Познавачите и љубителите на француската марка одлично разбираат зошто концептот во ретро-стил на Peugeot 504 Coupe привлече толку многу внимание на салонот во Париз. Уште едно присетување на купето што се произведуваше цели 14 години може да биде само добредојдено
На Peugeot би му годело најмногу, доколку тековното издание на салонот во Париз и официјално се водеше како салон на Peugeot 504 Coupe и на неговата реинкарнација во форма на Peugeot e-Legend Concept. Тоа не би било далеку од вистината. Годинава не може да се зборува за престижниот собир на автомобилската бранша покрај Сена, а да не се спомне купето на Peugeot, без разлика дали во неговата оригинална улога и форма, или во актуелното толкување преку концептот Peugeot e-Legend.
Секако дека постојат многу поголеми и позначајни автомобилски имиња на салонот, па дури и на сопствениот штанд на Peugeot, но овој 504 Coupe којшто се препознава во e-Legend, го задржал волшебството и денес. Многумина ценат, дека купето, заедно со сродниот кабриолет, би можеле со истата форма и денес да излегуваат од фабриките на Peugeot.
Каросериите прво се изработуваат во Торино, потоа со воз се превезуваат до Сошо
На салонот во Женева во март 1969 година, Peugeot ги претставува купето и кабриолетот од серијата 504, којашто дебитира половина година претходно. Тоа е верно на традицијата на Peugeot, да развива елегантни и луксузни купе и кабриолет верзии, со иста техника, но сосем поразлична каросерија од лимузинските модели коишто служат како основа. За разлика од лимузината, којашто носи потпис на дизајнерот Алдо Бровароне, „CC“ (купето и кабриолетот често се спомнуваат под оваа кратенка, којашто задира подлабоко во историјата на Peugeot, а се користеше до пред неколку години) потекнуваат од легендарното италијанско студио Пининфарина, долгогодишен партнер на француската куќа.
Сите компоненти за возилото, освен погонската спрега и подвозјето, се произведуваат во фабриката на Пининфарина во Торино. Полуготовите возила, оттаму се транспортираат преку железница до фабриката на Peugeot во Сошо, кадешто се вградуваат моторот, менувачот и подвозјето.
Каросериите прво се изработуваат кај Pininfarina во Торино, а потоа се вградуваат погонската спрега и подвозјето во Сошо
Елегантната странична линија, меко заоблените каросериски панели и големите стаклени површини на купето го задржуваат вниманието на автомобилската сцена од премиерата во 1969 година, до завршетокот на производството во јуни 1983 година. Четирите единечни светла внесуваат извесна доза на спортска агресивност во носот на возилото, а во стилската препознатливост не заостануваат и задните светла, коишто се составени од неколку делови, поставени косо. Во целата 14-годишна продукција, единствените надворешни промени се случуваат во предниот и задниот дел.
Моторот потекнува од неуништливиот Peugeot 404: Половина Африка уште се вози со него
Во технички поглед, верзиите со две врати се исти со лимузината, со таа разлика што во нив се вградува исклучиво мотор со механичко впрскување Kugelfischer. Четирицилиндарецот од 1.796 cm3 располага со 97 КС при 5.500/min и вртежен момент од 137 Nm при 3000/min, што во комбинација со тежина од 1.220 килограми овозможува крајна брзина од 175 km/h. Купето и кабриолетот се позиционирани како отмени, ексклузивни крстосувачи на долги релации.
Иако меѓуоскиното растојание им е скусено за 19 сантиметри, на 2,55 метри, CC-моделите се за нијанса потешки од лимузината. „Спортските“ моделски верзии се долги 4,36 метри и широки 1,7 метар. Купето е високо 1,35 метри, кабриолетот додава уште еден сантиметар.
Кабриолет од моделското годиште 1977, со едноделните задни светла на местото на оригиналните триделни светла
Подвозјето работи за нијанса повеќе стегнато и тоа внесува спортска нота во возењето, исто како и проширената трага на тркалата, спортскиот волан и менувачот на под, за разлика од лимузината, кадешто со менувачот се ракува преку рачка на воланот. Купувачите на купето можат да избираат андалузиски црвена боја на каросеријата, беж велур на седиштата, црни облоги на вратите, беж таван и плиш теписи во истата боја.
Шестцилиндарец со два карбуратора и 136 КС Solex пристига во времето на нафтената криза
Во есента 1970-та пристига дволитарскиот мотор XN2 со незначително зголемена моќност од 104 КС при 5.200/min, но многу повеќе њутнметри (177 Nm при 3.000/min), кој повеќе одговара со тристепениот автоматик од ZF, како новитет во понудата. Бројач на вртежи го заменува часовникот во средината на таблата со инструменти, којашто оттогаш е сребрена место црна. Брзиномерот покажува до 200 km/h, уредот за миење на стаклата добива електромотор и се вклучува директно преку рачката за бришачите на воланот. Рачката на паркирната сопирачка е преместена меѓу седиштата. Крајната брзина се зголемува на 179 km/h, односно изнесува 170 km/h во верзија со автоматски менувач.
