154
20 shares, 154 points

Прираст во моделското семејство на Porsche 911. Со 65 КС помалку зад задната оска и 15.000 евра повеќе во сопствениот буџет, љубителите на спортските автомобили и оние што можат да си ги дозволат, ја добиваат основната изведба на осмата генерација на „единаесетката“.

Основна изведба е неблагодарен поим кога станува збор за Porsche. Во случајов, основната изведба на Porsche 911 Carrera што значи без S или 4S – вози со 385 КС од трилитарскиот боксер со шест цилиндри и со двојно турбонатполнење. Во споредба со претходникот, новата 911 Carrera во купе и кабриолет изведба располага со 15 КС повеќе.

Обемот на сериска опрема само малку се разликува од Carrera S. Во неа спаѓаат средишен монитор од 10,9 инчи, богати можности за вмрежување и нови системи за асистенција, меѓу кои посебен режим за возење по мокар пат. Во споредба со „S“, бандажите се помали, исто како и сопирачките дискови, но најлесен знак на распознавање се единечните издувни цевки.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Моторот, подвозјето и сопирачките се дотерани според истите начела како кај Carrera S и кај секој модел на Porsche. Разликата во погонската спрега се сведува на примената на турбополначи со помал пречник на турбините и на компресорите. Преносот на сила се одвива преку осумстепен менувач со двојна спојка PDK.

Спринтот од место до темпо сто во 911 Carrera Coupé трае 4,2 секунди, додека крајната брзина изнесува 293 km/h. Со доплата за пакет Sport Chrono, спринтот се скусува за две десетинки. За споредба, Carrera S со 450 КС спринтува за 3,7 секунди и постигнува крајни 308 km/h. Според старата норма NEDC, потрошувачката изнесува 9,0 литри на сто километри.

New photo by Automedia MK / Google Photos

На предната оска се наоѓаат гуми се димензија 235/40 ZR 19, а назад се монтирани гуми 295/35 ZR на бандажи од 20 инчи. Забавувањето е задача на сопирачки дискови од 330 милиметри на обете оски, со четириклипни сопирачки клешти, лакирани црно.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во германскиот ценовник, Porsche 911 Carrera Coupé чини 104.655 евра, кабриолетот качува на 118.935 евра. Цените вклучуваат ДДВ од 19% и опрема за германскиот пазар. Нарачките стартуваат веднаш. Наскоро ќе следи и изведба со погон на сите тркала.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

154
20 shares, 154 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *