158
25 shares, 158 points

Автомобилот што му даде ново значење на поимот мултинаменско возило уште се продава во Јужна Америка. Peugeot Partner дури доживеа и моделско освежување, за да привлекува исто толку купувачи и во следните години

Peugeot Partner и Citroen Berlingo беа револуционерната двојка од доцните 1990-ти години. Тие се појавија како свеж и штосен спој на семејно возило и лесен транспортер, беа поевтини од дотераните компакти, а располагаа со многу повеќе можности. Пазарот ги обожуваше, македонскиот особено. Некои пазари уште ја имаат привилегијата да извадат свеж Peugeot Partner од салон, оној од првата генерација.

Peugeot Partner I-gen Brazil 2

Француската марка, на којашто честопати ѝ успевало да понуди модели што ги надживуваат и своите наследници, уште го нуди оригиналниот Peugeot Partner на големиот бразилски пазар. Додека Европа штотуку ги добива првите контингенти од комплетно новиот Rifter, во бразилските ценовници на Peugeot се појавува „ново“ моделско годиште на Partner Mk. I.

Бразилскиот Peugeot Partner по традиција вози и на етанол

Во понуда остана само товарната изведба, којашто сега доживеа модернизација. Промени во изгледот се непотребни, мултифункционалниот ван уште го има истиот изглед. Важниот новитет е под хаубата. Таму работи нов 1,6-литарски мотор, којшто во најдобрата традиција на бразилскиот пазар, може да вози и на бензин и на етанол.

Кога моторот согорува бензин, моќноста изнесува 115 КС, кога е етанол, таа се зголемува на 122 КС. Спринтот до темпо сто трае 14,5 секунди, а крајната брзина изнесува 164 километри на час. Сервоуправувањето отсега е стандард, но тоа не е единствениот новитет.

Peugeot Partner I-gen Brazil 3

Partner доаѓа стандардно опремен со клима уред, а со доплата и со дигитални инструменти. Тоа му дава посебен печат на автомобилот чијшто оригинален концепт е стар повеќе од две децении. Инструментите се преземени од C4 Picasso, кој сега е преименуван во Space Tourer.

Секако дека и Бразил нема да остане без новиот Rifter. Неговата продажба ќе стартува наесен.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

158
25 shares, 158 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *