за

Porsche 911 R е „највозачки“ автомобил според британскиот Autocar

Фото: Autocar

Во магазинот Autocar по 28-ми пат се гласаше за најдобриот спортски автомобил на годината. Шест уредници ги тестираа финалистите на тркачка патека и на обичен пат за да оценат кој е автомобилот што причинува најголемо задоволство за возачот. Победата ја понесе Porsche 911 R, меѓу другото и поради спојот на врвни возни својства и перформанси со возливост во секојдневието.

Носителот на титулата за најдобар спортски автомобил годинава се решаваше во најтесната завршница во близу тридецениската историја на изборот на британскиот магазин Autocar. Шест уредници на магазинот, во обемно тестирање на кандидатите на 3,4-километарската тркачка патека Енглси, како и по обични патишта во северен Велс, за победник го избраа Porsche 911 R, кој со 277 бодови и предност од осум бодови ги остави зад себе Ferrari 488 GTB и McLaren 675LT Spider.

Вкупно единаесет спортски автомобили се бореа за титулата, вклучувајќи ги Honda NSX и Aston Martin Vantage GT8, но и „народските“ Ford Focus RS или BMW M2. Во изборот на Autocar сепак не решаваат коњските сили или цената на моделите, туку пресудно е возачкото задоволство, иако обично моделите со најмногу коњски сили успеваат најдобро во тоа.

Ferrari и McLaren во тесна битка за второто место

Секој од уредниците доделува до 50 бодови за секој автомобил, до 25 за однесувањето на возилото на тркачка патека и до 25 за својствата во секојдневно возење. Повеќе автомобили може да добијат исто бодови, но вкупниот број на бодови што им стои на располагање на уредниците е ограничен, заради избегнување нерешен резултат. Но, токму тоа се случи годинава: Ferrari 488 GTB и McLaren 675LT Spider завршија на второто место со ист број бодови. Италијанскиот болид сепак е тој што повеќе ги убеди експертите на британскиот магазин.

Вака гласаа уредниците на британскиот магазин Autocar
Вака гласаа уредниците на британскиот магазин Autocar

За победникот, Autocar пишува: „Porsche 911 R е потактилен и покомуникативен од Ferrari, потеатрален и поенигматски од McLaren, без какви било забелешки за динамичката изведба или за приспособливоста, 911 R се темели и врз квалитетите што придонесоа за долготрајната популарност на серијата 911.“

Времето на круг не решава за победниците во изборот на Autocar, туку уживањето за возачот. Но, како што наведува магазинот, „фактот што повисоко пласираните автомобили се меѓу побрзите на 3,4-километарската патека, потврдува дека управливоста, контактот со подлогата, балансот и прецизноста што придонесуваат некој автомобил да биде брз, придонесуваат тој да биде и возбудлив.“

Марка и модел Време на круг
McLaren 675LT Spider 1:35.7 min
Ferrari 488 GTB 1:36.9 min
McLaren 570S 1:37.9 min
Porsche 911 R 1:38.7 min
BMW M4 GTS 1:40.4 min
Porsche 718 Cayman S 1:41.2 min
Jaguar F-Type SVR 1:41.2 min
Honda NSX 1:41.7 min
Aston Martin Vantage GT8 1:42.9 min
BMW M2 1:44.4 min
Ford Focus RS 1:46.3 min

Табелата со измерените времиња на круг сепак носи неколку изненадувања. Porsche 718 Boxster постигна многу подобро време од некои поскапи и побрзи модели од него, додека Honda NSX не ги убеди уредниците на Autocar со возните својства во свијоци. Производителите сами решаваат со какви гуми ќе ги испратат возилата на тест. Според магазинот, тркачките гуми им донесоа предност од секунда до две на McLaren 675LT и 570S, Porsche 911 R, BMW M4 GTS и Aston Martin Vantage GT8.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кабриолетот ја комплетира моделската обнова на Audi A5

General Motors сака да прикажува реклами во автомобилите