Малечкиот кросовер на Peugeot веќе почнува со нарачки на најголемиот европски пазар. Основниот модел вози со трицилиндарски бензинец со 100 КС, врвот на гамата ѝ припаѓа на електричната изведба e-2008 со цена од 35.250 евра.
Француската марка започнува со нарачки за новиот Peugeot 2008 и за неговата електрична изведба e-2008 на германскиот пазар, најголемиот автомобилски пазар во Европа. Кросоверот ја дели техничката основа со актуелните Peugeot 208 и Opel Corsa, достапен е со бензински и дизел мотор, но и со погон само на струја. Тамошната цена за основната изведба на Peugeot 2008 изнесува 21.500 евра, додека за изведбата со погон на струја Peugeot e-2008 треба да се издвојат 35.250 евра, не вклучувајќи ги субвенциите во висина од 6.000 евра.
Дизајнот прикажува впечатливи детали, како задни светла во форма на шепи или голема маска напред. Во највисоките нивоа на опрема GT-Line и GT, кросоверот поседува покрив лакиран во црна боја и диодна техника за сите светла. Електричната изведба e-2008 однадвор се разликува главно по тоа што маската е лакирана во боја на каросеријата.
Peugeot 2008 им конкурира на новите градски кросовери од концернот Volkswagen, во сегментот кај нас е одлично одомаќена Suzuki Vitara
Со 4,30 метри, новиот Peugeot 2008 е за 14 сантиметри подолг од претходникот. Овој простор оди најмногу во корист на патниците на задната клупа. Багажникот на електричниот „2008“ нуди зафатнина од 405 литри, додека кај изведбите со обичен погон има дополнителни 29 литри простор за одлагање под подот.
Почнувајќи од нивото Allure, во кросоверот стандардно се вградуваат дигитални инструменти со тридимензионален приказ. Зависно од условите на возење и од ситуацијата, поважните информации во моментот визуелно се приближуваат, што има за цел да поттикне побрза реакција на возачот.
Средишниот дисплеј во основниот модел располага со пречник од 7 инчи, додека во средното ниво Allure може да се доплати за дисплеј од 10 инчи со висока резолуција, кој инаку се вградува стандардно во нивото GT.
Французите нудат пет мотори за кросоверот на база на 208. Трицилиндарскиот 1.2 PureTech е достапен во три нивоа на моќност, со 100, 130 и 155 КС, единствен дизел е 1.5 BlueHDI со 130 КС. Автоматскиот менувач со 8 степени е стандард кај дизелот и топ-бензинецот, односно е достапен со доплата кај изведбата со 130 КС.
Посебно е интересен Peugeot e-2008 со електромотор со 136 КС и 260 њутнметри. Со батерија од 50 kWh, кросоверот минува до 320 километри. Полнењето на батеријата на брз полнач со 100 kW трае половина час, до наполнетост од 80 проценти. Peugeot гарантира дека капацитетот на батеријата нема да се намали под 70 проценти по осум години или 160.000 километри.
https://www.instagram.com/p/B2Zw66qA_tF/