за

Panasonic претстави нова генерација проекциски дисплеј

Со осум камери и проектирање виртуелни објекти до 10 метри пред возилото, новите проекциски или хедап-дисплеи прават класичната табла со инструменти да биде уште чекор поблиску до пензионирање. Дисплејот на Panasonic ги заменува дури и прекинувачите во кокпитот.

На саемот за потрошувачка електроника во Лас Вегас станува очигледно дека Panasonic и останатите компании од браншата ќе имаат голем удел во автомобилите од иднината. Светскиот лидер во електроника разви нова генерација проекциски дисплеи со проширена реалност, коишто можат да проектираат големи виртуелни објекти директно во линијата на погледот на возачот.

Panasonic HUD + AR

Со комбинацијата од проекциски дисплеј и проширена реалност, возачот добива повеќе информации, исто како и предупредувања за можна опасност на патот. Класичната табла со инструменти отпаѓа целосно, исто како и повеќето традиционални прекинувачи во кокпитот. Виртуелните објекти се прикажуваат до 10 метри пред возилото, врз основа на тоа што ќе го регистрираат осумте камери поставени на возилото: По една камера напред и назад, една моќна камера, две странични камери, две камери за следење на главата и очите на возачот и камера за подрачјето надвор од видното поле на возачот.

Panasonic HUD + AR

Технологијата на проширена реалност ги препознава објектите пред возилото и го предупредува возачот, прикажувајќи соодветни сигнали во дисплејот. Покрај тоа, системот распознава дали се работи за пешак на патот, други возила или објекти.

Panasonic HUD + AR

Двете камери што постојано го следат возачот автоматски го приспособуваат проекцискиот дисплеј, за објектите да се појават точно во линијата на погледот на возачот. Кога возачот ја движи главата, виртуелните предмети се преместуваат соодветно и се поклопуваат со реалните објекти на патот.

Можни се најразлични комбинации: Приказот од страничните камери исто така се појавува во проекцискиот дисплеј директно пред возачот, може да се добие и глетка од птичја перспектива. Ретровизори? Нема потреба.

Panasonic HUD + AR

Во Renault Twizy, којшто е искористен како основа за демо-возилото на Panasonic отсуствуваат и многу од класичните команди, вклучувајќи ги и рачките зад воланот. Нивните функции се преместени на воланот, во комбинација со сензорско поле на допир. Секако дека возачот може во секое време да го избере видот и обемот на информациите во проекцискиот дисплеј.

Panasonic HUD + AR

Предноста е во тоа што возачот нема потреба да го оттргне погледот од патот за да прочита одредена информација или да вклучи функција – сé што е потребно се прикажува директно пред него.

Panasonic најави дека во блиска иднина ќе стартува со испорака на системот за сериско производство.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Саемот во Лас Вегас е фестивал на визионерите

Секоја втора Toyota во Германија е хибрид