130
18 shares, 130 points

Најпрестижната европска титула за производителите на автомобили ја понесе новиот теренец на Французите, Peugeot 3008. Признанието следува во истиот ден кога групацијата PSA го објави потпишувањето на зделката за преземање на Opel.

Рано утринава пристигна веста дека француската групација PSA го презема Opel од американскиот General Motors по цена од 1,3 милијарда евра, односно 2,2 милијарди евра, вклучувајќи ја и финансиската организација во состав на компанијата. Отсега со пет автомобилски марки, Peugeot, Citroen, DS, Opel и Vauxhall, Французите стануваат втора автомобилска сила во Европа, веднаш зад Volkswagen.

Само неколку часови подоцна следеше уште една голема вест, пристигната од манифестацијата што по традиција се одржува во првиот ден од салонот на Женева. Peugeot 3008 е избран за автомобил на 2017 година од експертското жири. Повеќе од јасно е дека Французите се враќаат на голема врата на автомобилската сцена, откако групацијата долги години минуваше низ жестока фаза на санација и мораше да отпушти голем број работници. Таа фаза веќе е надмината и PSA повторно инвестира во нови модели што го погодуваат духот на купувачите. На експертите, исто така.

Титулата на автомобил на годината е најценето одликување на европска почва, коешто се доделува уште од 1964 година. Во составот на жирито влегуваат 58 автомобилски експерти од 22 земји. Во годинешново финале се најдоа седум нови модели од најразлични класи и сегменти: Alfa Romeo Giulia, Citroen C3, Mercedes E-Class, Nisan Micra, Peugeot 3008, Toyota C-HR и Volvo S90/V90.

Победата на францускиот кросовер беше неизвесна до самата завршница, кога Peugeot изби прв со 391 бодови, пред Alfa Romeo со 296 бодови, додека третото место му припадна за Mercedes E-Class со 197 бодови. Останатите модели освоија: Volvo S90/V90 (172 бодови), Citroen C3 (166), Toyota C-HR (165) и Nissan Micra (135).

Со Peugeot 3008, за првпат во историјата на изборот се случува кросовер да ја понесе титулата на автомобил на годината. Петпати досега модел на Peugeot бил одликуван со престижното признание: Peugeot 504 (1969 година), Peugeot 405 (1988), Peugeot 307 (2002), Peugeot 308 (2014), Peugeot 3008 (2017).

Победата лани ја понесе Opel Astra. Германската марка од денес е под покривот на PSA. На штандот на Opel веќе се наоѓа првиот „заеднички“ модел, Crossland X, врз платформата од Peugeot 3008.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

130
18 shares, 130 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *