155
43 shares, 155 points

Peugeot 508 во моментов е најдискутиран модел во средната класа. Многумина се присеќаат на посебноста на Peugeot 406 и 407, со коишто Французите беа мошне силни во сегментот. За тоа кој е најповикан да оцени колку добро парира новиот 508, нема двоумење: Германскиот Ауто Билд го спореди францускиот крстосувач со VW Arteon

Текстот од споредбениот тест на Peugeot 508 и Volkswagen Arteon од германскиот магазин Ауто Билд го пренесуваме во целост:

За промена, малку ќе зборуваме француски. На овој јазик, кој дури и мрсните работи како што е мајонезот, може да ги претвори во милина за уши, благодарни сме му за звучните зборови какви што се „лимузина“ и „купе“. Дури и врската којашто постои меѓу овие две форми, сега доби име: Peugeot 508. Новакот покажува возбудливи линии коишто спојуваат смелост и елеганција, потсеќајќи на најблагородните креации од типот на 406 или 407. Тој со крајна ноншалантност го предизвикува Volkswagen Arteon, да се одмерат во убавината. И, кој е сега поубав?

Во поглед на дизајнот, 508 е во неприкосновено водство

Како и секогаш, одговорот е во очите на набљудувачот, но овојпат ќе си дозволиме да дадеме оцена: Недвојбено, Peugeot. 508 е еден од оние автомобили кои сопственикот во првите неколку недели сака сам да ги мие рачно, за да не го забележат како ја гали моќната хауба или „трилиниските“ задни светла.

Поради ефектот со којшто задните крила му даваат моќна појава на автомобилот, простуваме за лажните издувни цевки. Издувот фактички завршува многу обично, лево под ламарината. Сеедно, човек станува горд на овој 508. Подобро што е така, затоа што зад воланот на Peugeot треба да се прогледа низ прсти за неколку ергономски пропусти.

Како во секој Peugeot, инструментите, кои што во случајов се во форма на поместлив дисплеј со течни кристали, поставени се над малечкиот волан. Високите возачи се чувствуваат по малку како во количка во луна парк и го подигнуваат воланот до крај. Но, во тој случај се покриваат информациите долу.

Високата средишна конзола те соѕидува, а врз неа тронува рачката на менувачот, којашто премногу се раскомотува во тој простор. Кажано кусо: Кокпитот е различен. Тоа не значи дека е подобар. Расцепканата изведба со брусени украсни лајсни остава убав впечаток, испуштајќи тивки звуци на гмечење само на најлоши патишта.

Во Arteon се патува мошне комотно и во четворка

Пред нервозно да се погледне угоре, како што обично бива во друштво на дивите, Peugeot ги удоволува сетилата со беспрекорно функционирање. Иако е единаесет сантиметри покус и полесно е подвижен од Arteon, напред има повеќе место во 508. Прекинувачите коишто се наоѓаат над средишниот дисплеј и изгледаат како малечки клавиши, прават ракувањето со инфо-забавниот систем да биде мошне едноставно.

А, кога ќе се собори задната клупа, тогаш новиот ладилник лизга по рамниот под до крајот на багажникот со зафатнина до 1.537 литри. Дали навистина да зборуваме за функционирањето, место за убавината? Да, затоа што таму се силните страни на Arteon. Неговиот заден капак опционално (со доплата од 940 евра) се затвора со електромотори, а нозете може на задната клупа да се истегнат како во телевизиска фотелја. Или како во најдобро такси. Додека во Peugeot e потесно на задната клупа и таванот го допира темето, Arteon повеќе е лимузина со сите квалитети, отколку само купе со четири врати. Тоа не треба да зачудува, негов близнак сепак е просторното чудо Skoda Superb. Покрај тоа, Volkswagen како знаменосец на марката има силно техничко наоружување. Напред светат диодни светла, а комфорното возачко седиште што се вградува сериски, угодува на секоја фигура.

Скапиот и џиновски инфо-забавен систем ги буди децата во генерацијата од преку 50, но нуди и сообраќајни информации во реално време. При изборот на дополнителна опрема многу лесно се пречекоруваат 50.000 евра. Импозантни бандажи од 20 инчи, како на тест-возилото (со доплата од 1.030 евра) изгледаат добро пред голф-клубот. Тоа што фалбаџиските бандажи тропаат на уличните крпеници, би требало да го реши приспособливото подвозје DCC (1.200 евра) со широкиот дијапазон од 15 степени на амортизација.

Volkswagen му обезбедил силен мотор на својот знаменосец

Изобилството владее и под ламарината на Arteon. Дволитарскиот TDI, со 150 КС и вртежен момент од 340 Nm едноставно ја има силата што дава сувереност при поаѓање на семафор и при возење по автопат. И тоа е уживање. Со предност во моќноста, тој му бега за неколку метри на Peugeot во секоја ситуација и прави речиси да се заборави дека е дизел, со исклучок на повременото режење – и сето тоа при потрошувачка на тестот од 6,2 литри!

