135
48 shares, 135 points

На место е забелешката дека новиот кабриолет од Цуфенхаузен од одреден агол неодоливо потсеќа на нешто што цел свет го има видено многупати. Ако тоа ѝ успева на Ким, зошто Porsche 911 Cabriolet да не заведува на истиот начин? Автомобилите од оваа сорта сепак мора да поседуваат сексапил

По само шест недели од дебито на купето, пристига и кабриолет изведбата на новиот Porsche 911. Традицијата е долга, многу долга. Кога Porsche го претстави прототипот на првиот 911 Cabriolet на салонот во Франкфурт во септември 1981 година, публиката беше одушевена. Од следната година, отворената каросериска изведба на најуспешниот спортски класичар на сите времиња стана неразделен дел од култот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Брзиот редослед на претставување на моделските новитети на Porsche има причина. Спортската куќа за годинава има во план да претстави рекорден број нови модели – вклучувајќи ја и најголемата премиера, електричниот Taycan. Како кабриолет, новаков поседува нов хидрауличен систем, кој го спушта покривот побрзо отколку досега.

Останува традицијата на платнен покрив, но во него се кријат напредни технологии

Покривот и натаму е платнен и со стаклен заден прозорец. Во платнентиот покрив се вградени тенки плочки од магнезиумска легура, чијашто функција е да спречат „надувување“ на покривот при возење со висока брзина. Ракувањето со покривот функционира до брзина од 50 km/h, а времетраењето на постапката е сведено на само 12 секунди. Посебна ветерна брана, задвижувана електрично, излегува одзади, за да спречи непријатно вртложење на воздухот зад вратот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Исто како купето, Porsche 911 Cabriolet прво е достапен во верзијата Carrera S, со заден погон, и во верзијата Carrera 4S, со погон на сите тркала. Шестцилиндарскиот битурбо боксер ослободува 450 КС при 6.500/min и вртежен момент од 530 Nm меѓу 2.300 и 5.000/min. Преносот е преку осумстепен менувач со двојна спојка. Carrera S спринтува до темпо сто за 3,9 секунди, односно за две десетинки покусо со пакет Sport Chrono, а крајната брзина изнесува 306 km/h. Carrera 4S постигнува 304 km/h и забрзува до темпо сто за 3,8 секунди (со пакет Sport Chrono за 3,6 секунди).

Првпат во Porsche 911 Cabriolet се нуди активно спортско подвозје PASM

Поради новата положба на држачите на моторот, кабриолетот има повисока отпорност на свивање од претходникот. За првпат за 911 Cabriolet се нуди и активното спортско подвозје PASM. Пружините во тој случај се потврди и покуси, стабилизаторите се поцврсти, а подвозјето е спуштено за 10 милиметри. Тоа обезбедува уште поголема возна динамика.

За разлика од досегашната практика, верзиите со заден погон имаат иста ширина на каросеријата во задниот дел како верзиите со погон на сите тркала. Ширината назад е зголемена за 44 милиметри, додека напред има плус 45 милиметри. Како препознатлив детал од раните генерации, хаубата е продолжена до самиот врв на носот и има карактеристично вдлабнување пред ветробранот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Назад доминира широкиот спојлер, кој се приспособува според условите, исто како и светлосната лента по цената ширина. Со исклучок на предниот и задниот дел, целата надворешна структура на каросеријата е изработена од алуминиум.

Кокпитот исто така ја следи шемата на претходниците од раните генерации на 911. Иновација на Porsche и дел од стандардната опрема е таканаречениот Wet Mode. Системот препознава вода на патот и соодветно ги подготвува контролните системи во подвозјето да реагираат, во исто време предупредувајќи го возачот. Тој потоа решава дали ќе го вклучи посебниот модус за безбедно возење. Меѓу системите за асистенција е врв системот за ноќно гледање со термо-камера.

Цената на Porsche 911 Carrera S Cabriolet во Германија изнесува 134.405 евра, додека 911 Carrera 4S Cabriolet стартува од 142.259 евра, со вклучен ДДВ и опрема за домашниот пазар. Книгите со нарачки се веќе отворени.

Тркачко Porsche со врати изработени од коноп и лен

Alpine добар колку Porsche: Споредбен тест на Ауто Билд

Porsche гради 90-метарска висококатница во Штутгарт

Електричен камион носи делови за електричниот Porsche


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

135
48 shares, 135 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *