за

Porsche 911 Targa: Половина купе – половина кабриолет

Првата 911 Targa изгледаше како автомобил со рачка за носење, но и покрај чудниот изглед ги освои срцата на љубителите на марката. Во последната генерација на 911 се врати класичниот изглед на купе кабриолетот – со карактеристичниот лак зад седиштата.

Традиционалистите на марката Porsche ќе се радуваат на новата 911 Targa. Последните модели од овој вид го немаа препознатливиот лак зад предните седишта и изгледаа како обично купе со голем сончев покрив. Новата Targa го враќа овој важен детаљ во изгледот и со тоа го следи примерот на првата генерација на моделот.

Моделот Targa е неизоставен дел од традицијата на 911, исто како што е боксер моторот во опашот на возилото. Откако Porsche за прв пат ја претстави оваа комбинација од кабриолет и купе, за Targa се решија околу 100.000 купувачи. Тоа се 15 проценти од вкупната досегашна продукција на Porsche 911.

Интересот на купувачите опадна во последните генерации, затоа што отстранливите половини од покривот со текот на времето се претворија во огромен сончев покрив, поради поедноставно ракување. Новиот модел ги обединува традицијата и модерното, во вид на целосно автоматски тарга-покрив.

Околу изгледот на каросеријата со затворен покрив не може да се најдат забелешки. Спектаклот следува откако ќе се притисне копчето за отворање на покривот што се наоѓа во клучот од возилото: Стаклената задна купола се подигнува и се завртува наназад, додека во исто време се отвораат двата капаци во лакот и ја ослободуваат механиката на платнениот покрив. Двете половини од покривот се преклопуваат и се позиционираат зад предните седишта, а потоа повторно се затвора стаклената купола. Овој техно-балет и неочекуван спектакл за случајните минувачи трае 19 секунди.

Ова е совршениот автомобил за возачите што не можат да се решат. Од една страна, 911 Targa нуди чувство на заштита како во купе и по малку корисен простор на задната клупа, а од друга страна нуди уживање во ветрот и сонцето со едно притискање на копче. Темната страна е тоа што изолацијата на покривот со вшиени магнезиумски лостови не е толку темелна како металниот покрив кај купето, но и тоа што провевот во кабината не е ист како во кабриолетот, без разлика што горе останува слободен простор со површина од речиси еден метар квадратен. Како спореден ефект, стаклената купола го потиснува звукот од моторот и во кабината е потивко отколку во класичното купе. На повеќето спортски возачи тоа нема да им се допадне.

Кабрио-купето што  е наречено според легендарната трка Тарга Фиорио на Сицилија се нуди само во верзија со погон на сите тркала, како Targa 4 со шестцилиндарски боксер од 3,4 литри и 350 КС и како Targa 4S со 3,8-литарец со 400 КС. Во најбрзата верзија со менувач со двојна спојка и пакет Sport-Chrono, полукабриолетот забрзува до сто за 4,4 секунди и постигнува 294 km/h.

Основата е од обичната Carrera 4, со неколку модификации. Неколку детали се преземени од кабриолетот, но поголемиот дел е посебно развиен за Targa. Дури четири години беа потребни за развој на моделот. Оттаму и не изненадува тоа што 911 Targa е околу 10.000 евра поскапа од обичното купе и само 1.000 евра поевтина од кабриолетот. Фабричката цена за поевтиниот модел изнесува 91.700 евра, додека за 4S се потребни 104.100 евра, плус ДДВ, царина, акциза и сите останати трошоци.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Fiat ќе произведува шест милиони автомобили во 2018 година

Во светот возат 400.000 автомобили на струја