Ценовникот на Peugeot за францускиот пазар во 1972 година
Поголеми промени следат во 1975 година. На местото на четирицилиндарецот со механичко впрскување на гориво пристига 2,7-литарски V6 (тип ZM) со два карбуратора Solex, развиен заедно со Renault и Volvo. Првпат во сериски автомобил се вградува безконтактно електронско палење (Schlumberger Altronic). Со 136 КС и 206 Nm, купето и кабриолетот постигнуваат сериозни спортски перформанси. Сменети се и сопирачките, дотерано е подвозјето, додадена е сервоподдршка за управувањето. Крајната брзина изнесува 186 km/h.
Новото моделско годиште се распознава по заедничкото стакло за двојните предни светла и по едноделните задни светла. Модерен стил оддаваат и впуштените рачки во вратите, амблемите Pininfarina и бандажите со 16 отвори со нови раткапни. Маската и браниците имаат неколку мали промени, на задниот капак пишува V6.
Карактерот на купето како крстосувач за долги релации се потврдува со тристепениот автоматик од General Motors
Седиштата добија потпирачи за глава и автоматски ремени. Брзиномерот покажува до 220 km/h. За купето се нуди тристепен автоматски менувач од General Motors. Резервоарот од 56 литри е заменет со поголем, од 80 литри. Резервната гума се сели во багажникот.
Така изгледа внатрешноста при премиерата на моделот во 1969 година
Во 1977 година пристигаат затемнети стакла за купето. Резервоарот е смален на 60 литри, за под багажникот да се ослободи место за резервната гума. Во внатрешноста е сменет часовникот во средината на таблата и има нови теписи. Подоцна следат и нови комбинирани рачка на воланот, за ракување со функциите на светлата и бришачите. Раткапните повторно ги покриваат завртките, се вградува и подобрена верзија на електронското палење.
Во меѓувреме почнуваат да се чувствуваат последиците од нафтената криза и слабо оди продажбата на спортските модели со големиот V6 со два карбуратора. Поради тоа, под хаубата повторно работи 4-цилиндарец со впрскување (XN2), сега со 106 КС при 5.200/min и 168 Nm при 3.000/min. Моторот V6 (ZMJ) добива систем за впрскување Bosch K-Jetronic, 144 КС при 5.500/min, 216 Nm при 3.000/min и се вградува само во купето. Менувачот поседува пет степени на пренос.
Последното големо освежување на Peugeot 504 Coupe и Cabriolet се случува во 1980 година
Арматурната табла, средишната конзола и вратите се во темнокафена боја, додека таблата со инструменти и внатрешниот дел од конзолата се светлокафени. Хромирана рамка ја украсува средината на арматурната табла, воланот е нов, ретровизорот е поголем и се мести однатре. Верзијата V6 вози со гуми Michelin TRX.
Последното гоелмо моделско освежување на моделот што се произведува подолго од една деценија следи во 1980 година. Челичните браници се заменети со пластични, трепкачите и позициските светла се интегрирани во браникот. Амблемот 504 на предната хауба исчезнува, а знакот на Peugeot на задниот капак е заменет со пластичен амблем на левата страна. Во внатрешноста има добра доза дрво. Верзиите со дволитарски мотор добиваат петстепен пренос.
Последни промена во 1982 година, пред заминувањето на моделската серија, се новата табла со пет инструменти и дигиталниот часовник. За завршетокот на сериското производство, Peugeot ги продава 504 Coupe и Cabriolet под официјалното име “Coupé и Cabrio Pinin Farina”.
Своевремено прескапи поради производството во две фабрики, Peugeot 504 Coupe и Cabriolet денес се релативно достапни јангтајмери – релативно значи меѓу 30.000 и 35.000 евра
Во целиот продуциски период од 1968-ма до 2000-та година се произведоа вкупно 3.680.439 примероци. Поголема продукција имаат постигнато единствено Peugeot 205 и 206. Најголем дел отпаѓа на лимузината со 2.658.514 примероци и на комбито Break со 650.132 примероци. Солидна продукција постигна и пикапот, со 370.996 примероци. Кабриолетот и купето се произведоа во скромна серија од 8.185, односно 26.472 примероци. Моделите сепак беа позиционирани како ексклузивни автомобили и беа мошне скапи. Причина за високата цена беше и малосериското производство во Италија, кај Pininfarina, како и комплицираниот транспорт до Сошо.
Релативно малку примероци преживеаја, поради слабата заштита од корозија, како заедничка слабост на повеќето автомобили во тоа време. Примероците што се во добра состојба се практично оние возила кои брзо по излегувањето од фабриките добивале заштита на каросериските шуплини од корозија. Peugeot во 1980-те години започнува со темелно конзервирање на возилата, на што се темели и шестгодишната гаранција против корозија. Наспроти проблемите со корозијата, механиката е речиси неуништлива.
Ориентациската цена за добро сочуван примерок од лимузинскиот Peugeot 504, произведен меѓу 1968 и 1970 година, изнесува 11.500 евра, односно 13.000 евра за верзија со впрскување на гориво. За купето и кабриолетот може да се смета на најмалку трипати повисока цена.
Последниот примерок од Peugeot 504 се симна од монтажната линија во Нигерија во декември 2005 година.
[FAG id=35449]