143
21 shares, 143 points

Француската марка се надева дека со новиот Peugeot 508 ќе постигне поголем успех на европскиот пазар отколку со претходникот. Очекувањата се уште поголеми за кинескиот пазар, кадешто лимузините се уште постигнуваат најголемо учество во продажбата од сите каросериски изведби.

Тоа што последниот модел со знак на лав во маската пристига во пазарниот сегмент кој веќе долго време бележи постојан пад не ги обесхрабрува шефовите на Peugeot. Првиот човек на француската марка Жан Филип Импарато се надева дека новиот Peugeot 508 ќе донесе поголема профитабилност во работата на компанијата. На салонот во Женева, кадешто Peugeot 508 ја доживува својата светска премиера, тој коментираше дека „сегментот на лимузините од средната класа е прв или втор најпрофитабилен сегмент во светот.“ Притоа, Импарато ги има предвид и големите пазари надвор од Европа.

Peugeot 508 1

Peugeot направи голема отстапка од традиционалната лимузинска форма и на својот најголем автомобил му даде стил што повеќе личи на комбилимузина, отколку на автомобил што би требало да ја продолжи лозата на легендарните модели Peugeot 504 или 505. Дизајнерот Жил Видал има свое објаснување за овој радикален потег: „Сакавме автомобил со подинамичен изглед и прејдовме на комбилимузина. Доколку изведевме обичен багажник, отворот ќе беше премалечок. Петтата врата направи автомобилот да биде суперпрактичен.“

Таканаречениот i-Cockpit ја следи истата шема како во 208 и 308, со смален пречник на воланот во комбинација со подигнати инструменти и лента со прекинувачи во средишната конзола. За почетокот на продажбата, Peugeot 508 ќе биде достапен само во лимитирана серија, со каросерија во темносина или црвена боја и со богат пакет оппрема. Освен 1,6-литарскиот турбобензинец со 225 КС, на располагање стои дизел со моќност од 180 КС. Менувачот е автоматски со осум степени. Испораките ќе стартуваат наесен, откако претходно на салонот во Париз ќе биде претставена комби изведбата.

Дали петтата врата ќе му донесе на Peugeot 508 ист успех како на Skoda Superb?

Според официјалните статистики на Jato Dynamics, Французите лани продале нешто повеќе од 20.000 примероци од својот Peugeot 508 на европскиот пазар. За споредба, лидерот во сегментот, Volkswagen Passat, лани постигнал продажба од преку 180.000 примероци. Втор е техничкиот близнак Skoda Superb, со над 80.000 примероци, пред Opel Insignia со нешто повеќе од 73.000 примероци. Opel во меѓувреме стана дел од францускиот PSA.

Peugeot 508 3

Пазарните аналитичари во новиот Peugeot 508 гледаат силен конкурент за Superb и Insignia, и предвидуваат продажбата годинава да достигне 35.000 примероци, вклучувајќи го кинескиот пазар. Претходната генерација на Peugeot 508 ја постигна најдобрата продажба во 2011 година, со 115.000 примероци во Европа и околу 16.000 примероци во Кина.

Peugeot со џиновска скулптура на лав во Женева

Peugeot го смени шефот во Кина поради слабата продажба


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

143
21 shares, 143 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *