за

Најдобри средства за полирање на автомобилскиот лак: Тест на Ауто Билд

Најдобри средства за полирање на автомобилскиот лак:
Најдобри средства за полирање на автомобилскиот лак:

Девет средства за полирање со највисок квалитет се најдоа на тестирање кај германскиот магазин Ауто Билд. Заклучок од тестот: Најскапиот производ е воедно и најлош производ.

Кога ќе се појави првото пролетно сонце, возачите не пропуштаат веднаш да го подложат својот автомобил на третман за разубавување. Откако темелно ќе се отстрани зимската нечистотија, на пример, со избирање на соодветна програма за миење на подвозјето во автопералните, следно на ред е полирање. Лакот мора да сјае, труд и време мора да се вложат.

Пазарот има богата понуда од средства за рачно полирање на автомобилскиот лак. Политурите прават лакот да блесне во еден потег, го заштитуваат истиот, а воедно ги спречуваат и ситните гребаници на површината. Германскиот магазин Ауто Билд во соработка со организацијата КУС, изврши темелно тестирање на девет средства за полирање со висок квалитет.

Дел од производите не се достапни на нашиот пазар, тестот укажува на што треба да се внимава при изборот на средството за полирање и прави разлика меѓу добрите и лошите средства

Победник на тестот и воедно производ со најдобра противвредност е средството од Koch Chemie, со редовна цена од 16,99 евра во Германија. Shine Speed Polish се нанесува лесно, отстранувањето е без мака и не остануваат траги. Тоа дава совршена површина. На второто, третото и четвртото место се производите Fusionskin Ultimate Polish, Dr. Wack A1 Ultimate Show & Shine Polish и Petzoldt´s Premium – политура за чистење. Сите овие средства постигнуваат добри резултати во најважните критериуми при тестирањето. (резултатите се наведени во табелата подолу).

Според севкупниот резултат, највисоки оцени од експертите на КУС и Ауто Билд освои Sonax Premium Class Saphir Power Polish. Со ова средство од познатата марка се постигнува најголем сјај во споредба со бледиот лак пред обработката. Проблем е високата цена на комплетот, во којшто се вклучени сунѓер и крпа од микрофибер (38,99 евра во Германија). Поради тоа, оваа скапа политура се најде на четвртото место во крајниот пласман.

Разочара изгледот на полираната површина со средството Politur Meguiar´s Ultimate Compound, коешто е на шестото место. По отстранувањето на мрснотијата од површината, тестираната површина беше целосно прекриена со ситни гребаници, коишто се резултат од грубите абразивни зрна во производот. Доколку ова средство се примени на малку избледен лак, голема е опасноста дека само ќе се направат нови гребаници.

Кај седмопласираното средство Chemtools Acrylshield S, површината добива само малку сјај. Не задоволува ниту сетот за чистење на лакот Nigrin Black Label, коешто создава многу прашина при отстранувањето на политурата. На последното место е Swissvax Cleaner Fluid Medium – со цената од 58 евра, тоа е најскапиот производ на тестот. Скапата швајцарска политура не ја оправдува високата цена, со тоа што го покажа на тестот.

Како е извршено тестирањето

Сите производи беа купени во слободна продажба и користени се според упатството. Ламарината за тестирање беше лакирана со обична црна боја на водена основа. На три четвртини од површината за тестирање беше извршено вештачко стареење со специјална паста за матирање, до постигнување на вредност 60 за степенот на сјајност. По обработката, повторно се мереше сјајноста со наменски уред. Долната површина од ламарината остана необработена и имаше вредност 90 за степенот на сјајност. Тоа е исто како нов лак и повеќе од тоа не може да се постигне ниту со политура.

При оценувањето на политурите се правеше споредба со референтно средство, со состав препорачан од Здружението на производители на средства за миење. Едната половина од површината за тестирање беше обработена со референтното средство, а другата половина со тестираниот производ. За нанесување се користеше сунѓер, врз когошто дејствува сила од 1,5 килограм и на чијашто површина се нанесени 5 грами од средството. Во такви услови, со сунѓерот се минува петпати по тестираната површина.

За отстранување на политурата исто така се користеше тежина од 1,5 килограм. Потоа се мереше сјајноста и површината се поминуваше со изопропанол, заради отстранување на силиконот или восокот во составот на средството. На тој начин се проверуваше дали производот направил гребаници. Потоа, повторно се одредуваше сјајноста и се оценуваше квалитетот на површината.

Пласман од 1-во до 3-то место

New photo by Automedia MK / Google Photos

Пласман од 4-то до 6-то место

New photo by Automedia MK / Google Photos

Пласман од 7-мо до 9-то место

New photo by Automedia MK / Google Photos

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Германија стравува од преземање на ослабнатите фирми за мобилност

Германија стравува од преземање на ослабнатите фирми за мобилност

toyota hino водороден камион

Toyota разви камион со водороден погон, досегот 600 километри