за

Porsche 911 GT3 R за приватни тркачи вреден 430.000 евра

Верзијата за приватни тркачки тимови е развиена на база на серискиот GT3 RS и доживеа премиера во својата „природна“ средина, во рамките на 24-часовната трка на Нирбургринг.

Спортските марки го градат својот имиџ на тркачка патека, не на улица. Porsche ја претстави последната генерација на тркачката верзија на „единаесетката“ во изминатиов викенд во рамките на 24-часовната трка на Нирбургринг, за од декември, приватните трчачки тимови да почнат со подготовки за следното одмерување на силите со конкурентите откако Porsche ќе стартува со испорака на новиот 911 GT3 R. Посебен акцент при развојот на тркачкиот „911“ со преку 500 КС е ставен на олеснување на возилото, оптимирање на аеродинамиката за тркачка патека, намалување на потрошувачката, подобра возливост, повисока безбедност и намалување на сервисните трошоци и цените на резервните делови.

porsche 911 gt3r 820150518
Задниот спојлер е долг дури 2 метри и има ширина од 40 сантиметри

Во споредба со претходната генерација, новиот GT3 R има меѓуоскино растојание подолго за 8,3 сантиметри, со што се постигнуваат порамномерна распределба на тежината и подобри возни својства, особено во брзи свијоци. Со лесната конструкција на каросеријата, спојлерите и подвозјето значително се спушти и тежиштето на возилото. Уште при развојот на актуелната генерација на „911“, инженерите ја имаа во предвид тркачката верзија и хибридната конструкција на каросеријата од челик и алуминиум сега се покажа како идеална основа за изведување на GT3 R. Покривот, предниот капак и браникот, крилата, вратите, страниците, опашот и задниот капак се изработени од карбон, додека сите стакла, вклучувајќи го за првпат и самиот ветробран, изработени се од поликарбонат. Сето тоа резултира со тежина од само 1.220 килограми.

500 КС се пренесуваат на задните гуми со ширина од 310 милиметри

Во 911 GT3 R работи четирилитарскиот боксер којшто е идентичен со „уличниот“ 911 GT3 RS. За ефикасноста во работата се грижат директно впрскување со притисок до 200 бари и варијабилната работа на брегастите вратила. Во споредба со претходникот, атмосферскиот мотор постигнува порамномерно ослободување на моќноста и пошироко работно подрачје. Силата се пренесува на задните гуми од 310 милиметри преку секвенцијален менувач со шест степени. Исто како кај уличната верзија, степените се менуваат преку рачките зад воланот.

Впечатливите отвори во предните крила го зголемуваат потисокот врз предната оска, додека задниот спојлер со должина од два метри и ширина од 40 сантиметри се грижи за балансот на целата каросерија. Од големиот брат 911 RSR потекнува и централното вградување на ладилникот, заради подобрување на тежинскиот баланс и подобро одведување на топлината.

Сопирачките се дополнително оптимирани за трки во издржливост, со попрецизна регулација на системот против блокирање на тркалата и зголемена крутост. Напред работат шестклипни сопирачки клешти во комбинација со чеилчни дискови од 380 милиметри, додека за задната оска се грижат четириклипни клешти и дискови од 372 милиметри.

Безбедносната опрема исто така е збогатена во споредба со претходникот, со зајакнат 120-литарски резервоар и безбедносен вентил. Понатаму, вратите и страничните стакла се отстранливи, зголемен е отворот за спасување во покривот, а подобрена е и заштитата на седиштето.

Цената на 911 GT3 R изнесува 429.000 евра, без ДДВ, а испораката на тркачките тимови ќе стартува од декември.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Враќање на легендата: Honda CRF1000L Afrika Twin

Победа за Audi R8 LMS на 24-часа Нирбургринг