за

Porsche 917 од „Леман“ бара нов сопственик за 16 милиони $

Porsche 917

Автомобилската ѕвезда од филмот Леман со Стив Меквин во следниот месец веројатно ќе добие нов сопственик. Вредноста на Porsche 917 се проценува на околу 16 милиони долари.

Голема ѕвезда се појавува меѓу автомобилите што ќе бидат понудени на наддавање во калифорниската Санта Моника во следниот месец. Porsche 917 од 1970-та година, со број на шасија 917-024, токму автомобилот од култниот филм „Леман“ со Стив Меквин. Наддавањето за нов сопственик на легендарниот тркачки прототип ќе се одржува во рамките на ревијалниот собир во Пебл Бич.

Porsche 917 е еден од најважните тркачки автомобили во историјата

Се очекува Porsche 917 да достигне вредност меѓу 13 и 16 милиони долари. Но, не е исклучено возилото солидно да ја надмине оваа процена. Сепак станува збор за примерок од еден од најважните тркачки автомобили на сите времиња. Покрај тоа, овој „917-024“ има беспрекорна историја, која што му дава дополнителна вредност.

Спортската марка од Штутгарт цели две децении чекаше да постигне триумф на 24 Часа Леман. Porsche ги искористи новите правила во 1969 година и разви еден од најважните, најубави и најнапредни тркачки прототипи во историјата.

Следната година, Германците ја претставија верзијата со скусен опаш 917K (kurz=кусо), во време кога болидот со дванаесетцилиндарски боксер веќе владееше со светската тркачка сцена.

Конкретниов примерок со шасија 917-024 првпат е користен од Porsche за време на тестирањата на Леман, со Брајан Редман и Мајк Хејлвуд зад воланот. Редман поставил најбрзо време на круг, докажувајќи дека преработките можат да му донесат победа на прототипот на 24-часовната трка. Тоа се случи два месеца подоцна.

Продуцентската куќа на Стив Меквин го изнајмува овој Porsche 917 за филмот Леман

По тестирањата на Леман, Нирбургринг и Ера Лесиен, автомобилот го купи фабричкиот возач на Porsche Џо Зиферт. Тој потоа го изнајмува автомобилот на продуцентската куќа Solar Productions на Стив Меквин, за снимањето на легендарниот филм Леман од 1971 година. Покрај тоа што се појавува во повеќето сцени, „917-024“ бил користен и од камера-тимот.

https://www.instagram.com/p/BVqBZDMHWA9/?taken-by=goodingandcompany

По снимањето, возилото останува во колекцијата на Зиферт до неговата смрт. Историскиот Porsche ја предводи погребната поворка, што говори за значењето на овој автомобил за фабричкиот возач на марката. Во средината на 1970-те, возилото го купува приватен колекционер од Париз.

Тркачкиот болид остана сокриен две и пол децении во магацин во близина на Париз

Две и пол децении возилото останува сокриено, пред да се појави во 2001 година во магацин во близина на Париз. Познавачите го ценат како едно од најголемите „откритија“. За сето тоа време возилото останува нечепнато, со оригиналните бои на Gulf JWA. Дури и гумите се оригиналните Firestone Super Sports GP. На приврзокот на клучот е напишана белешка за возилото да се вози внимателно.

Последните неколку години „917-024“ ги минува во темелна реставрација кај швајцарскиот специјалист graber Sportgarage. Моментно во сопственост на европски колекционер, овој Porsche 917 е еден од најсочуваните и најзначајни примероци од моделската серија.

Наддавањето во Пебл Бич се одржува на 18-ти август и може да се следи во живо на www.goodingco.com

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Nio EP9 nirburgring rekord

Електро-монструмот Nio EP9 на тест на Auto Bild

пијани на велосипед

За пијани на велосипед: 4000 евра во Британија, затвор во Полска