за

Peugeot 208 GTi 30th: Сеедно дали е мало или големо, важно да има лавче

По три децении од појавувањето на 205 GTi, марката со лавот го претставува јубилејното издание на 208 GTi како модерно толкување на легендарниот тркач. Продажбата стартува во ноември, под хаубата се стискаат 208 КС.

Peugeot открива уште една премиера за настап на домашен терен на салонот во Париз. Peugeot 208 GTi 30th се појавува во чест на триесетгодишнината од 205 GTi и за одбрана на честа вози со 1,6-литарски бензинец со турбонатполнење и директно впрскување со 208 КС, но со вртежен момент зголемен на 300 њутнметри – секако со исполнување на нормата Euro 6. Силата се пренесува на предните тркала преку шестстепен мануелен менувач, во комбинација со торсен-диференцијал и специјално дотерано подвозје, заради оптимална тракција.

Спортскиот карактер и самоувереноста на малечкиот тркач се дополнително нагласени со двобојната каросерија. На 13-ти март годинава, што значи по неполна година од почетокот на продажбата, од фабриката на Peugeot излезе десетилјадитиот примерок од Peugeot 208 GTi, што го потврди успехот на спортскиот GTi и повисокото позиционирање на моделот 208 во конкуренцијата во класата.
Подвозјето е спуштено 10 милиметри, трагата напред е поширока за 22, назад за 16 милиметри. Хромираните детали од 208 GTi, во јубилејниот модел се изведени во мат црна боја, заради нагласување на спортскиот карактер. Во истиот финиш се изработени и праговите, заради нагласување на спуштената каросерија, исто како и арките во крилата, под коишто ѕиркаат бандажи од 18 инчи. Соодветно на мисијата, сопирачките клешти се лакирани во црвена боја.

Спринтот до сто трае 6,5 секунди, еден километар од место трае 26,5 секунди, меѓузабрзувањето во 5-от степен од 80 до 120 km/h завршува за 6 секунди.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Девет интересни факти за новиот Lexus NX

Рели во штедливо возење на Skoda: Победи Octavia со 2,95 l/100 km