Но, дизел и VW? Да се задржиме на фактите. Тест-возилото ја исполнуваше само нормата Euro 6b, поради што се одземаат четири бодови во поглавјето за животната средина. Во секој случај, овој Arteon веќе возеше со впрскување на уреа и со SCR-катализатор, така што класификацијата според 6d-Temp не би требало да претставува проблем. Прашањето е само, кога?

Наспроти тоа, 508 ветува уживање без грев. Најсовремената издувна норма Euro 6d-Temp и големиот резервоар за AdBlue во багажникот ги омекнуваат и најголемите дизел-скептици, за 1,5-литарецот да може да ги убеди во секој поглед. Peugeot има и дволитарски дизел во понудата, којшто може да го разгори дизелот на Volkswagen, но 508 воопшто нема потреба од него.

Peugeot 508 остава подинамичен впечаток од неговиот противник

Малечкиот HDI повлекува толку волшебно тивко и смирено, дури и без изолацијата како кај Volkswagen, што изгледа како да е создадн за овој силен автомобил. Крајно темпо 200 по автопат, и уште поважно, тест-просек од 5,4 литри, тоа се силни аргументи, коишто го ставаат Peugeot во различно светло од Arteon. Тој постигнува исто толку, но е поштедлив.

Французот на вага покажува 125 килограми помалку од автомобилот од Волфсбург, остава впечаток дека е полесен и со полесна нога. Секако дека тој е покус, но на VW му тежат многуте опции. Покрај тоа, 508 во тест-возилото поседува и автоматик, којшто прави возењето да биде уште порелаксирачко уживање.

Осумстепениот менувач од Aisin остави добар впечаток уште во 3008, а во знаменосецот се покажува во најдобрата форма. Peugeot 508 поаѓа меко на семафор и нежно ги префрлува степените. Електрониката се збунува повремено кога возилото ќе се пушти по инерција, но на крај, овој вистински автоматик префрлува покомфорно од менувачот со двојна спојка на VW. На тој начин, автоматикот совршено го заокружува убавиот пакет.

Подвозјето со обични челични пружини наоѓа соодветен одговор речиси на секоја подлога, без притоа да забега во строг спортски режим. Кога дланките ќе свикнат на малечкиот волан, маневрирањето е поедноставно отколку со големото кормило на Arteon, којшто пак, има полесна управливост, поради прогресивното управување кое е дел од сериската опрема.

Peugeot се откажува од таков вид технички трикови и почесто се служи со обични решенија: едноставно управување, пониска работна зафатнина, затоа пак, автоматик и двозонска клима. Сето тоа чини 10.000 евра помалку од Arteon. Тој ги подига техниката и дополнителната опрема за половина скалило погоре и бара тоа да се плати. Тоа важи за опремата Elegance, со којашто повторно се враќаме на францускиот јазик. Симпатичниот Peugeot има смислено име и за неговата ценовна предност: Едноставно потцртајте си Allure, така се вика второто највисоко ниво на опрема. Тоа одговара најдобро за „cinq-zero-huit“.

Второ место со 536 од 750 бодови: Peugeot 508 BlueHDi 130. Поштедлив, почист, поевтин, поубав – 508 е за срце и душа.

Прво место со 546 од 750 бодови: VW Arteon 2.0 TDI. Поголем, посилен, покомфорен, поскап – Arteon игра половина лига повисоко.

Заклучок на авторот Јоаким Штат:

Одушевувачко е дебито на 508. Peugeot ја претвора лимузината (којашто никој не ја гледа како таква) во дизајнерско парче со таленти за секојдневието, коешто им годи и на купувачите и на марката. Arteon сака и може повеќе, затоа што мора да биде знаменосец.

Mitsubishi Eclipse Cross на тест во магазинот Ауто Билд

Alfa подобра од Audi на споредбен тест на Ауто Билд

Ауто Билд со споредбен тест на C4 Cactus, Civic, Megane и Leon

Peugeot 508

Flickr Album Gallery Powered By: WP Frank

Volkswagen Arteon

Flickr Album Gallery Powered By: WP Frank

Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

155
43 shares, 155 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Choose A Format
Personality quiz
Series of questions that intends to reveal something about the personality
Trivia quiz
Series of questions with right and wrong answers that intends to check knowledge
Poll
Voting to make decisions or determine opinions
Story
Formatted Text with Embeds and Visuals
List
The Classic Internet Listicles
Countdown
The Classic Internet Countdowns
Open List
Submit your own item and vote up for the best submission
Ranked List
Upvote or downvote to decide the best list item
Meme
Upload your own images to make custom memes
Video
Youtube, Vimeo or Vine Embeds
Audio
Soundcloud or Mixcloud Embeds
Image
Photo or GIF
Gif
GIF format

Notice: ob_end_flush(): failed to send buffer of zlib output compression (0) in /home/automedi/public_html/wp-includes/functions.php on line 3743