за

Porsche 911 Carrera T против теренците на Porsche

porsche 911 carrera t

Дали новата верзија Porsche 911 Carrera T ќе го прикрие фактот дека спортската марка продава повеќе теренци отколку купеа или родстери? Со смалена тежина, скусен пренос и механичка блокада на диференцијал, „туринг-моделот“ ја извлекува сржта на 911.

Како во американски филм, Porsche притиска 911 да го спаси имиџот на сопствените спортски модели, откако теренците и лимузините станаа прва асоцијација за марката. Годинава сé е во знак на 911: Во март се појави новиот GT3, потоа следеа инјекција од 30 КС и ексклузивна серија од Turbo S во 500 примероци, па карбонски бандажи од 20.000 евра, туринг-пакет за GT3, рекорд на новиот GT2 RS на Нирбургринг, а сега и туринг-изведба за основата, за 911 Carrera. Сé е во знак на 911? Само привидно. Годинава се појави и новата генерација на Cayenne, најголемиот конкурент на сопствените спортски модели на марката.

На оваа мала корекција на курсот ќе се радуваат возачите што повеќе уживаат да возат Porsche отколку да бидат видени дека возат Porsche

Значи, 911 Carrera T, како заживување на концептот на 911 T од 1968 година. Тежината е смалена, преносот е скусен, назад работи механичка блокада на диференцијал. Сето тоа води кон подобри перформанси и повеќе уживање. Активното спортско подвозје е легнато 20 милиметри поблиску до асфалтот и следува како стандард, заедно со пакет Sport Chrono, скусена рачка на менувачот со шема бојадисана црвено и средишен дел од седиштата во спорт-текс. Како опција стои на располагање и управување на задната оска.

porsche 911 carrera T

Дваесетте килограми се одземени преку полесното стакло во страничните прозорци и назад, со јамки место рачки за повлекување на вратите и изолација сведена на минимум. Задната клупа е отстранета, исто како и навигацијата. Доколку клиентот нема срам да ги нарача, обете ставки ќе ги добие без доплата.

Porsche 911 Carrera T е само незначително поевтин од Carrera S, а тој нуди 420 КС…

Трилитарскиот боксер со битурбо натполнење ги испорачува стандардните 370 КС и 450 њутнметри. Тежинскиот сооднос е подобрен на 3,85 kg/КС, што заедно со скусениот пренос одзема една десетинка од времето за спринт до темпо 100. Тоа значи 4,5 секунди до сто и 15,1 секунди до двесте. Како опција следува менувач со двојна спојка, со 4,2 секунди до сто и 14,5 секунди до 200 km/h. Крајната брзина во обата случаи изнесува над 290 km/h.

Цената во Германија изнесува 107.553 евра. Тоа е за близу 10.000 евра над стандардната 911 Carrera, за 4.500 евра помалку од 911 Carrera S со 420 КС и за околу 20.000 евра поевтино од 911 Carrera GTS со 450 КС. Дали сте можеби за еден McLaren 540C од втора рака, малку возен?

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

rolls-royce phantom

За Rolls-Royce Phantom за малку ќе требаше возачка за камион

Tesla ќе произведува во Кина, Трамп им доаѓа во посета