за

Peugeot ќе претстави 26 нови модели до 2019 година: Теренци на местото на вановите

Peugeot ја менува понудата од модели и во иднина се ориентира на спортски теренци, на сметка на класичните ванови. Марката со лавот за првпат по повеќе од две децении ќе нуди и пикап.

Шефот на францускиот концерн Карлос Таварес, по две години од неговото стапување на должност во PSA има големи најави за следните пет години. Од трите марки што го сочинуваат концернот, до 2019 година ќе бидат претставени дури 26 нови модели. На тоа следат уште осум нови модели во понудата од товарни возила. За првпат по 23 години, во товарната понуда на Французите ќе се наоѓа и пикап. Дури седум од новите модели ќе располагаат со плагин-хибриден погон, додека четири модели ќе работат чисто на батериски погон.

Производителите обично претеруваат при најавите и бројот на новитети вклучува и неколку различни моделски изведби или погонски опции, но дури и ако бројот на вистински новитети е половина од најавата, големо освежување претстои во понудата на францускиот концерн.

Peugeot 5008 SUV

Peugeot 5008 SUV

Ниту еден сегмент не се остава непополнет, вклучувајќи ги и пикапите. Откако европските производители со децении го имаа напуштено сегментот на камионети со погон на сите тркала, сега следи вистинска инвазија против традиционалниот бастион на Nissan Navara, Toyota Hilux и  Mitsubishi L200.

По трансформацијата на кросоверот 3008 во SUV следи и 5008 SUV

Најважниот поттик за Peugeot сепак ќе доаѓа од кросоверите и спортските теренци. Марката со лавот пред неколку месеци го претстави 3008 SUV, во замена за практичниот и иновативниот кросовер со истата бројка, но без додавката SUV. Со оваа замена, „врвната марка меѓу генералистите“ – како што Таварес ја гледа марката Peugeot, во иднина постепено ќе го пополнува местото на семејните ванови со спортски теренци.

Новиот 3008, чијашто продажба стартува во средината на октомври, ветува врвна економичност и возни својства на лимузина. Тоа е заслуга на платформата EMP2, истата што ја поседува и компактот Peugeot 308. Интересен детал кај новакот е електричниот скутер e-Kick, којшто стои преклопен во багажникот и тежи само 8,5 килограми. Идејата е e-Kick да се користи таму кадешто веќе станува прегусто за пристапување со автомобил, на пример, во метежот во градскиот центар.

Peugeot e-Kick

peugeot e-Kick 00001

Автономијата на скутерот изнесува дванаесет километри и за разлика од останатите производители, коишто имаат слични концепти, но само за прикажување по салони, Peugeot веќе го нуди малечкото транспортно „помагало“ како опција. Сосема е веројатно дека e-Kick ќе се понуди како опција и во останатите нови модели на марката.

Трет ред седишта и поагресивен изглед за новиот Peugeot 5008

Планот е Peugeot да изгради понуда од пет спортски теренци до крајот на 2017 година. По кросоверот 2008, којшто се покажа како најсветски автомобил на Peugeot и во меѓувреме се произведува во Франција, Кина и Бразил, со капацитет од преку половина милион примероци годишно и по Peugeot 3008, како трет модел на листата, кон крајот на следната година пристига новиот 5008. Сегашниот семеен ван исто така ќе мутира во спортски теренец, но ќе прикажува повеќе моќ од 3008, со силно нагласени крила и подолга каросерија. Задниот дел ќе завршува речиси вертикално, затоа што тука треба да се обезбеди простор за третиот ред седишта.

Судбината на 4008 е веќе запечатена, откако завршува соработката со Mitsubishi, којшто го произведуваше теренецот во Јапонија, како дериват од ASX. Стариот 3008 останува во понудата за кинескиот пазар, со неколку освежувања во изгледот и техниката. Затоа пак, најдоцна за година и пол на најголемиот пазар во светот ќе се појави големиот спортски теренец на Peugeot, со должина од близу пет метри и секако со простор за трет ред седишта. Во поглед на изгледот, тука може да се очекува сериска реализација на линијата од концептот Peugeot SxC.

Peugeot 2008 II

Peugeot 208 II (2018)

Сите идни модели на Peugeot ќе се базираат на само две платформи. EMP2 е наменета за моделите почнувајќи од 308 и 3008 нагоре, додека платформата CMP (Common Modular Platform), се користи за помалите модели и развиена е заеднички со кинескиот партнер Dongfeng Motors.

Модифицирана верзија од оваа платформа ќе се користи и за помалите електрични возила. меѓу нив ќе се најде и наследникот на iOn, којшто исто така беше дериват од Mitsubishi. Погонот на струја ќе работи и во уште неколку кросовери во понудата на марката.

Во 2018 година пристига новиот Peugeot 508 со дизајн од концептот Exalt

Моделите од повисоките класи, базирани врз платформата EMP2, ќе поседуваат верзии со хибриден погон. Дизелот заминува од хибридниот погон, на негово место доаѓаат бензинци со турбонатполнење. Втор електромотор ќе работи на задната оска, што значи дека хибридните модели секогаш ќе поседуваат погон на сите тркала. Системската моќност ќе надминува 250 КС. Стартот се планира за 2019 година, веројатно во моделите 3008 и 5008.

Peugeot Exalt 1

Една година пред тоа е време за новите генерации на 208 и 508. Лимузината ќе порасне во должина, но и ќе добие поелегантни пропорции, со заден дел како кај купе. Верзија со плагин-хибриден погон се планира и тука. Peugeot практично го прикажа конечниот изглед на лимузинскиот знаменосец со студијата Exalt.

За пикапот, Peugeot веројатно ќе се повика на помош од Toyota. Овој сегмент не само што не е нов за француската марка, туку и ретко постои друга марка со подолга традиција на пикапи. Првиот камионет на Peugeot беше изработен врз основа на моделот 402 во 1930-те години, додека последниот пикап се произведуваше дури до 1993 година, како товарна варијанта на неуништливиот Peugeot 504.

[FAG id=25319]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Краш-тест на возови: Зона на гмечење по пример на автомобилите

Петцилиндарецот на Audi го прославува 40-от роденден