Со моќноста од 650 КС, новиот Porsche 911 Turbo S не остава простор за сомнеж, кој е најсилниот во гамата. Но, и покрај сета оваа моќ, „турбо“ ја задржува главната доблест, тој и натаму е комотен и лесно возлив автомобил за секој ден.
Седум генерации на Porsche 911 Turbo досега и седум скокови во перформансите и технологијата, за коишто и техничарите и фановите се удираат по чело. Со 650 КС, верзијата S на 911 Turbo е најсилна во понудата на актуелната генерација со ознака 992. Тоа е два и пол пати повеќе од првиот Turbo со трилитарец со 260 КС во 1974 година. Тоа се и точно 70 КС повеќе од претходникот, што исто така не беше особено скромен со своите 580 КС.
Turbo S ќе стартува со испорака веќе во април. Цената на купе изведбата за германскиот пазар изнесува 216.396 евра, додека за кабриолетот, сосем вообичаено, Porsche наплаќа солено и ја цени верзијата со отворена каросерија 229.962 евра. Кој има намера да заштеди, Цуфенхаузен ја нуди „послабата“ изведба Turbo, без S. Таа ќе стартува неколку месеци подоцна, со цена од близу 190.000 евра.
Кога станува збор за 911 Turbo, тоа значи дека и опашот добива солидно во ширина. Новиот Turbo S е уште поширок од претходникот. Каросеријата напред е поширока за 45 милиметри, додека назад има дополнителни 20 милиметри од едно до друго крило. Во најширокиот дел од каросеријата, новиот Turbo има дури 1,90 метар. Соодветно порасна и ширината на трагата. Тркалата на предната оска се разделечени за 42 милиметри повеќе, на задната за 10 милиметри. Првпат кај Turbo се користи различна димензија на гумите. Предните бандажи со централна завртка имаат пречник од 20 инчи и гуми 255/35, задните имаат еден инч повеќе и гуми 315/30.
На предните сопирачки дискови што се поголеми од бандажи од 16 инчи, кај Porsche 911 Turbo S работат десетклипни сопирачки клешти
Предните сопирачки дискови од 420 милиметри се изработени од керамика и нив ги „гризаат“ десетклипни сопирачки клешти. Назад дисковите имаат 390 милиметри, односно поголеми се и од бандажи од 15 инчи. Активното подвозје PASM е стандард. Со доплата се вградува спортско подвозје, коешто ја спушта каросеријата за уште 10 милиметри. За аеродинамичноста да одговара на секоја ситуација во возењето, предниот спојлер што се извлекува со помош на пневматика и големиот заден спојлер се местат во соодветна положба.
Разликата меѓу 911 Turbo S и моделите Carrera во внатрешноста се сведува главно на тоа што најсилниот модел располага со побогата сериска опрема. Спортскиот волан, карбонските украси, кожениот ентериер, озвучувањето од Bose и фамозниот пакет Sport Chrono, сето тоа е стандард кај Turbo. Седиштата имаат посебно изведени штепови во стилот на првата генерација на 911 Turbo.
Срцето на 911 Turbo S секако дека е моторот. Како основа се користи шестцилиндарецот од актуелните модели Carrera, но работната зафатнина е зголемена на 3.745 сантиметри кубни. Моќноста е за 70 КС повисока во споредба со претходникот. Не заостанува и вртежниот момент, со точно 800 њутнметри, што е за 50 Nm повеќе. Оваа моќност се пренесува на сите тркала преку 8-степен менувач со двојна спојка.
Овие перформанси се за почит. Спринтот од место до темпо сто на болидот од 1.640 килограми трае само 2,7 секунди. Тоа е за две десетинки покусо од претходно. Тука повеќе е меродавно забрзувањето до 200 km/h, коешто трае 8,9 секунди, цела секунда подобро. Крајната брзина изнесува 330 километри на час. Тоа се речиси сто метри во секунда.