова Porsche нема речиси ништо, а нуди многу повеќе

Porsche направи автомобил за љубителите што стравуваат дека нивната марка станала премногу фина. За нив е наменет Boxster Spyder, без клима уред, без радио и со покрив што бара мачење да се намести. Тоа е тоа!

Џејмс Дин е мртов, но неговиот автомобил живее. Оваа констатација можеби звучи премногу грубо, но факт е дека во Boxster Spyder тлее малечок дел од легендарното „малечко копиле“ Porsche 550 Spyder, во коешто холивудската ѕвезда го загуби животот пред 60 години. Според марката од Цуфенхаузен, Boxster Spyder е повторно заживување на смислата на родстерот. Четвртата варијанта во гамата на Boxster е двосед со отворена каросерија, којшто на совршен начин ги соединува перформансите, едноставноста и дизајнот. Покрај тоа, Spyder е досега најсилната, најбрза и најлута варијанта на Boxster.

Процедурата на симнување на покривот трае долго, но затоа уживањето потоа е поголемо

За вистински да се ужива во убавото време, но и брзината да се почувствува на сопствената кожа, во Spyder е потребно малку повеќе мачење од вообичаено за спуштање на покривот. Задниот капак и куките во рамката на ветробранот се ослободуваат со притискање на копче, но потоа е потребна машка работа. Во платното стуткано во опашот прво треба да се најдат двата трна што влегуваат во соодветните отвори зад задниот прозорец. Потоа, платнениот покрив се реди во „сендвич“, па тој се одложува додека се затвори задниот капак, за на крај, малите пластични прстени да се вклопат во механиката на покривот зад вратите. Целата процедура трае долго, но на крајот се добива Porsche подготвено за уживање.

Но, дури и овој покрив е поедноставено решение во споредба со првиот Spyder, каде што беа потребни 15 потези и со подигнат покрив не смееше да се вози преку 200 километри на час. Токму покривот најверно ја прикажува идејата што стои зад овој модел. Целта беше автомобилот да се поедностави максимално, за ништо да не го одвлекува вниманието од самото возење и да не го попречува уживањето. Затоа има и мануелен менувач што е сув до коска и има уште толку скусени одови, место менувач со двојна спојка. Кој сака може сепак да го користи „автоматскиот модус“. Ако моторот се заврти над 6.000 вртежи со менувачот во вториот степен, Porsche вози со 120 до 130 километри на час.

Внатре се седи во тенки карбонски школки, зад малечок волан, без клима уред и без радио, со јамки за повлекување на вратите, место рачки, исто како во Cayman GT4. Сето ова откажување има за цел да обезбеди максимално задоволство во возењето, поголемо дури и отколку во премногу благородниот и фин Porsche 911.

Килограмите се одземени каде што е најчувствително, во покривот

Со 1.315 килограми, родстерот е за 30 килограми полесен од стандардниот модел и со тоа е полесен од кој било друг Boxster досега. За возните својства е многу поважно тоа што најмалку десет килограми се намалени преку конструкцијата на покривот, а со тоа е дополнително спуштено и тежиштето на двоседот. Шестцилиндарскиот боксер доби зголемување на работната зафатнина за 0,4 литар, на 3,8 литри, за сега да постигнува 375 КС и вртежен момент до 420 њутнметри. Целата постапка е заокружена со издувен систем што ги отвора клапните во спортскиот модус, за да произведе бучава како ниту еден друг мотор. Некои го споредуваат дури и со громогласниот Jaguar F-Type. Posche е погласен и од него и дополнително произведува вештачки звуци на самопалење на смешата при менувањето на степените.

porsche boxster spyderНовиот покрив, новиот преден браник, грбките на задниот капак, стегнатото подвозје, спортските карбонски седишта и моторот од Porsche 911 S чинат 9.000 евра повеќе од Boxster S, односно само малку под 80.000 евра.

Тоа воопшто не им претставува пречка на купувачите. Кога во следниве денови ќе стартува продажбата, подобро е да се реагира брзо. Моделот официјално не е во ограничена серија, но нема да се произведува бескрајно.

Технички податоци · Porsche Boxster Spyder

Каросерија: родстер со мануелен покрив, врати, преден и заден капак од алуминиум, cw 0,33 Мотор: Боксер, 6 цилиндри, VarioCam Plus (варијабилно отворање и одови на вентили), директно вшпрскување, пречник 102 mm, од 77,5 mm, зафатнина 3.800 ccm, компресиоја 12,5:1, моќност 375 КС при 6.700/min, вртежен момент 420 Nm при 4.750-6000/min, максимални вртежи 7.800/min Погон и пренос: Погон назад, шестстепен мануелен менувач, блокада на заден диференцијал и Porsche Torque Vectoring Подвозје: Надолжни и попречни водилки напред, електромеханичко сервоуправување, надолжни и попречни водилки назад, сопирачки диск 340х34 mm напред, сопирачки диск 330х28 mm назад, гуми 235/35 ZR 20 напред, 265/35 ZR 20 назад Тежини: празно возило 1.315 kg, дозволена тежина 1.650 kg Димензии: 4414х1801х1262 mm, меѓуоскино растојание 2.475 mm, багажник напред 150 l, назад 130 l Перформанси: 290 km/h, 0-100 km/h за 4,5 s, 0-200 km/h за 14,8 s Потрошувачка 9,9 l/100 km

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот Audi Q7 претставен на врвот на Водно

Продажбата на електричните лимузини на Tesla зголемена за преку 50 проценти